Франција ја ратификува Спогодбата
Францускиот Сенат ја ратификува Спогодбата за асоцијација и стабилизација
на Република Македонија со Европската унија.
По зеленото светло дадено од француското национално Собрание на 16
јануари 2003, француските сенатори позитивно се изјаснија по Извештајот на
сенаторот Андре Буаје, кој во името на Комисијата за надворешна политика и
одбрана ја предложи ратификацијата на Спогодбата. Во името на француската
Влада, Спогодбата ја бранеше министерката за европски прашања, Ноел Ленуар.
За да стапи во сила, Спогодбата што Македонија ја потпиша на 9 април 2001
во Луксембург, потребно е да биде ратификувана од сите 15 земји - членки на
Европската унија.
Владата го спакува текстот за измените на ДДВ
Македонската Влада го утврди Предлогот за донесување закон за изменување
и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Како што соопшти владиниот портпарол, Сашо Чолаковски, предложеното
намалување на општата даночна стапка од 19 на 18 отсто значи намалување на
даночните приходи за околу милијарда денари.
Поголем дел или 58 отсто од прометот на добрата и услугите кај кои
стапката ќе се зголеми на 18 отсто, и натаму ќе се оданочува со повластена
стапка, рече Чолаковски.
Повластената даночна стапка од пет отсто се применува кај прометот и
увозот на производите за човечка исхрана, водата за пиење од јавните системи
за снабдување, како и за публикациите, вклучувајќи ги и книгите, брошурите,
весниците и детските сликовници. Даночната стапка од пет отсто ќе се
применува и кај станбените згради и становите, само доколку нивната изградба
е почната пред денот на примената на овој закон и доколку бидат изградени до
31 декември годинава.
Во Дебар поставен споменик на Скендер-бег
Во присуство на голем број дебарчани, гости од Косово, Албанија, повеќе
градови од Македонија, како и албанската дијаспора, во центарот на градот
Дебар беше поставен споменикот на албанскиот национален јунак Ѓерѓ Кастриоти
- Скендер-бег. Неговиот споменик, висок 3,5 метри, се наоѓа веднаш до
спомен-плочата што е поставена во знак на косовската криза и на која стои
натписот "Дебар беше мало Косово, а Косово негова рана".
Инаку, во близина на сегашниот споменик пред 60-тина години била
поставена биста на Скендер-бег. Иницијативата за подигање на споменикот е на
друштвото на политичките затвореници во Дебар, а зелено светло дал Советот
на Општината по што е добиена и дозвола од Министерството за транспорт и
врски.
"Народен глас" привремено затворен
Единствениот локален весник во Прилеп "Народен глас" е затворен. Советот
на овој град донесе одлука по 60 години издавање, да се укине весникот оти,
според Законот за радиодифузија, забрането е на едно место да функционираат
електронски и печатени медиуми.
Во локалната информативна куќа Центарот за радио, телевизија и печат,
досега беа сместени Радио "Прилеп", ТВ "Прилеп" и "Народен глас".
Прилепскиот градоначалник, Сашо Пирганоски, најави дека ќе ги испита сите
легални можности весникот, во согласност со актуелната законска регулатива,
повторно да се печати.
Средба на децата од загинатите бранители
Во организација на Детската амбасада за сите деца на светот со седиште во
Прилеп се одржа последната од серијата средби со децата на загинатите
бранители и децата без родители. На средбата што се одржа во ресторанот "Мек
Доналдс" во Тафталиџе - Скопје, присуствуваа околу 70 деца на загинати
бранители од Прилеп, Битола и од Неготино и деца без родители од Прилеп и од
Домот "11 Октомври" од Скопје.
Новитети во Мобимак
Од 4 март "Мобимак" стартуваше со нова кампања насловена како "Не
купувајте мачка во вреќа". Сите оние кои ќе купат Моби + (Шема или Ден и Ноќ)
пакет со Алкател 501 ќе добијат и подарок Алкател спортска торба и ЦД - "Сакам
да бидам звезда". Овој нов пакет чини 6.995 денари. Веќе од први март
функционира новата услуга Тандем 2. Станува збор за веќе постоечка услуга
Тандем, односно нејзино збогатување и проширување. Сите пост-пеид корисници
на тарифните модели Моби Чет, Моби Контакт, Моби Про и Моби Елита може да го
прошират својот Тандем од веќе постоечките две линии до вкупно четири на
една линија, при тоа добивајќи повеќе бенефиции. За користење на оваа услуга
потребно е да се склучат анекс договори во продажните салони на Мобимак. Од
неодамна стартуваше и квизот "360 live"
на Мобимак, а ќе се одржува секој вторник во Универзалната сала. По барање
на корисниците продолжуваат и наградните игри "Космос Пинг Понг" и "15 порта".
|