ел од вработените во најстарата
Новинско-издавачка куќа во државава "Нова Македонија"веќе извесно време
штрајкуваат пред Владата на Република Македонија, а дневните весници не
излегуваат. Новинарите и уредниците од овие весници тврдат дека штрајкот е
политичка манифестација!
Колегите од редакциите на "Нова Македонија" и "Вечер" кажуваат дека биле
категорични со ставот весниците да продолжат да излегувааат и за време на
штрајк, но Штрајкувачкиот одбор тоа не го прифатил. Тие тврдат дека од 28
февруари, Штрајкувачкиот одбор, без да ги консултира и без законска основа,
им забранил на новинарите и на уредниците да влегуваат во работните
простории. Единствен начин новинарите да дојдат во своите редакции,
посочуваат тие, е да добијат одобрение, односно писмена потврда од
претседателката на Штрајкувачкиот одбор, Љубица Лешниковска, која по својата
работна обврска во куќата како што велат новинарите нема никаква врска со
уредувачката политика на весниците.
Вработените од НИП-от своето незадоволство го пренесоа на
улица и пред Влада
На средбата со Штрајкувачкиот одбор на НИП "Нова Македонија", министерот
за економија, Илија Филиповски, ветил дека Владата ќе обезбеди еднократна
позајмица од 2,5 милиони денари.
Парите што најверојатно ќе бидат одобрени на следната владина седница, ќе
се користат наменски, исклучиво за набавка на репроматеријали и суровини за
печатење на весниците. Оваа издавачка куќа веќе подолго време се наоѓа во
тешка финансиска состојба поради што неколкупати во прашање беше доведено
дури и излегувањето на дневните изданија, кои постојат скоро шест децении.
Поради финансискиот колапс, изданијата се печатат во намален број на
страници и тираж од по една илјада. Редовните читатели на дневните весници "Нова
Македонија" и "Вечер" останаа зачудени и загрижени што по повеќе децении во
киосците не можеа да ги купат овие дневни весници.
Тоа ќе биде еднократна позајмица се додека издавачката куќа "не застане
на нозе". Кога фирмата ќе се опорави долгот ќе треба да го врати -
изјави Сашо Чолаковски, портпаролот на Владата.
Изданијата се печатат со хартија што се обезбедува од донатори, а парите
собрани од дневниот прилив им се делат на вработените. Тие досега
неколкупати добија само по околу 2.000 денари.
Во Основниот суд Скопје 1 во тек е судски процес за раскинување на
купопродажниот договор со словенечката фирма "Југ-сторитве". Досега судот
донесе привремена мерка со која ги замрзна акциите на "Југ-сторитве" во
Централниот депозитар за хартии од вредност и привремена мерка со која го
замрзна договорот за хипотека на имотот.
ШТРАЈК
Не бараме милостина, туку решение за НИП-от, порачуваат од
штрајкувачкиот одбор. Вработените во новинско-издавачката куќа "Нова
Македонија" протестираат пред Владата, незадоволни од својата состојба во
која се наоѓаат веќе подолг период. Генералниот штрајк ќе продолжи и пред
Владата, а договорено е дневните весници и понатаму да не излегуваат.
Владата останува на ставот дека не може да им помогне на вработените се
додека не заврши судскиот спор за раскинување на купопродажниот договор со
словенечката фирма "Југ-сторитве". Вработените во издавачката куќа
протестираа и пред Редакцијата на "Дневник", незадоволни поради ставот на
весникот за нивниот штрајк и барањата Владата да обезбеди пари за плати на
вработените. Поради штрајкот, од печат не излегуваат дневните весници "Нова
Македонија", "Вечер", "Бирлик" и "Фљака". Детските изданија излегуваат
редовно.
БАРАЊА
Вработените бараат да им се исплатат петте заостанати плати, да се
обезбедат основните услови за работа и да се сретнат со премиерот Бранко
Црвенковски.
Сакаме премиерот Црвенковски лично да го запознаеме со состојбите во
издавачката куќа по неговата приватизација - велат во Штрајкувачкиот
одбор. Над 1.000 вработени и акционери од најголемата и најстара издавачка
куќа во земјава - НИП "Нова Македонија" го почнаа генералниот штрајк откако
својот неколкумесечен протест го префрлија од куќата пред Владата. Првпат по
речиси шестдецениско постоење на оваа издавачка куќа не излегоа од печат
дневните весници, кои како што коментираа новинарите, ја симболизираат
Македонија, нејзината државност и мултиетничност.
Ако падне "Нова Македонија", ќе падне и државата, изјавија пред
Владата незадоволните вработени. Според извори од куќата, случајот со НИП "Нова
Македонија" попрво ќе добие судски епилог отколку владина поддршка. Поточно,
иако официјално не е потврдено, Апелациониот суд одговорил негативно на
жалбата на "Југ сторитве" за одземеното право на управување, па откако
судијката Снежана Герогиевска-Зекирија ќе ја добие оваа одлука, во рок од
осум дена ќе закаже рочиште за најглавниот предмет-раскинување на
купопродажниот договор за "Нова Македонија".
СОСТОЈБА
Претставниците на синдикалната организација на оваа куќа на двочасовни
преговори ги прими министерот за економија, Илија Филиповски, кој само ги
сослушал нивните барања и рекол дека ќе ги проследи на владина седница.
Неофицијално, тој се согласил дека состојбата е навистина тешка, посебно што
се толку време без плати, дека Владата избрзала со назначувањето на
владиниот повереник и го повлекла и дека ќе се чака институционалната
разврска на случајот, но дека во судот имало опструкции. Официјално, според
владиниот портпарол Сашо Чолаковски, оваа Влада ја изразува почитта кон
историското значење, односно она што значи "Нова Македонија", по слоганот "во
чекор со државноста" , односно дека таа е еден вид национален столб. Меѓутоа,
Владата останува на ставот дека е немоќна пред правната држава, односно се
додека не се заврши судската процедура не може да преземе ништо. Тој
енергично одрече дека е сменет владиниот повереник и рече дека тој само не
може да дејствува додека не заврши судската постапка. Владата, изјави
Чолаковски, го префрлила заемот од 40 илјади евра, и воопшто натаму нема
да разговара за плати. Тој разговор е можен само доколку повторно НИП-от се
врати во државна сопственост.
Од страна на Штрајкувачкиот одбор не се задоволни од средбата.
Ние очекувавме да не прими премиерот Бранко Црвенковски, а сепак не прими
Илија Филиповски со старите ставови на Владата. Но, нашиот став беше
категоричен дека не си одиме додека не се дадат петте плати кои беа наменети
за вработените. Тоа значи дека ние остануваме пред Владата и ќе чекаме
повторно да не повикаат и зависно од исходот ќе одлучиме дали весниците ќе
продолжат да излегуваат или не, изјави непосредно по разговорите во
Владата, Љубица Лешниковска, претседател на Штрајкувачкиот одбор.
Керим Бајрами од "Фљака" вели дека ако не излегуваат овие четири весници,
нешто навистина не е в ред.
Од Владата очекуваме стечај и нова продажба, но прво да ни се исплатат
платите, изјави Бајрами. Уредничката на весникот на турски јазик "Бирлик",
Семахан Осман, рече дека нивните барања се поитно и поажурно решавање на
статусот на НИП "Нова Македонија" преку судските инстанции и поскоро
повереникот да почне да си ја врши работата.
Ние од "Бирлик" ќе бараме посебен статус за редакцијата и целосна
материјална поддршка од страна на Кабинетот на Црвенковски за "Бирлик" да
стане дневен весник, констатира Осман.
Неизлегувањето на изданијата на НИП "Нова Македонија" по речиси
шестдецениско постоење беше шок за севкупната јавност во државава, како и за
самите вработени.
Јас сум од 1953 година во "Нова Македонија", изјави пензионерот на
оваа куќа, Живко Митковски, и многу ми е жал што денес не излегоа "Нова
Македонија" и "Вечер". Тоа не смееше да се дозволи, зашто ако пропадне
весникот, пропаѓа и државата. Тој весник сме го носеле од куќата на "Нова
Македонија" до пошта и железница со арабаџиска кола со цел на време да
стигне во Белград.
Венцислав Донев, новинар од "Вечер", вели дека морало да применат вакви
мерки, затоа што новинарите се ставени во незгодна положба.
Доведени сме на најнизок степен и ние го бараме само она што ни припаѓа.
Бидејќи Владата потврди дека знае каде се тие 135 милиони денари за плати,
ни бараме тоа да ни го дадат и да ги платат придонесите од нив. А
сопственоста натаму нека се решава со јавен тендер, вели Донев.
Според Ирина Стојковска, дописник на "Нова Македонија" од Тетово, е многу
лошо кога по 60 години не излегува еден весник.