ФОРУМ

КАКО КЛОЦНА БОРИС МАГАРЕТО!

Симе Пандовски, Битола

Господине редакторе, можеби ќе се прашувате дали насловов се однесува на "вашиот" Борче, кого вие не можевте да го условите со учтивото "Вие" и тоа е сосема заслужено штом веќе прави такви лапсузи, како што вие велите. Да, станува збор за истиот човек, но насловот не е избор заради заслуги или незаслуги, туку е само употреба на неговото вистинско име и неговиот прекар. Така го знаат и така го викаат луѓето во селото. Порано и мене ми беше чудно кога слушнав дека така го викаат, но тогаш не знаев дека толку многу клоцал.

Вие се жалите и велите дека Борис Магарето, со неговиот текст на веб-страницата во Интернет им дал нов аргумент на "Грците", за да можат да трубат насекаде и да кажуваат дека овие Македонци не биле Македонци. Па тоа дело не е толку негово, колку што е дело на тие што го учеле, или на оние кои се околу него и коишто не знаат ништо за своето потекло и везден шетаат и ги бараат своите корени на друго место, а не во Македонија. Па, да ви кажам господине редакторе, Грците имаат купишта пишани трудови во Скопје. Тие секогаш нив ги користат на многу меѓународни пригоди, особено кога се расправа за нашата татковина Македонија. Тие постојано ги цитираат нашите историчари кои шаблонски пеат и како "чиста Дана" ја рецитираат нивната шаблонизирана теза дека Македонците биле дојдени од некои пустелии во карпатските предели и тоа во време кога едвај се накотил градот Киев и подолго време имал недостаток на население, што значи немал вишок на население за извоз, туку обратно, нему му било потребно увезено население за да ги протера оттаму турко-татарските или хунско-хазарските колонијалисти, за тој потоа постепено да прерасне во држава којашто во историјата е позната како Киевска Русија.

Македонија, господине редакторе, отсекогаш била инкубатор или пиљарник за пилење на пилиња, коишто постојано летаат и ги полнат јатата во околните и подалечните предели на Европа, за во најново време да стигнат и до Канада, Америка, Австралија и Нов Зеланд. Зошто е тоа така, сигурно дека не може да се одговори со една реченица, затоа што се испреплетуваат повеќе фактори, од кои највпечатлив е оној најстрашниот - прогонувањето и одродувањето на македонскиот народ што го правеле вазалските владетели на Македонија, не само од времето на самодржните деспотски владари, туку и оние од нашето поблиско минато и од сегашното време. Јас сум сигурен дека Грците, и не само тие, кога ги негираат Македонците, тие не мислат на вистинските Македонци, туку на оние недокваканите кои, не само што не знаат што се, туку и не знаат што сакаат да бидат. Тие не ги негираат Македонците коишто се потомци на вистинските древни Македонци, туку напротив, тие ним им имаат стравопочит и затоа држат под нивна управа голем дел од македонскиот народ, на кои ние им забележуваме за нивното гркофилство. А тие кутрите, и да сакаат да се оддалечат од тоа, се ставени во ќорсокак кога гледаат дека нивните еднородни браќа се одродуваат и бегаат од својот род. Тоа наликува на она што некогаш го рекол Кузман Шапкарев: "Едвај се спасивме од Грците, сега Шопје да станеме?". Друго е прашањето кој од кого потекнува. Науката, онаа вистинската и некомпромитираната, јасно ги разграничила народите, особено Македонците и Грците. Па и едните и другите се стар народ и не сакаат некои нецивилизирани или арамиски луѓе да им ја земаат славата и севкупните историско-културни вредности, коишто ги создавале древните народи, во кои не припаѓаат оние што се одродиле, се асимилирале или ги накалемиле калемџиите од 18-то или 19-то столетие, на кои им биле давани божем наскришум документи и книги за да ги копираат и наивно, свесно - несвесно, да го одродуваат целиот македонски народ. Тоа, господине редакторе, не е возможно, затоа што Македонија и македонскиот народ имаат предлабоки корења и не можат да се исушат. Не случајно Римјаните некогаш рекле: "Македонците и на камен да ги посееш тие повторно ќе никнат и ќе виреат".

Јас сум дел од тие одлетани јата по светот и кога разбрав дека мојата татковина Македонија има потреба од своите чеда, по три децении без двоумење дојдов кога нејзе & беше најтешко во 1992 година и останав меѓу мојот изнемоштен, изнамачен и оголен до кожа македонски народ, со кој ги споделувам сите маки и неправди. Јас знам дека ова на тие недоквакани ќе им прозвучи националистички, но да бидеш националист е доблест, не е кукавичлук. Впрочем, националист е човек што си ја сака и ја љуби својата нација, што тие често знаат да кажат "патриот", што суштински ништо не менува, само второво е на грчки и ним како повеќе да им годи.

А што се однесува до оние "учени патриоти" од нивниот Титов цутен период, кои пишувале дела, особено историски, по нарачка, со препишување, па и "поткраднување", односно потпикнување наводно "скришум" по некоја шаблонска книга од "браќата", откако се оттарасија од Коста Рацин, Коле Неделковски, Богољуб Андоновски, Богоја Шамбевски, Драган Богдановски и безброј други македонски интелектуалци, почнаа да го шаблонизираат својот народ и на крајот и самите станаа нечии шаблони. Почнаа да пишуваат за покојните македонски преродбеници од поново време и од толку многу почит кон нив, само за нив се држат како пијан за бандера, но кога истите починаа и пристигнуваа во ковчези, не ги пуштаа да ја преминат тогашната граница на "братството и единството", да бидат погребани во својата татковина, туку им ги оставија на Бугарите да ги погребаат во Софија. Така направија со Мисирков, така направија со многу други македонски дејци, и за малку така ќе направеа и со Драган Богдановски, но благодарение на некои национално свесни и совесни Македонци, успеаја да го донесат и да го погребаат во неговото родно место.

Господине редакторе, јас знам дека за предавство на својот род и Господ знае да казнува - некои ги осакатува, некои ги ослепува, а некои ги остава со едно око, некои умираат зинати во телевизиските куќи пред екраните, како еден од учесниците во грабнувањето на покојниот Драган Богдановски од Минхен, кој го носел опијанет да го судат вазалните власти во својата земја на 14 години робија. Ништо не е заборавено и незнаено, факелот на ДООМ не е згаснат и нема да згасне додека не се реализира македонскиот национален идеал.

Се разбира, горенаведените критики не се упатени до сите активисти од споменатиот "цутен" период, затоа што и во тој период многубројни се оние коишто биле чесни и не земале учество во таквите одроднички дејанија, затоа што и мојот татко бил учесник во ослободителната војна и никогаш не сакал ништо повеќе освен ослободување на својата земја. Се надевам дека еднаш ќе се свестат недокваканите и ќе почнат да човекуваат, а не да магаруваат и да клоцаат во Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"