ЕКОНОМИЈА

Одбрани 10 најуспешни жени менаџери за 2002 по седми пат

МЕНАЏЕРКИТЕ СЕ ПОУСПЕШНИ ОД НИВНИТЕ РИВАЛИ - МАЖИТЕ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Во денешни услови на живеење и работење навистина е тешко да се биде успешен менаџер, особено кога станува збор за жена која има и дополнителни обврски како сопруга и мајка. Меѓутоа, избраните најуспешни жени сосема заслужено го привлекоа нашето внимание, вели директорката на агенцијата "Марили".
  • Оваа година за првпат е прогласена жена менаџерка и од дијаспората. Тоа е госпоѓа Славица Егуменовска која успешно работи во Малме, Шведска.

Во организација на Друштвото за маркетинг, трговија ииздавачка дејност "Марили" минатата недела во ресторанот "Роза" се одржа манифестацијата "Избор на 10 најуспешни жени - менаџери" за 2002 година. Оваа манифестација смело чекори кон својата десетка и полека прераснува во традиција.

Лилјана Кимова, успешна жена со која може да се гордее "Скопски саем"

Директорката на оваа агенција, госпоѓа Лидија Трипуноска, и по седми пат ни откри дека и во Македонија има жени кои се успешни менаџерки и кои можат да се носат со сите потешкотии и предизвици кои оваа функција ги повлекува со себе. Жената има значајно место во сите сфери на живеењето и работењето. Тие исто така и во многу работи далеку се поуспешни од нивните ривали - мажите.

ИЗБОР

Лауреатките на оваа манифестација се избрани од фирми од целата држава, од различни области на стопанисување и тоа според одредени критериуми. Директорката Трипуноска, како и шесте години наназад, и минатата 2002 година трагаше по најуспешните жени менаџери.

Личностите кои се прогласени за лауреатки ги запознавме преку нашите маркетиншки проекти, вели Трипуноска. Во денешни услови на живеење и работење е навистина тешко да се биде успешен менаџер особено кога станува збор за жена која има и дополнителни обврски како сопруга и мајка. Меѓутоа, избраните најуспешни жени сосема заслужено го привлекоа нашето внимание. За првпат оваа година манифестацијата излегува од воспоставените рамки, така што оваа година избрана е и успешна жена менаџер - Македонка која живее и работи во Малме, Шведска. Тоа е госпоѓа Славица Егуменовска, директор на фирмата "Lambes Blomservice AB" која се занимава со увоз, продажба и испорака на цвеќиња. За жал, таа беше спречена од приватни причини да допатува во Македонија, но сепак како нејзин претставник ја испрати нејзината ќерка.

Госпоѓа Егуменовска е првата жена која го скрши мразот и ги видоизмени димензиите на оваа манифестација. Таа претставува мост кој ги поврзува жените од Македонија со другите жени Македонки кои живеат и работат далеку од своето родно место. Со самото ова се отвораат и патиштата најнапред за размена на искуствата, а потоа и за соработката со нашите стопански субјекти во областа на деловни зделки меѓу тие земји и нашата Македонија.

ЛАУРЕАТКИ

Следните жени менаџерки се: госпоѓа Елисавета Јанева - Арсова, финансиски директор во модната конфекција "Герас Цунев" од Струмица, која придонесува особено во финансискиот дел, трговијата и пласманот на нивните производи. Сите обврски ги прави со голема желба и упорност кои на крај резултираат со успех. Потоа, госпоѓа Маја Ашкилова, генерален директор на студиото "МагнаСкен" од Скопје, која веќе осум години е на оваа функција. Нејзиниот успех се должи на големата истрајност, амбициозност, коректна и толерантна работа, но и разбирање со работниците. Покрај работните обврски, нејзина преокупација е и изработка на накит од глина. Кај неа секогаш постои подготвеност да одговори на сите барања се со цел клиентот секогаш да е задоволен. Следната лауреатка е госпоѓа Билјана Кабранова, генерален директор на фабриката "Македонија" а.д. од Неготино. Кај неа секогаш тлее желбата да се постигне многу повеќе од она што е постигнато. Токму тоа ја прави да биде успешна во надминувањето на проблемите кои секогаш ги има. Од друга страна, чесноста и упорноста на госпоѓа Билјана & помагаат во постигнувањето на позитивни резултати и квалитет на производите. Нејзина цел е фирмата која ја раководи да стане една од најуспешните со која ќе се освојуваат светските пазари. Една од жените менаџерки е и госпоѓа Лилјана Кимова, претседател на Управниот одбор на "Скопски саем" од Скопје. Како прв човек на оваа фирма, веднаш го прифаќа предизвикот да дејствува во преструктурирањето на саемската дејност, а пред се изградба на деловен центар со високи европски стандарди. За неа успехот може да се постигне само доколку се сака и се познава работата, но најважно е со својот стручен интегритет да одбиеш да учествуваш во сомнителни проекти без оглед колку пари носат тие. Госпоѓа Слободанка Николовска, извршен директор за производство и прашања со вработените на "Макстил" од Скопје, целиот свој работен стаж го поминува во скопската "Железарница". Секогаш настојува да формира креативно јадро, тим со кој ќе соработува и ќе гради взаемна доверба. За неа постои правилото дека секогаш треба да се оди напред и не признава дека постои нерешлив проблем, но пред да се прифати функцијата менаџер потребно е добро да се размисли. Госпоѓа Камелија Пиперевска е веќе десет години на функцијата генерален директор на "Гони - текс" од Скопје. Раководи со фирма која се занимава со увоз - извоз, производство, маркетинг и пласман на производи од текстил. Иако по професија е педагог, упорноста и желбата ја натерале госпоѓа Камелија да го прифати и да го засака овој бизнис и да постигнува резултати во него.

Камелија Пиперевска, десет години на чело на "Гони-текс"

Надежда Софијанова заслужна за издигнувањето на "Сковин" во престижна винарска визба

Споменка Ризова, директор на "Алка импекс" - PORCELANOSA GRUPO

Секако и следните три жени - менаџерки, госпоѓа Споменка Ризова, директор на "Алка импекс" - PORCELANOSA GRUPO од Скопје, госпоѓа Надежда Софијанова, технички директор на винарска визба "Сковин" од Скопје, и госпоѓа Лилјана Џајковска, директор на сектор маркет на "Леснина Инженеринг" од Скопје се исто така успешни во своите функции. И тие, како и претходните најуспешни жени, докажуваат дека секоја жена, доколку сака и доколку е доволно упорна и амбициозна, може успешно да се справи со својот конкурент од посилниот пол во светот на бизнисот. 


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"