ПОЛИТИКА

ПИРИН: Васил Христов - Иванов за правата на Македонците и другите етникуми во Бугарија

МАЛЦИНСТВАТА "ЌЕ КРОЈАТ" НОВ БУГАРСКИ УСТАВ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Официјалниот јазик во Македонија е македонскиот. Немам ништо против правата на Албанците. Ама мислам дека ги имаат повеќе од другите малцинства во другите држави. Немам ништо против луѓето од албанско потекло. Тие имаат доволно права во Македонија и немаат што повеќе да бараат, вели господинот Васил Христов - Иванов.
  • Со промената на Уставот на Бугарија, како што потенцира господинот Иванов, која би требало да се случи до крајот на декември оваа година, се очекува значителна промена во односот на бугарските власти не само кон македонското, туку и кон преостанатите малцинства кои живеат во Бугарија и кои немаат никакви права.

Нема промена, вели Васил Христов - Иванов, Македонец од Бугарија, во односот на бугарските власти кон македонското малцинство. Но, наскоро се очекува дека ќе се направат големи промени во оваа насока, затоа што сите западни држави зборуваат дека Бугарија треба да го смени својот Устав. Тие & даваат краен рок тоа да го стори до крајот на декември оваа година. Бугарија тоа мора да го направи затоа што претендира да влезе во НАТО и ЕУ.

Со промената на Уставот на Бугарија се очекува значителна промена во односот на бугарските власти не само кон македонското, туку и кон преостанатите малцинства кои живеат во Бугарија и кои немаат никакво права. За Македонците, како што објаснува господинот Иванов, се зборува дека се трн во очите на Бугарите.

"Тие што се во Владата треба да бидат одговорни пред македонскиот народ", Васил Христов - Иванов

Кај нас, додава Иванов, многу се зборува на оваа тема, а и споровите кои се однесуваат на македонските прашања се од многу подамна. Една држава не може да влезе во Европската унија кога постојат нерешени прашања, како што е македонското прашање.

Според кажувањата на овој Македонец од Бугарија, голема улога во ширењето на лажни податоци за Македонците има и тамошната медиумска пропаганда.

Во Бугарија има неколку телевизии кои го зародуваат националшовинизмот со определени личности кои не се запознати со историјата на Македонија и со историјата на македонската самобитност. Се што е македонско се претставува како бугарско. Медиумската пропаганда влијае врз населението како една голема сила. Тоа е затоа што нема цензура и нема луѓе кои ќе им посочат дека на тој начин тие го зародуваат националшовинизмот. Тоа не дава никакви резултати. Тоа не е добро ниту за Бугарија, ниту за тие кои живеат во неа, објаснува Инанов.

ПРАВА

Трагично е една земја, како Бугарија која претендира да биде дел од европското семејство, да не ги регистрира политичките партии на Македонците. Според кажувањата на господинот Иванов, оваа држава се уште ја нема исплатено паричната казна на ОМО - Илинден, која & ја одреди судот во Стразбур. Тој се надева дека партијата ОМО "Илинден - ПИРИН" наскоро ќе биде регистрирана и дека Бугарија ќе добие казна од судот во Стразбур.

Срамно е да се дозволи една држава, која беше осудена во судот во Стразбур, да влезе во ЕУ. Тоа е на нејзина штета. Тоа е големо прашање за кое бугарските историчари треба да размислат сериозно. Зошто едно македонско малцинство да ги бара своите права во Стразбур, кога може Бугарија сама да ги реши. Тоа е проблем на управата и на медиумската пропаганда, вели господинот Иванов.

Македонците во Бугарија не се со сепаратистички намери. Нивните политички партии се со цел за унапредување на правата на Македонците и можноста тие да учествуваат во политичкиот живот на Р. Бугарија. Македонците во Р. Бугарија се соочуваат со големи проблеми и од егзистенцијален карактер. Основното средство за преживување им е тутунот, а се вршат разни махинации од разни фирми.

Тоа не е, вели господинот Иванов, државна политика, но е политика на определени политички групации кои се под капата на определена политичка партија.

Поради сиромаштијата и кризата која владее во Бугарија населението ја напушта и оди надвор, во Грција и во други земји да работи за мизерни средства.

Македонците од Пиринскиот дел на Македонија имаат проблеми поради тоа што бугарските власти долго време не им дозволуваа да положуваат цвеќе на гробот на Јане Сандаски и на други истакнати македонски револуционери. Овој проблем до некаде е разрешен, иако како што објаснува господинот Иванов, за малку бил избегнат инцидент на 4 февруари оваа година кога членови на ОМО "Илинден - ПИРИН" се обидоа да положат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев.

Живееме во современа Европа во која се говори за современи идеали. Тие кои мислат обратно треба добро да размислат каде се, каде одат и каде сакаат да одат, потенцира господинот Иванов.

ПРОВОКАЦИИ

Дионисовите чествувања, односно средбата на Македонците од Албанија, Бугарија, Грција, како настан за господинот Иванов е нешто големо во историјата.

Оваа средба е направена со големи сили. Добро е тоа што се сретнаа Македонци од сите делови на Македонија и за тоа ќе ми остане еден голем спомен во мојата душата, зашто ги видов сите Македонци кои мислат едно исто и видов дека нема никаква разлика, дека сме еден ист народ, потенцира господинот Иванов.

Овој Македонец е загрижен за состојбата во Македонија и смета дека во државава нема да има пролетна воена офанзива. Станува збор за, како што мисли господинот Иванов, провокации од одредени групи кои сакаат дестабилизација.

Не е во прашање никаква државна политика ниту на Албанија, ниту на која било друга држава. Мислам дека тоа се определени сепаратистички групи кои ја сакаат дестабилизацијата во Македонија за да остварат и други цели како шверцување на наркотици, оружје и слично. Тоа е дело на мафија. Официјална Тирана и официјална Софија тоа ќе го осудат, додава господинот Иванов.

За војната во Македонија тој вели: Тоа беше еден момент во кој им се дозволи на некои сили да го искористат за дестабилизација. Но, тие треба да се засрамат за тоа што го направија. Македонија беше единствената држава која за време на косовската криза прими 400.000 Албанци од Косово. Албанците ја добија поддршката од македонското население, а не од бугарското или грчкото. За време на косовската криза ниту еден Албанец не дојде да живее во Бугарија. Бугарската Влада тоа не го дозволи. Македонската држава со нејзината кревка економија им даде покрив на 400.000 Албанци. Тоа е еден голем гест, пројава на интернационализам, милосрдие, на разбирање за човечките проблеми и страдања. Тоа што го направија Албанците е "подарок" за се што Македонија направи за нив, вели господинот Иванов.

Македонската Влада треба да подразмисли што се случува. Непријатен е впечатокот кога во една Влада се зборува на два јазика.

Официјалниот јазик во Македонија е македонскиот. Немам ништо против правата на Албанците, ама мислам дека ги имаат повеќе од другите малцинства во другите држави. И уште еднаш сакам да потенцирам дека не сум против луѓето кои се од албанско потекло. Но, тие имаат доволно права во Македонија и немаат што повеќе да бараат, вели господинот Иванов.

Провокациите од страна на т.н. ОНА, АНА за овој Македонец претставуваат политика на големошовинисти кои ја сакаат "Голема Албанија".

Но, како што потенцира Иванов, во една современа Европа тоа не може да се случи. Тие што се во Владата треба сериозно да размислат што сакаат, да ги исполнат своите задолженија како народни претставници, затоа што тие се граѓани на Македонија и треба да бидат одговорни пред македонскиот народ.

Од функционирањето на новата Влада поминаа повеќе од сто дена, а за господинот Иванов нема никаква промена во односот на македонските власти кон македонското малцинство во Бугарија.

Не знам дали има некаква значителна промена во односите меѓу Македонија и Бугарија. Но, мислам дека треба да се засилат контактите меѓу двете држави и повеќе да се зборува за македонското малцинство во Бугарија. Кога ќе се случи македонски Премиер или Претседател да дојде во Бугарија, тој треба да се сретне и со македонско малцинство да ги праша како се, а за возврат ќе добие и спомен од Македонците во Бугарија, потенцира господинот Иванов.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"