ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Наоѓање на Чесната глава на Свети Јован Крстител

ОД СВЕТАТА ГЛАВА СТАНУВАА ЧУДА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Доследните Јованови ученици, ноќе, тајно го зеле неговото тело и го погребале во градот Севастија. Тие веднаш го известиле Христа за маченичката смрт на славниот маченик. Јовановата глава, Иродијада ја закопала во својот дворец, длабоко во земјата на некое нечисто место.
  • Пред Маркел одела ѕвезда и одејќи по неа влегол во пештера. Ѕвездата го донела до местото каде се наоѓала Чесната глава на Св. Јован. Повикувајќи го Бога, тој почнал да копа, видел плоча од камен, ја извадил и проговорил: "Пронајдов... сад во кој беше Чесната и блажена глава на Претеча".

Да се сетиме на беседата Божја, на зборовите Божји појаки од смртта: "Кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види до века". Св. Јован Крстител ги запази зборовите Христови во својот ум, во својата душа, во своето срце и на својот јазик, со сета своја волја. Заради својата морална чистота во Светото Писмо е наречен ангел. Тој го презре неморалот на Римскиот император Ирод и во тој незнабожечки свет храбро на лице му укажа за повредата на моралниот закон Божји: "Не ти е позволено да ја водиш жената на твојот брат". Саломија, наговорена од својата мајка Иродијада, ја побарала главата на Св. Јован Крстител. Ирод наредува да го убијат светителот.

Второ наоѓање на главата на Св. Јован Претеча

Џелатот влегува во затворот и со меч му ја пресече главата на Светителот. Главата му била отсечена на исток од Мртвото Море, во местото Махеруе. "И ја донесоа главата негова на табла и & ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си". Злобната Иродијада со игла го избодела јазикот на Светителот, светиот јазик со кој им ја кажа вистината за нивниот неморал, блуд и грев пред Бога.

ВО СОН

Доследните Јованови ученици, ноќе, тајно го зеле неговото тело и го погребале во градот Севастија. Тие веднаш го известиле Христа за маченичката смрт на славниот маченик. Јовановата глава, Иродијада ја закопала во својот дворец, длабоко во земјата на некое нечисто место. Но, дворјанката на Иродијада, добрата Јована, ноќта тајно ја ископа Чесната глава, "ја положи во земјен сад, ја однесе и ја погреба на Елеонската Гора, на имотот Иродов". По извесно време во Ерусалим пристигнал монахот Инокентие кој на Иродовиот имот решил да изгради мала црква. Копал длабоко и "по Божја промисла, најде земјен сад и во него глава... и тој созна дека е тоа главата на Крстител". Но, заради идолопоклонството, овој монах, пред својата смрт, ја целивал Светата глава и ја закопал на истото место каде ја нашол.

Тогаш се појавуваат големите Божји угодници цар Константин и неговата света мајка - царица Елена. За нивно време, Христовата вера процветала. Тогаш двајца монаси од Исток доаѓаат во Ерусалим да се поклонат на Светиот и Животворен Крст Христов. Св. Јован во сон им се јавил на двајцата монаси да ја ископаат од земја неговата Чесна глава. Им го покажал местото каде е сокриена. "Тие копајќи ја пронајдоа Светата глава на Крстителот, тоа неискажано богатство...". Тие ја предале светата глава на човекот од градот Емес, по занает грнчар, кој ја чувал и почитувал во својот дом. Пред смртта, по желба на самиот Св. Претеча, ја положил неговата Света глава во еден ковчег, го запечатил и го предал на својата сестра, наредувајќи & пред нејзината смрт да го предаде сандакот на богобојажлив човек.

СВЕТАТА ПЕШТЕРА

Потоа, Чесната глава дошла до некој монах Евстатиј, еретик кој живеел во пештера до градот Емес. Тој ноќта тајно "го закопа садот со Светата глава во пештерата, длабоко во земјата". По извесно време, при таа пештера е основан манастир. По повеќе години, Бог го благословил архимандритот Маркел да ја пронајде Чесната глава. На вечерната богослужба, Исакие "виде светлост каде гори во црквата на светата пештера". Пред Маркел одела ѕвезда и одејќи по неа влегол во пештера. Ѕвездата го донела до местото каде се наоѓала Чесната глава на Св. Јован. Повикувајќи го Бога, тој почнал да копа, видел плоча од камен, ја извадил и проговорил: "Пронајдов... сад во кој беше Чесната и блажена глава на Претеча". За тоа го известил архимандритот Генадие и ѓаконот Киријак. Тројцата заедно го известиле за тоа епископот кој утредента заедно со презвитерите и ѓаконите дошле во манастирот. Епископот Урание соборно отслужил богослужба, го извадил од земјата садот со Чесната глава, го внел во црквата и го положил во светиот олтар. Во градот Емес подигнале храм посветен на Св. Претеча и тогаш неговата Света глава ја пренеле во него. Значи, второто наоѓање на главата на св. Јован било во 452 година (Прво и второ наогање на Св. глава се слави на 9.03.).

Црковниот писател Св. Симеон Метафраст пишува за наоѓањето на Чесната глава на Св. Јован, поклонувањето на неа и нејзината чудотворна моќ, за испуштањето од неа на лековито миомирисно миро. Потоа била пренесена од градот Емес во Цариград во Црквата на Претеча. Подоцна тајно е пренесена во гр. Коман. Од Светата глава стануваат чуда. Св. Константин Велики и царица Елена подигнале Црква над гробот на Св. Јован Крстител во Севастија.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"