ИСТОРИЈА

Страшо Пинџур, народен херој, 60 години од смртта

МАКЕДОНЕЦ ДО КРАЈОТ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Македонската историја на своите страници има регистрирано, во продолжение на повеќе столетија, низа бележити дејци кои свесно се жртвуваа за крајната цел - создавање на сопствена и независна држава.
  • Смртта на Страшо Пинџур, истакнат раководител на македонскиот народ - во Скопскиот Пазар на 4 јануари 1943 година, наместо страв, како што очекуваа поробувачите, уште повеќе го разбуди борбениот дух кај неговите следбеници.

инџуров, освен што го кажа името, не сакаше ништо друго да каже. И, затоа почнавме да го тепаме. Го тепавме јас, Тењу Рајков, Илија Недков, Анто Антов, Тодор Маринов и Ангел Трпев.

Впечатокот по неговото фаќање во полицијата беше силен. Штом го дознавме неговото име, јас отидов кај началникот на безбедноста Цанков и му соопштив дека Пинџуров не кажува ништо. Кога го чу тоа, Цанков ми рече: 'Та нели си ја знаеш работата!'".

ГО ТЕПАВМЕ...

...со гумена палка по табаните и по целото тело. Секаде каде што ќе стигневме. Тепан беше два дена без престан. Во многу тешка положба беше одведен во неговата ќелија.

Наредниот ден, попладне, го испратив Тодор Маринов да дојде на испитување. Испратениот агент веднаш се врати и ми рече дека Пинџуров умрел во ќелијата. Потрчав кон неговата ќелија за да го видам: го најдов легнат и околу него на подот имаше траги од пена од устата...

Потоа областниот полициски началник Стефан Симеонов нареди да се пренесе трупот во визбата долу. По некое време во визбата дојде и Симеонов и откога го виде умрениот Пинџуров нареди: 'Уште вечерва да биде закопан некаде'! Знам и за тоа дека ноќта Тодор Пашев, заедно со агентот Анто Георгиев го изнесоа мртвото тело на Пинџуров со мотоцикл. Дали го закопале некаде, или пак, го фрлиле трупот на Пинџуров во Вардар, навистина не знам".

Така звучеше исказот на началникот на групата 4 при обласната полициска управа на Скопје, Љубомир Јорданов, по повод измачувањето и трагичната смрт на народниот херој Страшо Пинџур, кому се уште не му се знае гробот. Страшо беше еден од најактивните македонски студенти на Белградскиот универзитет, член на Акциониот одбор на Универзитетот - централно раководство на Организацијата "Народен студент".

Во предизборната активност во 1938 години, Страшо помина низ повеќе градови во Македонија како агитатор на опозицијата. Со повеќестраната дејност тој прерасна во народен трибун, што го раздвижи духот на своите сотатковци - Македонци.

Првите скоевски групи и партиски ќелии во Кавадарци и во Ваташа ги создаде Страшо. Во Кавадарци формира и Местен комитет на Партијата. Под неговото раководство во 1940 година во градот беа изведени илинденските демонстрации, настан кој предизвика голем револт кај полицијата.

Неговата активност во Белград и во Македонија беше забележена од големодржавниот српски режим и кон крајот на 1940 година Страшо е затворен во Кавадарци. Оттаму е спроведен во Белград и повторно во "Главњача". По жестоко тепање беше однесен на "Ада Циганлија".

По речиси двомесечен престој на "Ада Циганлија", Страшо е пуштен од затвор и веднаш, по задача на Партијата, замина во Скопје на работа во Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија. Тука беше ангажиран во партиската техника и заедно со својот стар другар и соборец во Белград, МирчеАцев го издава весникот "Искра" - орган на Покраинскиот комитет. За време на априлската војна во 1941 година, Страшо и Мирче се наоѓаа во Скопје. Беа сведоци на пустошот и на ужасот во градот. Потоа заминаа за Велес, а оттаму во Кавадарци и Прилеп. Во овие места се среќаваа со активисти на Партијата, на СКОЈ и на Младината и разменуваа мислења во врска со новите настани и претстојните чекори за дејствување. Набргу, Страшо повторно се враќа во Скопје и работи на партиска техника. Неприфаќањето на курсот за вооружена борба предизвика револт кај него. По формирањето на новото раководство на Покраинскиот комитет на чело со Мирче Ацев, во јуни 1942 година, Македонија беа создадени неколку нови партизански одреди. Со цел да ја засилат нивната дејност, Мирче и Страшо излегуваат на терен. Со повеќе мали одреди на подрачјето на Азот и Мукос го формираат партизанскиот одред "Димитар Влахов". Со одредот извршија неколку акции, а повремено слегуваа во Прилеп и Велес заради координација со градските активности. Токму во развојот на ослободителната борба, кога дејци од профилот на Мирче и Страшо му беа најпотребни на својот народ, се случи фаталниот 19 декември. Тие во Велес паднаа во рацете на бугарската фашистичка полиција. Набргу, беа префрлени во Скопје во посебни простории, сослушувани и жестоко измачувани. Иако, најголем дел од активноста во служба на татковината го поминаа заедно, по иронија на судбината, смртниот час го дочекаа разделени.

НАРОДНИОТ ХЕРОЈ...

...Страшо Пинџур е роден на 3 март 1915 година во село Ваташа, Кавадаречко. Мошно бргу останува без родители. По смртта на татко му во почетокот на Првата светска војна, во борбите кај Криволак, мајка му пак се премажува во Неготино, а грижата за него ја презеде баба му.

Детството на Страшо беше тешко. Баба му, жена во поодминати години, не беше во состојба да ги обработува нивите, па ги даваше под наем. За нив добиваше половина од реколтата, а примаше и паричен надомест за одгледување на Страшо. Сепак, приходите не беа доволни за нормално живеење. Поради немање родителска љубов и топлина, Страшо како што го викаа ваташани, стана многу чувствителен. И покрај тоа, како и повеќето деца, и Страшо беше многу љубопитен. Потребата од родителската нежност го гонеше често да оди во Неготино кај мајка му. Таму се чувствуваше среќен, зашто и тој имаше мајка, иако премажена сепак му беше мајка. Страшо основно училиште завршува во Ваташа, а нижа гимназија учи во Кавадарци, секојдневно одејќи пеш од Ваташа до градот.

Великосрпскиот режим на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, плашејќи се од создавање се побројна македонска интелигенција која отворено истапуваше против политиката на асимилацијата и денационализацијата, направи промена во својата просветна политика. Од 15 гимназии: осум полни и седум нижи, колку што имаше во 1925/26 година кога Страшо требаше да се запише во гимназија, во учебната 1932/33, во Македонија имаше само три гимназии.

Завршените средношколци од "југот" беа упатувани во посебни интернати во Србија - како посоодветни места за србизирање на младите Македонци. Прилог кон таквата големосрпска политика беше и давањето државни стипендии за посолидни, а материјално посиромашни ученици.

Желбата за наука, одличната карактеристика и семејната состојба на Страшо му овозможија да стане државен стипендист - питомец, прво во Крагуевац. Новата средина придонесе за мисловно созревање на младиот Страшо. Интензивно размислува за сопствената состојба, но и за положбата на својот напатен македонски народ. Личните осознавања ги бележи во една тетратка, подоцна позната како "Дневникот на Страшо Пинџур". По здобивањето со висока матура во Крагуевац, Страшо се запишува на студии по право во Белград. Неговата определба наиде на благ удар кај баба му Наца. "Ете, ти не ме послуша. Ти велев да учиш за учител, да го наследиш татко ти, да бидеш близок до народот. А ти!".

Страшо, и покрај почитта кон баба си, продолжува по определениот пат, зашто сакаше да навлезе во тајните на општествените закони, за поуспешна борба против режимот во Белград. Таму се вклучи во илегалниот живот. Се дружеше со Кузман Јосифовски, со Димче Левков, со Мирче Ацев и други. Учествуваше во повеќе штрајкови на работниците, а направи обид да замине за Шпанија како доброволец.

По создавањето на легалната организација "Народен студент" од страна на Партијата, Страшо влезе во нејзините редови. Тоа го однесе и во злогласниот затвор "Главњача", а потоа и на "Ада Циганлија". Тогаш започна и крајот на неговата голгота.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"