Бесник Фетаи приведен во Хрватска
Поранешниот министер за економија, Бесник Фетаи, по кого беше распишана
меѓународна потерница, е приведен од хрватските власти при рутински претрес
на неговото патничко возило на границата со Босна и Херцеговина. Во моментов
се вршат проверки и се подготвуваат документи за екстрадициски притвор,
изјави портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Мирјана Контеска.
Фетаи се товари за злоупотреба на службена должност.
Министерството за правда на Република Македонија на петти овој месец
соопшти дека презема активности за екстрадиција на поранешниот министер за
економија, Бесник Фетаи.
Средба меѓу Ахмети и Штајнер
Али Ахмети, терористот од ДУИ, во Приштина се сретна со шефот на УНМИК,
Михаил Штајнер.
На средбата Ахмети истакнал дека целта на регионот мора да биде негова
интеграција во Европската унија, додавајќи дека Албанците ќе дадат "целосен
придонес" на овој процес.
Клуч за постигнување траен мир во Македонија е целосната имплементација
на охридскиот Договор, изјавил Ахмети.
При тоа тој нагласил дека е потребно време и трпение и кај Албанците и
кај Македонците, бидејќи договорот не може да биде имплементиран "преку ноќ".
Кој ќе биде преговарач за името?!
Владата чека претседателот Трајковски да предложи преговарач околу спорот
за името со Грција. Тогаш Владата ќе даде согласност за именувањето на
преговарачот. Овој владин став го обелодени портпаролот Сашо Чолаковски.
Американска помош за грчко-македонскиот спор
САД ќе сторат се за да им помогнат на Македонија и на Грција да најдат
заемно прифатливо решение за спорот околу името, изјавил американскиот
амбасадор во Скопје, Лоренс Батлер, во интервју за "Битолски весник".
За некои преговори е потребно време и разговорите меѓу владите во Атина и
во Скопје ќе траат толку долго колку што е потребно, бидејќи нема друг начин
да се реши проблемот. Јасно е дека Грците имаат проблем, без разлика од која
причина, со тоа Македонците да го користат името Република Македонија. И
јасно, не би било политички можно македонските политичари да прифатат друга
формулација од онаа што е веќе во Уставот. Грците се наши сојузници во НАТО,
тие ни се блиски пријатели. Македонците ни се блиски пријатели и партнери во
Партнерството за мир и му изразуваат поддршка на претседателот Џорџ Буш во
напорите да се разоружа Садам Хусеин. Ние тоа го цениме и ќе сториме се за
да им помогнеме на нашите заеднички пријатели да најдат заемно прифатливо
решение, вели Батлер во интервјуто.
Конференција за балканските проблеми
Либерализација на визниот режим и проблемот со трговијата со луѓе беа
теми на Конференцијата на министрите за внатрешни работи на Југоисточна
Европа што се одржа во Белград.
На дводневниот собир учествуваа министрите за внатрешни работи на
Македонија, Албанија, Босна и Херцеговија, Бугарија, Грција, Романија,
Турција, Србија и Црна Гора, како и на Хрватска, во својство на набљудувач.
На состанокот е истакнато значењето на регионалниот пристап во борбата
против организираниот криминал, како еден од најголемите регионални проблеми
и пречка за економскиот развој и европската интеграција на Балканот.
Министерот за внатрешни работи, Хари Костов, на Конференцијата се обратил
со излагање за последните активности на Министерството околу сузбивањето на
криминалот и трговијата со луѓе. Потоа имал билатерални разговори со
српско-црногорскиот министер за внатрешни работи Зоран Живковиќ, а
македонската делегација одржала повеќе средби на експертско ниво.
Австриска поддршка за влез во ЕУ
Амбасадата на Австрија во Скопје соопшти дека поддршката на приемот на
државите од Балканот во ЕУ е една од главните точки што се содржани во
програмата на новата австриска Влада на канцеларот Герхард Шисел. Во
програмата се нагласува дека ќе се поддржуваат напорите на Хрватска и на
другите држави од Југоисточна Европа кои се зрели да пристапат со што се
мисли и на Македонија.
Грчки газда на "Дијос"
Извесна грчка фирма МТЦ од Солун го купила управувачкиот пакет на
струмички "Дијос". Новиот газда на "Дијос", Дракас, остварил неколку средби
со членови на синдикатот на оваа фирма и при тоа истакнал дека нема намера
да отпушти работници, туку напротив ќе презентира нова стратегија за развој
на "Дијос".
Грците отпуштаат Македонци
Неодамна Македонец кој бил вработен во еден од супермаркетите "Веро" е
отпуштен од работа само поради тоа што бил предложен за лидер на синдикална
организација. Ваква судбина ги очекува и оние на кои им се допаѓаше идејата
за формирање синдикат. Слична е состојбата и во повеќето текстилни фирми во
градов и државава каде што царуваат грчки газди.
|