ПОЛИТИКА

ЦРКВА: Архимандрит Никодим Царкњас

ЈОВАН ЗБОРУВА И ПРЕКУ УСТАТА НА ПЕТАР!

Разговарал: м-р Ицо НАЈДОВСКИ

  • Македонскиот народ треба да знае дека господинот Петар за неговиот личен интерес не почитува ни Црква, ни пријател, ни историја, ни ништо. Тој ако не е на чело за него не постои ништо. Тој поседува толкав голем егоизам, и е толку голем идиот, што јас неможам да го прифатам и да зборувам за него.
  • Јован стана владика на МПЦ по предлог на Петар. Го предложи за инает оти не го сакаше Агатангел кој го предложи дедо Кирил и дедо Тимотеј. Петар не кажува ништо против Јован оти истите мислења на Јован ги има и Петар.

МС: Отец Царкњас во последните неколку месеци се случија поголеми настани во Егејска Македонија и во Скопје каде што се одржа Втората Балканска конференција на сите Македонци од целокупна етнографска Македонија. Вие бевте присутни заедно со претставници од Преспа од Албанија, Пиринска Македонија, СМК... Би сакале да ни кажете нешто повеќе, бидејќи учествувавте на таа конференција?

ЦАРКЊАС: Да, на 23 декември минатата година се одржа Втората Балканска конференција на Македонците од сите делови на Македонија. Беше многу убаво затоа што се сретнавме повторно Македонците од поделена Македонија. Таму бевме активисти што се бориме за човекови права на Македонците на сите делови на Македонија. За тоа му благодарам на Тодор Петров кој беше организатор на оваа убава средба на Македонците. Од средбата извлековме позитивни одлуки кои треба да се претворат во дело. Верувам дека и одлуките што по три дена беа ипратени до медиумите беа разбрани и достапни до сите и верувам дека нема да останат само на хартија. Уште повеќе што оваа година се прославува 100 години – Илинденско востание и треба да бидеме поактивни, да се собираме помасовно, да бидеме поединствени, како што сакаше Гоце Делчев и другите наши Илинденци кои си ја дадоа душата и телото за Македонија да стане држава, меѓутоа тоа не се оствари тогаш. Но, нивниот дух треба секогаш да е присутен во нашиот живот.

ЗАКАНИ

МС: Отец, кажете ни нешто повеќе за организираноста на црквата "Света Злата Мегленска" во Соботско, дали е добро посетена? Исто така сакам да Ве прашам за тоа за што неодамна бев информиран- дека во црквата дошла некоја грчка тв куќа да снима, а притоа носејќи и членови на грчката разузнувачка служба. Како што бев информиран Вие сте биле малтретирани бидејќи сте биле Македонец по националност и дека сте служеле во црквата на македонски јазик?

ЦАРКЊАС: Да. Кога се вратив од Канада ме информираа дека дошол новинар и сакал да разговара за црквата. Вистина, да кажам право дека "Св. Злата Мегленска" работи повеќе од една година. Таа е Црква и тоа што прави Грција на телевизија му го кажав и на владиката Петар и на секој Петар оти во Егејскиот дел на Македонија има Македонска православна црква и барем на таа емисија Црквата се нарекуваше македонска, а јас како македонски свештеник. Вистина ми се заканија од страна на портпаролот на поглаварот на грчката црква, кој ги пушти полицајците и разузнувачите да ме фатат оти тие мислеа дека јас немам право и одлуки од грчките судови. Но, одлука за служби на македонски јазик има, а има и признание дека јас сум свештеник на МПЦ и на таа припаѓам. Но, сакам да кажам дека кога учествував на таа емисија Господ ми даде сила да бидам многу мирен и да ја кажам вистината за македонскиот народ во Грција која предизвика голема реакција кај поглаварот на грчката црква, споредувајќи не со организацијата 17 ноември, дури и дека сум полош од нив, оти сум бомба за грчката држава во врска со македонското прашање. Тоа покажува колку вистина е нашата работа што ја правиме во Егејскиот дел на Македонија. Верувам дека ова интервју е најголемиот одговор на владиката Петар, на Јован и на секој. Жално е што владиката Петар уште е владика на МПЦ.

МС: Добро, отец Никодим, кои се причините што митрополитот Преспанско-пелагониски и Австралиско Новозеландски не ја признава македонската православна црква "Св. Злата Мегленска" како македонска? Наместо да се радува тој ја негира и вели дека била ресторант, а и Вие дека не сте биле свештено лице?!

ЦАРКЊАС: Изјавите на Петар датираат од времето на мојата посета на Австралија. Македонскиот народ треба да знае дека господинот Петар за неговиот личен интерес не почитува ни Црква, ни пријател, ни историја, ни ништо. Тој ако не е на чело за него не постои ништо. Тој поседува толкав голем егоизам, и е толку голем идиот, што јас не можам да го прифатам и да зборувам за него. Чинот му го почитувам додека ќе биде владика на МПЦ, ама за неговите срамни изјави треба тој да е одговорен на секој Македонец и на секој патриот човек што работи за македонштината. Предлагам неговите изјави да се прегледаат и да поминат низ психолошки институции, да ги види психолог, кој што по согледувањето ќе изјави колку дедо Петар може да биде владика на МПЦ.

КАНОНИ

МС: Вие одлично ги познавате црковните канони. Нам ни е познато дека Вас Петар не Ве признава како македонски свештеник, меѓутоа во Македонија имаме Српски Егзарх, а досега немаме слушнато јавна изјава да се огради митрополитот Петар дека Српскиот егзарх служи на македонска територија во една суверена и независна држава, токму во неговата Епархија! Од друга страна пак, имаме потрошено милиони долари и судски спорови во Австралија каде што се прават очајнички напори да им се земе имотот на македонските православни верници кои ги направија тие цркви, делејќи од залагот на своите деца за потребите: крштевки, венчавки, погреби!?

ЦАРКЊАС: Да! Сакам да му кажам на македонскиот народ за оваа работа. Јас имам информации за Петар, но додека не видам со моите очи и не слушнам со моите уши изјави недавам. Покојниот поглавар Гаврил рече дека владиката Петар еден ден ќе ја растури Македонската црква. И за жал тоа е дојдено! Јован стана владика на МПЦ по предлог на Петар. Го предложи за инает оти не го сакаше Агатангел кој го предложи дедо Кирил и дедо Тимотеј. Петар не кажува ништо против Јован оти истите мислења на Јован ги има и Петар. Изјавите на Јован се устата на Петар! Сите изјави што ги кажа Јован против дедо Кирил, против Црквата, се дело на Петар. Вие знаете подобро оти тој има правено разговори со Стилијанос, надлежен грчки архиреј за Австралија, таму во Австралија. Не знам дали знае Синодот? Разговорите беа како да се земат црквите. Тој се замислува како Папа на МПЦ, како што е Папата на Католичката црква кој на никој не му дава одговор. Ако Петар мене не ме признава за архимандрит, зошто служеше со мене?! Тоа е едно големо прашање на кое треба да одговори тој и неговите љубители таму во Австралија. Да разберат нашите Македонци дека Петар тоа за што го вели, прво ќе треба да оди да се лекува на психијатар. Само психијатарот ќе може да го реши неговиот проблем. Тој има проблем што сака да биде Папата на МПЦ. Е тоа не може да биде никогаш!

МС: Да се оддалечиме од оваа тема. Дали има изгледи да се направи прославата на Илинденското востание во Егејска Македонија, бидејќи и нашите најголеми борци и патриоти потекнуваат од тој дел на Македонија како етнографска територија?

ЦАРКЊАС: Така. Ние како црква "Св Злата Мегленска" мислиме оваа година да ги повикаме нашите Македонци, не само од Егејскиот дел туку и од сите делови и ќе славиме два-три дена, ќе служиме Литургија и ќе имаме мала манифестација. Прослави ќе има во Прилеп, во Преспа, во Пирин и насекаде за да им оддадеме слава на големите борци, на Гоце, на Сандански, на Питу Гули на тие сите кои ја дадоа душата за Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"