|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
МАКЕДОНЦИТЕ ВО БИОГРАФИЈАТА ЗА МАРКО АНТОНИЕ НАПИШАНА ОД ПЛУТАРХ
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Македонија и одделни Македонци оставиле значаен белег во животот на
познатиот римски генерал Марко Антоние!
- Во биографијата за Марко Антоние, Плутарх оставил неверојатно
интересно сведоштво, пишувајќи дека мајчиниот јазик на Клеопатра бил
македонскиот јазик!
М акедонците останале овековечени и
во биографијата за римскиот војсководител Марко Антоние
(Marcus Antonius) што ја
напишал древниот грчки историчар Плутарх.
Пред да поминеме на извадоци од оваа биографија, посветени на Македонците,
да кажеме неколку зборови за Марко Антоние.
Овој познат римски генерал се родил некаде околу 83 година пред Христа.
Во служба на римската војска војувал во Палестина, Египет и Галија. За време
на граѓанската војна помеѓу Помпеј и Јулие Цезар, Марко Антоние војувал на
страната на Цезар. По убиството на Јулие Цезар, Марко Антоние преку своите
говори успеал да го сврти расположението на народот против атентаторите и
нивните идеи. Заедно со Октавијан Август и Лепид го формирал Вториот
триумвират според кој тројцата владееле заедно во Римската империја. Во 42
година пред Христа војската на Марко Антоние и Октавијан Август кај
македонскиот град Филипи ја поразила војската на Брут и Касиј, т.е. војската
на убијците на Гај Јулие Цезар. Истата година тој ја повикал египетската
кралица од македонско потекло Клеопатра да се сретнат во Тарс за да му
објасни зошто одбегнала да помогне на војската на триумвиратот. Но, наместо
да ја казни, тој се вљубил во неа и заедно заминале за Египет. Во 40 година
пред Христа нему му биле доделени на владеење источните области од царството,
а за да ја зацврсти врската во триумвиратот тој се оженил за сестрата на
Октавијан Август, по име Октавија. Но, веднаш по бракот тој повторно заминал
во Египет и продолжил да живее со Клеопатра. Во 36 година пред Христа
неговата војска доживеала пораз од Патријаните, по што односите помеѓу него
и Октавијан Август се заостриле. На повидок била нова граѓанска војна. Во 31
година пред Христа војската на Марко Антоние и Клеопатра била поразена од
војската на Октавијан Август. По поразот тие заминале во Египет, а
остатоците од нивната војска почнале да дезертираат. Тогаш војската на
Октавијан Август стигнала до Александрија, а Марко Антоние добил лажна вест
дека Клеопатра се самоубила, поради што и самиот извршил самоубиство. Тоа
било во 30 година пред Христа. Истата година се самоубила и Клеопатра.
МАКЕДОНЦИТЕ ВО ЖИВОТОТ НА МАРКО АНТОНИЕ
Биографијата за Марко Антоние Плутах ја напишал кон крајот на првиот век
по Христа, што значи само нешто повеќе од сто години по неговата смрт.
Биографијата почнува со краток опис на семејството и потеклото на Марко
Антоние, а продолжува со опис на неговите војнички активности и приватен
живот.
Што се однесува до Македонците, овде прво е спомнат египетскиот крал од
македонско потекло Птолемеј Дванаесетти (таткото на славната Клеопатра Седма),
кој во тоа време имал сериозни проблеми со Римјаните. Спомнат е и Александар
Македонски и тоа во контекст дека Јулие Цезар сакал да биде ист како што
своевремено бил и Александар - најмоќен човек на светот. Спомната е и
Македонија, каде Цезар го повикал да појде Марко Антоние.
Сепак, најспомнувана Македонка во биографијата за Марко Антоние е
славната египетска кралица од македонско етничко потекло - Клеопатра Седма.
Ова е и сосема разбирливо, ако се знае дека таа играла важна улога во
животот на Марко Антоние. Плутарх дава значајни податоци од нејзиниот живот,
па дури и за нејзиниот личен карактер.
И додека древниот еврејски историчар Јосиф Флавиј го критикува нејзиниот
карактер, што впрочем е и сосема разбирливо ако се знае дека Клеопатра
извесно време ги припоила еврејските територии кон својата држава, древниот
грчки историчар Плутарх со восхит пишува за неа. Тој наведува дека таа
зборувала голем број јазици, при што индиректно дава споменува дека
нејзиниот мајчин јазик бил македонскиот. Плутарх пишува:
"Беше вистинско задоволство да се слуша звукот на нејзиниот глас со
кој, како инструмент со многу жици, таа преоѓаше од еден јазик во друг, така
што, имаше само неколку барбарски народи со кои разговараше преку преведувач,
додека со поголемиот број од нив таа директно разговараше. Такви беа:
Етиопјаните, Троглодите, Евреите, Арапите, Сиријците, Медите, Партијците и
многу други, чии јазици таа ги научи. Тоа беше уште поизненадувачко затоа
што повеќето од нејзините предци кралеви одвај се мачеа да го научат
египетскиот јазик, а некои од нив прилично го запоставија и македонскиот
јазик."
Ова многу значајно сведоштво од Плутарх ни зборува дека мајчиниот јазик
на Птолемеите бил токму македонскиот јазик! Гледаме дека, според Плутарх,
некои од нив (веројатно поради политички причини) го запоставувале
македонскиот јазик на сметка на јазикот коине. Но, Плутарх не пишува такво
нешто и за Клеопатра, што значи дека таа си го зборувала мајчиниот
македонски јазик. Да потсетиме дека Плутарх ова го напишал само стотина
години по смртта на Клеопатра (некаде околу 75 година по Христа), што значи
дека временски бил многу близу до настаните поврзани со неа.
МАКЕДОНЦИТЕ ЈА ЧУВААТ КЛЕОПАТРА
Плутарх ги споменува Македонците (во контекст со Клеопатра) и кога пишува
за заедничките дејства на Марко Антоние и на Клеопатра во обид да го
прошират своето влијание на околните територии.
По еден воен успех во Ерменија, Марко Антоние на Клеопатра
7 ги подарил териториите
на Кипар, Киликија, Феникија, дел од Сирија, Јудеја и Арабија. Така
Клеопатра, успеала значително да ја зголеми територијата на својата држава.
Тогаш Египет за миг повторно ја вратил својата стара слава. Била изградена
силна флота, која всушност му била потребна на Марко Антоние во неговата
борба против опонентите во Рим. Оваа победа била грандиозно прославена во
Александрија. На јавната прослава Клеопатра била претставена како божицата
Изида, а Марко Антоние себеси се претставил како македонскиот бог Дионис. Во
тој победнички занес, Клеопатра и Марко Антоние посакале да создадат светска
империја, исто како што тоа своевремено се обидел да го направи и Александар
Македонски. Плутарх дава детален опис на овој победоносен занес на Марко
Антоние и на Клеопатра:
"...Беа поставени два златни трона врз сребрена платформа. Едниот беше
за него (Марко Антоние, з.м.), а другиот за Клеопатра. Крај нивните
нозе беа поставени пониски тронови за нивните деца. Тој ја прогласи
Клеопатра за кралица на Египет, Кипар, Либија и дел од Сирија. За владетел
што ќе владее заедно со неа го прогласи Цезарион (Птолемеј
Четиринаесетти, з.м.), угледнот син од претходниот Цезар, кој ја остави
Клеопатра со дете. Неговите сопствени синови од Клеопатра беа прогласени за
кралеви над кралевите. На Александар тој му ја даде Ерменија и Медија,
заедно со Партија, веднаш откако ќе биде завземена. На Птолемеј му ги даде
Феникија, Сирија и Киликија. Александар беше изведен пред народот во медиска
носија, со тијара со исправен врв, додека Птолемеј носеше чизми, наметка и
македонска капа опфатена со дијадема, каква што по обичај носеа наследниците
на Александар... И кога тие ги поздравија своите родители, едниот беше
примен од стражари Македонци, а другиот од стражари Меди и Ерменци.
Клеопатра тогаш, како и претходните пати кога се појавуваше пред народот,
беше облечена како божицата Изида и му се претстави на народот како Нова
Изида".
Всушност, Плутарх дава детални описи на целиот тек на настаните од
возбудливиот живот на Антоние и Клеопатра, а посебно за војната со Октавијан
Август и нивното расположение и однесување во таа војна. Во детали се
опишани и последните мигови од нивниот живот.
Што се однесува до крајот на Клеопатра, Плутарх дава интересен податок
дека таа (откако сфатила дека за неа нема друг излез) решила да се самоубие,
но отпрвин не знаела како да го изведе тоа затоа што била постојано
надгледувана од стражарите на Октавијан Август. Таа го замолила својот личен
лекар Олимп да и даде совет како да се отруе. Подоцна Олимп го запишал ова,
а тој запис дошол лично до Плутарх, кој тврди дека оттаму го пренел во
своето дело.
Потоа читаме дека Октавијан Август лично ја посетил Клеопатра, која била
падната во депресија. Таа се обидела да ја оправда својата поддршка на Марко
Антоние, но не била убедлива. Плутарх дава опис на нејзиниот изглед и вели
дека, иако била во тешка психичка состојба, се уште била привлечна и убава.
Тој го споменува и името на уште ден нејзин слуга, кој се викал Селевк
(старо античко-македонско име, од кое гледаме дека таа до последен миг во
своето окружување држела Македонци).
Октавијан Август ја напуштил Клеопатра. Плутарх пишува дека еден Римјанин
(Корнелие Долабела) ја симпатизирал Клеопатра и тајно ја известил дека
Октавијан Август планира набргу да го напушти Египет и дека било планирано и
таа да биде одведена, заедно со своите деца. Кога го слушнала ова, таа
упатила молба до Октавијан Август да и дозволи да го посети гробот на Марко
Антоние. Плутарх ги цитира зборовите на Клеопатра, кои таа ги кажала во
своето последно обраќање пред гробот на Марко Антоние, кои се полни со
емоции. Клеопатра, меѓу другото, рекла дека таа сега и самата е робинка и
дека тоа е нејзината последна посета на неговиот гроб. Потоа таа ставила
цвеќе на гробот, го бакнала и заминала во своите одаи. Откако се искапела,
наредила да и донесат јадење. Тогаш еден нејзин слуга и донел кошничка.
Стражарите на Октавијан Август му рекле на слугата да ја отвори кошничката
за да видат да нема внатре нешто сомнително. Тој ја отворил и на површината
се виделе само лисје и смокви. Слугата дури и ги понудил стражарите со
смокви, но тие се насмеале и го пуштиле да влезе кај Клеопатра. Тогаш
Клеопатра ја зела кошничката и наредила сите да излезат од просторијата,
освен нејзините две најверни слугинки. Таа му напишала писмо на Октавијан
Август во кое го замолила да ја погреба веднаш до Марко Антоние. Кога
Октавијан Август го прочитал писмото, сфатил за што станува збор и наредил
веднаш стражарите да појдат кај неа. Тие влетале во нејзините одаи, пред кои
стоеле другите стражари, кои зачудено ги пречекале. Сите заедно влегле
внатре и ја виделе Клеопатра мртва, облечена во кралски алишта, Крај неа
биле нејзините две слугинки, кои и самите биле на умирање откако влегле
стражарите. Плутарх пишува дека некои претпоставувале оти Клеопатра и
нејзините две слугинки умреле откако била каснати од змија отровница, која
била сокриена во кошничката меѓу лисјето и смоквите, но дека други
претпоставувале дека Клеопатра носела сокриен отров во украсот на нејзината
коса. Плутарх пишува и дека не била пронајдена змија во нејзините одаи, но
дека имало некаква трага, налик на трага од змија, во песокот веднаш до
прозорецот на одајата. Некои подоцна изјавиле дека на раката Клеопатра имала
траги од змиско каснување. Оваа верзија ја прифатил и Октавијан Август, кој
искрено жалел заради нејзината смрт и кој покажал восхит кон нејзиниот дух.
Тој наредил таа да биде погребана крај Марко Антоние, а наредил и да се
направи статуа на Клеопатра, на која била прикажана и змија околу нејзината
рака. Достојно биле погребани и нејзините две верни слугинки, кои умреле
заедно со својата кралица. Во продолжение читаме дека нејзианта ќерка (од
Марко Антоние), која исто така се викала Клеопатра, била мажена за кралот од
Јуба.
Инаку, Македонија е спомната во биографијата на Марко Антоние и во
контекст на битката кај Филипи (42 година пред Христа), во која се судриле
војските на Октавијан Август и Марко Антоние против војската на Брут и Касиј
(убијците на Цезар).
(Продолжува)
|