|
ПОЛИТИКА
"Дворски игри" меѓу Претседателот и Владата
БОРБА ЗА ПРЕВЛАСТ ВО МАКЕДОНИЈА
Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ
- Трајковски, за кого многу добро знаеме како беше "крунисан", во
последно време интензивно прави "политички ујдурми". Де е во кохабитација
со Владата, а потоа, како преку ноќ да ја менува "политиката", ги
прекорува Премиерот и министрите зошто не го прашале или зошто од него не
побарале совет во врска со одредени надворешно-политички прашања. И,
откако ќе ја оплеска работата и несразмерно ќе го закочи политичкиот
крвоток, за да се извлече од лавиринтот презема одредени надлежности
коишто му припаѓаат само на Собранието на РМ.
П ретседателот Борис Трајковски (не
му е прв пат!) се истрча. Се залета да му покаже на Буш колку му е верен и
колку умее да се бори против растечкиот тероризам во светот, па затоа му
вети дека македонски војници ќе се придружат во борбата против режимот на
Садам Хусеин. На тој начин Трајковски покажа дека повеќе ја љуби Америка,
отколку што треба да ја почитува својата земја и законите и одредбите кои се
уште важат во Република Македонија.
Ненамерно или намерно, смислено или не, со својата избрзана, неодмерена и
пред се претенциозна политичка оценка да испраќа македонски професионални
војници во приватната војна против Садам Хусен, направи катастрофална грешка
која ја разбранува македонската јавност. Но, тоа не е прва негова грешка,
туку тој за туѓите политички цели честопати милува да се истопори како петел,
а на домашното гумно никаде го нема, се крие од одговорноста што ја носи
како прв функционер на оваа земја.
СПИКЕРОТ ПРЕСЕЧЕ
Очигледно пионот си останува мало пионче, па затоа му требаше на
американскиот "boss" кој ја загуби довербата кај традиционалните партнери во
ЕУ, Германија и Франција, да го сврти растечкото незадоволство, а притоа да
прикаже дека има соборци во идејата за милитаризмот. Но, сепак, колку толку,
македонската чест ја спаси претседателот на Собранието на РМ, Никола
Поповски. Тој во вистински момент пресече.
Невозможно е да се испратат припадници на Армијата на Република
Македонија во воени мисии надвор од Македонија, билатерални или
мултилатерални, без за тоа да донесе одлука Собранието на Република
Македонија, изјави неодамна спикерот на македонскиот Парламент, Никола
Поповски, по огромната реакција на пратениците во Собранието кои беа
револтирани и избезумени во однос на се погласните воинствени изјави, или "закани",
на претседателот Трајковски. Значи, не е можно ниту еден друг орган во
Македонија да донесе одлука за испраќање наша воена мисија надвор од
Македонија. Единствениот орган што може да го направи тоа е Собранието на
Република Македонија, потенцираше Поповски.
Тој укажа дека тоа досега никој не го побарал од Собранието, а тоа може
да го стори Владата или некој пратеник. Спикерот одбегна директен одговор на
прашањето дали шефот на државата излегол од уставните рамки со неговите
политички ставови кои се однесуваат на ирачката криза. Но, додаде дека пред
десетина дена му укажал на Претседателот на државата на уставните и
законските аспекти на ова прашање, со напомена дека секоја друга одлука
надвор од Собранието е неважечка, доколку нема парламентарна верификација.
Во врска со доаѓањето на европските сили во Македонија, тој повторно укажа
дека главниот збор го има Парламентот каде ќе биде изгласан соодветен
законски текст.
Во Република Македонија не може да дојде странска воена мисија без
Парламентот да има донесено закон за такво нешто. Мисијата што Владата ја
договара со Европската унија за замена на НАТО-мисијата не може да се
реализира со договор меѓу Унијата и Владата, или Унијата и Претседателот на
државата, туку тоа мора да биде договор кој со закон ќе го ратификува
Собранието, изјави спикерот Поповски, обидувајќи се да ги разјасни
дилемите што се појавија во јавноста, но и меѓу пратениците околу ова
прашање.
Тој истакна дека дури по ратификувањето на договорот се стекнуваат правни
и уставни услови во Македонија да дојде нова мисија, бидејќи се друго се
само политички ставови кои не произведуваат правни последици.
ДУАЛИЗАМ
Откако започна американската кампања против режимот на Садам Хусеин,
шефот на државата, Борис Трајковски, на неколку пати, директно или
индиректно преку својот портпарол, ја шокира јавноста, Владата и пратениците.
Тој со своите контроверзни ставови во однос на кризата ја стави Република
Македонија на тапет. Повеќе пати се јавува во улога на арбитар, иако за
круцијални, национални и стратешки цели треба да се има дозвола од
Парламентот каде за секој посериозен настан мора да се одржи расправа, а
потоа да се донесат заклучоци и насоки во надворешната политика. Но,
очигледно како по обичај, тоа за него не важи и упорно си ја брка тезата
дека во нашата земја имаме претседателски систем, а не парламентарна
демократија. Ваквото однесување премолчено го поддржуваат одредени
политичари во Македонија, иако според Уставот на земјава и другите закони се
во спротивност со правната регулатива.
Дуализмот во владеењето со државата, честопати во однос на надворешната
политика и меѓународната позиција на РМ, носи слабости и негативности од
поширок карактер. Затоа можеме да сретнеме странски политичари кои не
сметаат за "банана држава", бидејќи немаат достојни и елоквентни партнери за
разговори. Но, сепак, одредени лица се обидуваат да ја амортизираат
политичката и небулозна настојчивост на Претседателот. Тоа, впрочем го стори
и спикерот Поповски, иако се обиде неговиот гест да го прикаже во завиена
форма. Сепак, мора да се знае кој е и што е во хиерархијата на политичката
власт во Република Македонија, а надвор од неа е обичен граѓанин, или
беззначаен поединец во структурата на општеството. Во тој контекст постојат
големи и мали луѓе, но постојат и големи и мали политичари чија харизма и
политичка оценка носат одредена тежина.
Поранешните претседатели на Собранието, Стојан Андов и Тито Петковски, за
"Дневник" изјавија дека при утврдувањето на позициите на Македонија во однос
на интервенцијата во Ирак, македонскиот Парламент не смее да биде заобиколен.
Трајковски практично му објавил војна на Ирак. Тој заборавил дека
Собранието, според Уставот, е највисок орган, кој решава за тоа дали земјата
ќе влезе во некој сојуз или не. Сега се прави упад во ингеренциите на
Парламентот, потенцира Тито Петковски во изјавата за "Дневник".
Сериозни забелешки на ставовите на шефот на државата, Борис Трајковски,
има и македонскиот Хелсиншки комитет. Тој во својот последен извештај вели
дека Претседателот "придонел, без какви и да е видливи консултации и
сериозни анализи, Македонија да застане на страната на САД во можната воена
интервенција врз Ирак".
Вклучувањето на Македонија на кој и да е начин во воена коалиција против
Ирак врз основа на одлука на Претседателот, а без соодветна одлука на
Собранието - би било повторено исчекорување од уставните овластувања, се
наведува во извештајот на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права и
слободи.
Портпаролот на шефот на државата на РМ, Борјан Јовановски, ги отфрли
тврдењата (обвинувањата) дека Претседателот отворено се ставил на страната
на САД во кризата околу Ирак.
Тој само го искажал својот политички став дека Советот за безбедност на
Обединетите нации треба да ги преземе сите мерки за да се разоружа Ирак,
изјави Јовановски.
ВО КРУГ
Контроверзниот "наш" Претседател, за кого многу добро знаеме како беше "крунисан",
во последно време интензивно прави "политички ујдурми". Де е во кохабитација
со Владата, а потоа, како преку ноќ да ја менува "политиката", ги прекорува
Премиерот и министрите зошто не го прашале, или зошто од него не побарале
совет во врска со одредени надворешно-политички прашања. И откако ќе ја
оплеска работата и несразмерно ќе го закочи политичкиот крвоток, за да се
извлече од лавиринтот презема одредени надлежности што му припаѓаат на
Собранието на РМ. И така тој и ние заедно со него се вртиме во круг.
Но, подебелиот крај го извлекуваат македонските граѓани, бидејќи како по
обичај, според народното, и волкот е сит и овците остануваат на број. Сепак,
вината мора некој да ја преземе. Но, дилемата е кој ќе биде жртвениот јарец
- Претседателот кој избрзува со своите ставови или се обидува да ги украде
уставните надлежности на Владата и Парламентот, или некој друг кој сака да е
помоќен од него и од Премиерот. Тоа прашање го мачи Трајковски веќе долго
време, бидејќи или се прави наивен, или некој советник многу погрешно го
советува. Затоа не не зачудува што советникот на македонскиот Претседател за
правни и безбедносни прашања, Владо Поповски, се обидува да го одбрани
својот претпоставен и да го одвлече вниманието од Претседателот. Професорот
Поповски изјави дека шефот на државата, Борис Трајковски, не навлегува во
надлежностите на Владата и на Собранието со активностите што ги презема во
врска со ирачкото прашање и со поставувањето, именувањето и отповикувањето
македонски претставници и амбасадори во странство.
Писмото што претседателот Трајковски го испрати до американскиот
претседател Џорџ Буш, заедничката изјава на земјите од Вилнус-групата и
изјавите на тројцата претседатели од Западен Балкан во Тирана, се во доменот
на искажување на политиката на шефот на државата во однос на Резолуцијата
1441 и ставот на меѓународната заедница за разоружување на Ирак, изјави
Поповски.
Донесувањето одлука за испраќање воени единици надвор од државава е
надлежност на македонското Собрание, а предлог-одлука, како што потенцираше
Поповски, може да достави или претседателот Трајковски или Владата. Според
Уставот на Република Македонија, како што изјави советникот на Претседателот,
меѓународни договори склучува само Претседателот на државата, а Владата само
доколку тоа е определено со Закон. Поради тоа, смета тој, неопходно е
донесување закон за надворешни работи. Со информациите што се појавија во
јавноста во однос на овие две прашања, смета Поповски, се прави штета на
институцијата Претседател на државата и се врши притисок за редуцирање на
неговите надлежности.
Очигледно играта на релација Претседател - Влада продолжува. Кантарот ја
одмерува силата. Меѓутоа, никој не може да победи. Сите се губитници, но
најголеми меѓу нив се граѓаните и пред се Република Македонија. Таа е
длабоко инволвирана во дворската игра во која започна да се пролева "политичка
крв". Дали во неа ќе има жртви, ќе зависи од упорноста и снаодливоста на
лицата што започнаа да го играат орото. Тоа, по се изгледа, нема бргу да
заврши, но ќе биде интересно да се види дали Претседателот ќе се извлече од
стапицата што сам си ја постави. Ако судиме според сите негови досегашни
испади, ќе учествуваме во една добра комедија што секогаш умеел непредвиливо
да ни ја приредува. Но, мораме внимателно да ги одмериме неговите политички
потези, бидејќи тие отсекогаш мошне негативно влијаеле врз судбината на
Република Македонија.
Невозможно е да се испратат припадници на Армијата на Република
Македонија во воени мисии надвор од Македонија, билатерални или
мултилатерални, без за тоа да донесе одлука Собранието на Република
Македонија, изјави неодамна спикерот на македонскиот Парламент,
Никола Поповски, по огромната реакција на пратениците во Собранието кои беа
револтирани и избезумени во однос на се погласните воинствени изјави, или "закани",
на претседателот Трајковски. Значи, не е можно ниту еден друг орган во
Македонија да донесе одлука за испраќање наша воена мисија надвор од
Македонија. Единствениот орган што може да го направи тоа е Собранието на
Република Македонија, потенцираше Поповски.
|