ИСТОРИЈА

Бугарските шпекулации со политичкото име на дел од македонскиот народ во средновековието (3)

НАМЕТНУВАЊЕ ТУЃИ ЕТНИЧКИ ИМИЊА НА МАКЕДОНЦИТЕ!

Пишува: Сариса ПАРАОС

  • Наложувањето на туѓото етничко име на Македонците за време на Самуиловото царство, се разбира, дека имало и одредени објективни политички причини.
  • Нашата историја располага и со домашни извори, кои докажуваат дека името "Бугарија" и било дадено на втората македонска држава во 970 година, како политичко име, под влијание на Византија.

Папскиот секретар Анастасиј Библиотекар од 9. век, одбележувајќи го походот на истиот император во 785 година, запишал: "За време на осумнаесеттата година од своето царување, Константин ги опленил Славиниите од Македонија, а преостанатите ги покорил" (ЛИБИ, т. 2., стр. 257).

За автономијата на словенските кнежества во западна Македонија говори и една тогашна титула, утврдена во императорската канцеларија, за која соопштува К. Иречек, а која гласела "Македонијан Склавинијас". (К. Иречек: "Историја на Бугарите", 1920, стр. 97).

Кога зборуваме за автономниот статус на словенските кнежества во Македонија не треба да заборавиме дека сепак Византиската империја си ги сметала нив за свое население и си ги чувала надворешните граници. Било со оружје, било со пари, Византија се спротивставувала на нападите на Аваро-Бугарите од северозапад, а кога во 679 година, од Дунав се појавиле Турко-Бугарите на Аспарух, кои почнале да ја минуваат реката и да ги пљачкосуваат и пленуваат Трако-Словените, императорот Константин Шести Погонат, се обидел да ги избрка. За жал, поради недоразбирање, овој поход се престорил во катастрофа, пред се за Тракијците, Македонците и Словените, и тоа за еден доста долг период. Како што е познато, земјите околу Стара Планина биле населени од Трако-Словените уште од втората половина на 6. век. Византија нив ги сметала за свои сојузници и поради тоа, тие го помогнале нејзиниот поход против Турко-Бугарите, со цел - заштита на границите на империјата.

Византија се грижела за секое надворешно посегнување по автономните словенски кнежества во Македонија. Така, во 774 година, кога бугарскиот хан Телериг решил да ја ограби Берзитија во северна Македонија, Византија превзела контраудар и го спречила ограбувањето на овој дел од нашата земја и одведувањето на нејзиното население во ропство.

Славинија и Славиниите во византиските извори се споменуваат и во 810 година, кога императорот Никифор Први Геник, кој заповедал војската која се побунила против него да биде расформирана и населена во "сите области на Славиниите" (ЛИБИ, т.2., стр. 267).

НОВОТО ПОЛИТИЧКО ИМЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ

Славиниите се спомнуваат и во 821 година во врска со востанието на Тома Словенинот. Во писмото упатено до германскиот император Људовик, византискиот император Михаил Рангаве, соопштува дека кон востанието на високиот византиски воено-началник Тома, се присоединил народот од "Тракија, Македонија и од околните Славинии" (исто, стр. 26).

Во 837 година се споменува кнежеството на Смолјаните во областа околу Серес и Родопите.

Во 869 година византиските извори веќе не говорат за словенски кнежества во северна (горна) Македонија. Причината е во тоа што, во таа година, поради политички причини, Византија била принудена северна Македонија да и ја подари на Бугарија. Со оваа поделба на словенските кнежества, тие веќе не можеле да ја играат онаа улога што ја играле дотогаш во Византија. Поради тоа, веќе не се зборува за словенски кнежества, туку само за Словени во југозападна Македонија. Византиските историчари престанале да се интересираат за словенските кнежества во северна (горна) Македонија, затоа што таа веќе станала бугарска територија. А, во средновековието(како и денес) тоа било нешто сосема вообичаено. Најсвеж пример за ова е поранешна Југославија, во која сите народи (Словенци, Хрвати, Македонци, Муслимани, Црногорци, па дури и Албанците) беа нарекувани Југословени, само затоа што живееја во Југославија.

За да добиеме уште појасна претстава за сето ова, ќе го наведеме и случајот со бугарскиот писател Алеко Константинов, кој ја посетил Америка во 1893 година. Стигнувајќи во Њујорк, на станицата, царинарникот го прашал за името. Кога го слушнал, му рекол (следи цитат од неговите Спомени):

- Вие сте Русин?

- Не, јас сум Бугарин.

- Што?

- Бугарин сум, од Бугарија!

- !?

-Бугарија! - викнав погласно, затоа што веќе почнав да се лутам на невниманието на тој Американец. Зарем е глув? Бугарин!

-Унгарија! - ме поправи тој.

-Каква Унгарија!? Бугарија! На Балканскиот Полуостров! Ме обзеде лутина, но и ме спопадна смеа, кога видов како тој се напрегаше да се при сети каде е тоа царство.

Се сетив дека можеби не го изговарам добро името на нашето кнежество, па затоа ја извадив географската карта пред него и го ставив прстот среде Софија.

- О, па вие сте од Турција!

- Не господине! - протестирав јас, а тој не сакаше ни да слушне. Ме запиша како Турчин. На тој начин тој го "потурчи" и докторот (сопатник на писателот, з.м.).

Американецот тогаш немал слушнато за ослободувањето на Бугарија па, иако, името на Алеко, јасно му покажувало дека тој не е Турчин (а и самиот така изјавил), тој сепак бил запишан како Турчин затоа што доаѓал од Турција. Исто било и со Македонците од северна Македонија кои, во средновековието, потпаднале под бугарска власт. Следствено на ова, не би требало да не чуди дека и по ослободувањето во 968 година, на Македонците им било наложено туѓото етничко име, додека, пак, остатоците од вистинските Бугари во тоа време биле нарекувани Мизи.

Наложувањето на туѓото етничко име на Македонците за време на Самуиловото царство, се разбира, дека имало и одредени објективни политички причини. Една од нив била таа што во тоа време, во границите на Византија, останала Македонија како одделна тема (административна единица, з.м.), но останала и Славинија во југозападна Македонија. Поради тоа, Византија никако не можела да признае уште една област по име Македонија вон границите на својата територија, а ниту пак да признае уште една област што се викала Славинија, која исто така тогаш не била во границите на Византија. Гледано од правен аспект, таквиот потег на Византија би и дал можност на новата македонска држава во северна Македонија, во иднина, да претендира да ги придобие и преостанатите свои делови, кои тогаш се наоѓале под власта на Византија.

САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО СЕ ВИКАЛО СЛАВИНИЈА

Сепак, постојат многу сведоштва според кои решението северна Македонија да биде наречена како "Бугарија" од страна на Византија, било неприфатливо. Византиските хроничари или историчари, честопати биле принудени, пишувајќи за "Бугари", да дообјаснуваат дека тоа се однесува на Македонците или на Словените. Така, на пример, Јован Зонара, кој пишувал само неколку децении од покорувањето на Самуиловото царство, во 1018 година, во својот "Речник", објаснува што треба да се разбере под поимот "Бугарија", тогаш кога вистинските области на Бугарите веќе носеле други имиња. Тој пишува:"Славинија-Бугарија"(ГИБИ, т. 7.стр. 17). Во овој "Речник" Зонара открива дека за време на преговорите во 970 година, на втората македонска држава и било дадено ова политичко име.

Не е само Јован Зонара тој што објаснувал дека новата македонска држава, т.е. Самуиловото царство, всушност е поранешното северно-македонско кнежество Славинија. Византискиот полководец Никифор Вриениј, како управник на Драч, учествувал во задушувањето на востанието на Ѓорѓи Војтех во 1072 година. Во своите Спомени, иако го користи политичкото име на земјата (Бугарија), морал да дообјасни каков народ живеел овде, па вели: "Бидејќи Печенезите вршеле препади во Тракија и во Македонија (источна, з.м.), племето на Словените ја отрфлило византиската власт и ја пустошело и ограбувало Бугарија. Биле разграбени Ниш и Скопје... (исто, стр. 115). До колку човек не е запознат со деталите околу политичкото име кое тогаш им било наметнато на Македонците, читајќи ги овие редови, ќе помисли дека Словените од Македонија ја нападнале вистинската Бугарија од онаа страна на Стара Планина. Но, востаниците всушност ги отфрлиле византиските администрација и институции во Македонија, ги ограбиле магацините со оружје со цел да се вооружат и ги избркале византиските гарнизони од нашата земја.

По востанието на Ѓорѓи Војтех, Никифор Вриениј бил назначен за управник на цела Македонија. Целта на ова назначување била, како што признава самиот Вриениј, "...преку него да се смири засилениот словенски народ" (Исто, стр. 116).

Не се потребни други примери за да разбереме дека тогашното политичко име на Македонците не одговарало на нашата етничка припадност и дека, иако византиските хроничари и писатели ја нарекувале нашата земја со името Бугарија, народот немал ништо заедничко со Бугарите.

Историјата располага и со западни извештаи, кои докажуваат дека во Македонија никогаш не живееле Аспаруховите Турко-Бугари. Венецијанскиот дипломат Јован Ѓакон, во најстарата Венецијанска хроника (која го опфаќала времето од 980 - 1008 год., т.е. од времето на цар Арон и на брат му Самуил), во описот за решението на венецијанскиот дож Петар Урс (980-1009) да го испрати на заточение својот син во Византија, го соопштува следното:"По извесно време Јован, кој бил на заточение во Зара (Стара Загора, з.м.) избегал најпрво во Славинија, а потоа отишол во Италија." (ЛИБИ, 7. 2. стр. 348). И одовде се гледа дека Јован Ѓакон ја нарекол новата македонска држава, т.е. Самуиловото царство, со името што го носела до 869 година, а тоа е името - Славинија!

Нашата историја располага и со домашни извори кои докажуваат дека името "Бугарија" и било дадено на втората македонска држава во 970 година, како политичко име, под влијание на Византија.

Да се потсетиме дека, по добивањето на северна Македонија, бугарската држава на оваа област и дала ново име, кое го носела и за време на тројцата бугарски христијански владетели: Гобор (вистинското име на Борис, з.м.), Симеон и Петар, т.е. до крајот на бугарското владеење со Македонија. Според современикот на таа епоха, авторот на Пространото житие на Свети Климент Охридски, северна Македонија, наместо Славинија, тогаш била наречена Котокија. Спротивставувајќи се на толкувањата од Пространото житие, В. Златарски соопштува: "Под 'третиот дел' треба да го разбереме целиот југозападен дел од бугарската држава од времето на Борис (В. Златарски, Историја... т.1., дел 2, стр. 234).

Дополнителен доказ дека горна (северна) Македонија, откако била подарена на бугарската држава, го носела името Котокија, наоѓаме во уште еден дел од наведеното житие на Климент Охридски. Раскажувајќи за средбата на Климент со Симеон во Преслав, во 894 година, агиографот запишал: "... Тогаш царот го повикал кај себе светецот, започнал разговор со него и откако примил осветување од самата негова надворешност, бидејќи блажениот бил многу почитуван дури и од своите непријатели, почнал да ја фали земјата на Бугарите и да му завидува на своето царство, поради тоа што примило толку големо добро од Бога (Ал. Милев, "Грчките житија на Климент Охридски", 1966, стр. 129).

Колку и да предаден нејасно овој пасус од Теофилакт, во кој, тој ја нарекува северна Македонија како "земјата на Бугарите", јасно се гледа дека цар Симеон зборувал за неа како за земја, различна од неговото царство од онаа страна на Стара Планина. Тој ја фалел туѓата "земја на Бугарите" (а всушност на Македонците), иако и самиот бил Бугарин.

(Превод од бугарски:

Александар Донски)

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"