|
ОБРАЗОВАНИЕ
Насилството, дрогата и бесперспективноста кај учениците
МЛАДИНАТА ИТА ВО БЕЗДНА
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Кај нас очигледно законите постојат само на хартија, како што е со
Законот за заштита на децата донесен на 14 ноември 2000 година, како и
Законот за работно време на кафулињата. Националната комисија за изработка
и имплементација на Националниот план за акција за децата на РМ работи
само теоретски, а во практика, досега немаме конкретни, видливи резултати.
- Родителите загрижени за иднината на своите деца, бараат посебен закон
за малолетници. Насилството и дрогата стануваат "ин" за младата генерација.
Ј авноста во Македонија, шокирана
по убиството на седумнаесетгодишниот скопјанец Марио Георгиевски, на момент
се разбуди од сонот и ја согледа безизлезноста во која се наоѓаат младите
луѓе во државава. Каде одат младите луѓе во Македонија и која е нивната
перспектива и иднина е прашање кое загрижува многу родители, но и сите
граѓани во државава?!
Агресивноста, бесперспективноста, дрогата се денешните атрибути на
младата генерација. Таа е забегана во лавиринтите од каде тешко се назира
светлата точка од животот. Младите се цареви на ноќта, а дење или се како "зомби"
или спијат без сон. Со алкохолот, екстазите и другите дроги сакаат да ја
избегнат реалноста и да се заклучат во својот розов свет кој постепено
станува поцрн и од самиот ѓавол. Нема оправдување за пороците, агресивноста,
но сепак факт е дека невработеноста, сиромаштијата, бесперспективноста и
несредената држава демне како зол дух над секој млад човек. Дали
политичарите барем малку ќе најдат време да донесат закон за малолетници,
или пак практично да ги спроведуваат постоечките како што е Законот за
работно време на кафулињата? Дали властодршците, покрај теоретизирањето за
власта, ќе најдат начин да ни ја преобразат државава во нормална и
попријатна за живеење?
РЕАКЦИИ
Се ќе падне во вода ако родителите и наставниците не им посветуваат
доволно време на младите луѓе и не ги поучуваат што е морално. МВР мора
експресно да одговори на грозоморните настани и да го изведе сторителот пред
судот на правдата. Судовите треба експресно да ги решаваат случаите,
досудувајќи реална казна која нема да дозволи привилегија за тој што го
сторил делото. Згаснувањето на младите во една држава значи одумирање на
државата, предупреди Унијата на средношколците на Македонија.
Агресивноста на младите, според направените анализи во Министерството за
внатрешни работи, односно малолетничкиот криминал не е во пораст, напротив
забележано е благо опаѓање.
Агресијата кај младите е зголемена, а се поголем е и бројот на
рецидивистите, тие што повторно извршуваат тешки кривични дела,
констатира Санија Бурагева, главна инспекторка за малолетничка деликвенција
во МВР.
Според неа, денес се многи поагресивни формите на напад кај малолетниците
што се сторители на тешки кривични дела, што порано не било чест случај.
Родителите да поведат сметка за сопствените деца, апелираат во МВР. Тие
гледаат кога децата се враќаат од вечерно излегување и во каква состојба, но
не преземаат ништо. Досега ниту еден сопственик на кафуле не одговарал
кривично поради точење алкохол за малолетно лице. Има случаи дури и кога
родителите одбиваат своето дете да го подложат на тест за дрога или за
алкохол, наводно за да не го трауматизираат, велат во полицијата.
ЗАКОН
Родителите пројавуваат интерес за донесување закон за малолетници, а тоа
барање го поддржува и асоцијацијата "Стремеж" која настојува Владата веднаш
да почне да го подготвува овој закон. Во "Стремеж" порачуваат дека
родителите што нема да ја прифатат својата одговорност за она што го прават
нивните деца, мора да платат за тоа.
По последните трагични настани во кои животот го загуби Марио Георгиевски,
а тројца малолетници беа тешко повредени, освен полицијата, се раздвижија
средношколците и родителите, но и некои институции.
На оваа тема со претседателот Трајковски разговараа родители од
асоцијацијата "Стремеж", кои ги алармирале министерствата за здравство, за
образование и труд и социјална политика и за внатрешни работи веднаш да
преземат мерки за заштита на децата.
Ако прозваните институции итно не преземат конкретна акција, тие ќе бидат
соучесници во сите претстојни негативни настани. Ќе ги тужиме надлежните,
ако не почнат да се занимаваат со заштита на нашите деца. Македонија е
потписник на повеќе конвенции за заштита на правата на децата и редно е
надлежните да почнат да ги штитат, вели Миле Гиновски, претседател на "Стремеж".
Правобранителот Бранко Наумовски апелира до Владата да се преземат сите
можни мерки што им стојат на располагање за да се заштитат децата. Советот
за радиодифузија ќе го засили мониторингот врз јавната и врз приватните
телевизии, за филмските и сериските програми да бидат под посебен надзор, а
од судовите ќе бара навремена реакција за емитување прекумерно насилство и
рекламирањето алкохол и цигари.
Донесување закон за штетното влијание од консумирањето алкохол како и
други штетности кои не се во интерес за доброто на детето во кафулињата,
како и санкции за непочитување на сите стандарди и прописи почнувајќи од
работно време и слично, треба да се реализира по итна постапка. Мора да се
потенцира дека и медиумите влијаат штетно со прикажување разни акциони
филмови, реклами итн. Рекламирањето пред училишта и истакнување на видни
места паноа со реклами за цигари, алкохол и слично треба исто така да се
забрани, поради нивното штетно влијание врз децата, коментира
координаторот на Националната комисија, Ѓорѓи Илиевски, кој засега нема
поконкретни податоци за младите кои конзумираат дрога и алкохол.
Според Националната комисија, посебен акцент треба да се стави на планот
на воспитната комисија на училиштата, секојдневните случувања, конфликти.
Поделбите на етничка основа се секојдневна појава, што значи воспитноста е
во голема ерозивност, констатира Комисијата. Во Националната комисија
препорачуваат училиштата да обрнат поголемо практично реализирање на она што
е планирано во нивните годишни планови и програми како и реализирање на сите
воннаставни активности, заживување на детските и младински организации и
нивни активности.
Агенцијата за млади и спорт треба да ја оправда својата улога за своето
постоење, особено во активностите со Младинските унии, односно организации
за единствено делување, а не по етничка основа, велат во Националната
комисија.
Во рамките на оваа критика, сигурно е дека и Националната комисија треба
да го преиспита своето досегашно постоење, односно практичното дејствување
во интерес на децата!
Теоретичарите, покрај тоа, велат дека националната стратегија,
националната свест е првенствената задача што секој субјект и институција во
оваа држава треба да ги има.
ДРОГА
Како најголемо зло, покрај агресивноста кое како чума ги опфаќа
најмладите, секако е дрогата.
Македонските малолетници во моментов ги зафатила алармантна екстази-
манија, а најмладите зависници се на возраст од 12 до 14 години, велат
во МВР.
Дури 80 нови малолетни зависници од опојни дроги се регистрирани од
почетокот на годинава до денес, тврди полицијата. Според статистиките на
Министерството за внатрешни работи, станува збор за алармантно зголемување
на бројот на малолетниците што користат дрога. Лани биле евидентирани 400
нови малолетни наркозависници, што е речиси за двапати повеќе од 2001 година,
кога имало нешто повеќе од 200.
Според процените на невладините организации во земјава, околу 20.000 лица
користат лесни дроги. Се верува дека 80 отсто од зависниците се скопјани.
Зголемувањето на бројот на уживателите на дроги почна од деведесеттите
години, а старосната граница постојано се спушта, па сега најмладите
корисници се на возраст од 12 до 14 години.
Најбарани дроги во моментов на македонскиот наркопазар се таблетите "екстази"
и марихуаната, тврдат во МВР. Во одделот за борба против дрога велат дека
синтетичките дроги и таблетите "екстази" во земјава доаѓаат од Бугарија, а
марихуаната и хашишот се увезуваат од Албанија. На македонскиот наркопазар
еден килограм марихуана достигнува цена од 500 до 700 евра, грам кокаин чини
околу 70 евра, килограм хероин близу 12.000 евра, а таблета "екстази" се
продава за 6 евра.
Во Македонија нема податоци за точниот број на корисниците на "екстази".
Оваа синтетичка дрога масовно се користи поради нејзиното стимулативно
дејство. Во МВР велат дека "екстазите" се главен проблем и на полициите во
цела Европа, поради распространетоста и неговата масовна употреба. Според
дејството, амфетаминот "екстази" е стимуланс, а поради ниската цена ја
нарекуваат и улична замена за кокаин. Тоа е синтетичка дрога што се добива
во едноставни лаборатории, а младите за да бидат во "шема" посегнуваат слепо
по неа, станувајќи зависници и проблем на општеството.
|