|
КУЛТУРА
Јасмина Гуњова, фолк-пејачка, повторно се враќа на музичката сцена
НАЈГОЛЕМА НАГРАДА МИ Е ДОБРО ОТПЕАНАТА ПЕСНА
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- По нејзиниот настап на "Цветници 92" се појавува дури следната година
на истиот Фестивал. Потоа следеле настапите на "Валандово 93", додека во
1994 година веќе ја имаше на сите фестивали - "Гоце фест", "Охридски
трубадури", "Тетовски фестивал"...
- На денешните пејачи им е многу лесно да влезат и во фолк и во поп
естрадата затоа што има многу приватни студија каде може секој да снима,
вели Гуњова.
Ј асмина Гуњова, иако е дипломиран
професор, сепак убавиот глас што го поседува ја натера да заплива сосема во
друга насока, во водите на фолк-естрадата. Со музичката кариера започнува во
1992 година со настапот на Фестивалот "Цветници", но сепак таа има одредено
искуство кога станува збор за музиката. Посетувајќи го музичкото училиште,
учи да свири на клавир, но преовладува љубовта кон хармониката. Токму со
овој инструмент станува дел од неколку културно-уметнички друштва со кои има
повеќе настапи, како во Македонија така и надвор од неа.
Иако последниве четири години немавме можност често да ја гледаме на
ТВ-екраните, сепак Гуњова зад себе има снимено две касети, а во моментов
поседува богат фонд на песни испеани од нејзиното грло кои чекаат само
момент да се најдат на носач на звук.
ПОЧЕТОЦИ
Јасмина Гуњова вели дека сосема случајно станала она што е денес - пејач
на народни песни.
Работев како професор во Средното текстилно училиште во Штип и еден
колега случајно ми кажа дека во Македонската телевизија имало некој
штипјанец во народна редакција, вели Гуњова. На сите прослави и
празници пеев и свирев на хармоника и токму тоа ме охрабри да отидам на таа
средба во Македонската телевизија. За таа цел снимив дванаесетина
македонски изворни песни со еден оркестар од Берово за да се слушне како
пеам. На закажаната средба не прими Јане Коџобашија кој ги преслуша
снимените песни и му се обрати на Мате Грујовски. Меѓу снимените песни беше
и песната "Кога бев мома при мама" која всушност е песна на Мате Грујовски
кој беше воодушевен како јас ја пеам. Тој тогаш ми предложи да настапам на
претстојниот Фестивал "Цветници" кој требаше да се одржи за неколку дена.
Иако за мене сето тоа беше многу брзо и неочекувано, сепак успеав да
настапам за првпат на "Цветници" во 1992 година со песна на Томислав
Таневски - "Не сум вино за пиење". Се се одвиваше многу брзо, бев на
сцената и не можам да кажам дека тоа беше некој мој професионален настап.
Затоа и не очекував да влезам во финале. Сепак, тоа беше мој прв
настап, но за мене беше голем чекор напред во светот на естрадата.
И пред да помисли дека еден ден ќе стане пејачка, Гуњова долго време
настапувала со нејзината хармоника заедно со неколку културно-уметнички
друштва со кои гостувала на погранични средби, потоа свирела и во Бугарија и
на многу други манифестации.
Додека одев во музичкото училиште свирев на клавир, но бидејќи дома место
тој инструмент ја имав хармониката, вежбав на неа, додава Гуњова. За
жал, музичкото училиште не го продолжив затоа што во тоа време само во
Белград можеше да се доусовршувам кога стануваше збор за инструментот
хармоника.
НАСТАПИ
По нејзиниот настап на "Цветници 92" се појавува дури следната година на
истиот Фестивал. Потоа следеле настапите на "Валандово 93", додека во 1994
година веќе ја имаше на сите фестивали - "Гоце фест", "Охридски трубадури",
"Тетовски фестивал"...
Секако на овие фестивали се закитив и со неколку награди, претежно од
жири-комисиите, но како најдрага би можела да ја издвојам песната од Љупчо
Трајковски - Фис, "Љубев јас еднаш", објаснува Гуњова. Меѓутоа, моите
песни не се само од еден автор. Соработувам со повеќе композитори. На мојата
прва касета, "Љубов медена", што ја реализирав во Македонската телевизија во
1994 година, најмногу се застапени песните на Тодор Трајчевски.
Следната касета насловена како "Неверни очи зелени" ја снимив самостојно во
1997 година.
Со самата смена на раководството на МРТВ, Јасмина Гуњова се повлече и
паузираше четири години од оваа продукцијата.
Македонската телевизија ми беше матична куќа, а исто така и "Цветници" ми
беше матичен Фестивал, но четири години не настапив токму поради
раководството кое дојде на чело на оваа институција, додава Гуњова.
Со смената на човекот кој беше на врвот на раководството повторно ми се
отворија вратите во оваа телевизија. По четири години пауза, сега сум
подготвена повторно да снимам касети и CD-а.
Веќе сум договорена со "Сенатор рекордс", се чека само на мене да направам
избор на песни, но тоа ќе ми биде многу тешко затоа што имам материјал за
две CD-а.
На тоа ново CD
би сакала да вметнам и неколку нови песни, покомерцијални.
Во последно време претежно пеам песни од Милан Зафков, но секако не ги
запоставувам и другите автори. Најмногу сум наклонетај односно најмногу ми "лежат"
баладите, додека брзите песни ги пеам ако морам по препорака на
хит-мејкерите дека е неопходно за публиката да се отпеат и брзи песни.
ЗА ФЕСТИВАЛИТЕ
Според Јасмина Гуњова, сега во Македонија нема премногу фестивали.
Порано можеби имаше, но сега не, вели Гуњова. Инаку, тие фестивали
за мене се повеќе како приредби и манифестации, отколку фестивали во
вистинска смисла на зборот. Не е веќе како порано, еве како пример ќе го
земам Фестивалот "Валандово", кога три дена се живееше за него со сите тие
придружни забави и фешти. Потребно е да има повеќе фестивали за да има
простор младите таленти да се афирмираат. Кога станува збор за
купување награди и местење на фестивалите, искрено сметам дека тие отсекогаш
биле наместени, немало многу обективност, меѓутоа некоја награда сепак ќе
дојдеше во вистински раце. Но, јас со тоа воопшто не се оптоварувам.
Не ме интересира да купам повеќе карти за да добијам повеќе гласови.
Мене ме интересира само добро да отпеам и тоа секако дека најмногу ќе ме
исполни. Искрено, малку сме хедикепирани со текстови, малку се
текстописците. Работев со Владимир Нејашмиќ - Бато кој според мене беше
текстописец по мерка, но за жал тој веќе не е меѓу нас. Сега сме ограничени
само со неколку добри текстописци кои прават премногу текстови годишно, така
што текстовите се се едно исто, веќе кажано.
Госпоѓа Гуњова е запозната со шпекулациите кои зборуваат дека забавната
музика е во подем, додека фолк-музиката тапка во место, но не се согласува
со таа констатација.
Навистина, вели таа, сега е многу лесно да се влезе и во фолк и во
поп-естрадата. Има многу приватни студија каде може секој да снима, доколку
има пари. Кога почнував јас постоеше само МРТВ. Таму не можеше секој да
влезе и не можеше каква било продукција да излезе од таму, каква било песна
или снимка. Продуцентите на оваа куќа не дозволуваа да се снимат какви било
материјали. Тоа беше како некој филтер на прочистување на она што не е
квалитетно. Кога станува збор за настапите надвор од Македонија, секако дека
имам гостувано во повеќе држави каде што има Македонци. Во 1993 година во
Австралија заедно со дваесетина пејачи го одржавме Фестивалот "Валандово".
Тоа беше едно прекрасно искуство и дружење со нашите сонародници. Имам
гостувано и во Германија, а во Америка бев на една голема турнеја заедно со
Наум Петрески каде што одржавме четиринаесет концерти.
Моите идни планови се да се активирам малку повеќе во врска со мојата
музичка кариера која бара здрава работа и сериозен пристап. Планирам да
настапам на валандовскиот Фестивал, имам понуди да настапам и на други
фестивали, но ќе настапам само доколку имам добра песна.
|