ПОЛИТИКА
Протераните Македонци ги протеруваат и од колективните центри
НАШИТЕ КУЌИ СЕ САМО ПЕПЕЛ И ДОГОРЧИЊА
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Советот за безбедност во нов состав ја разгледуваше актуелната
состојба во државава при што процени дека "безбедносната ситуација е
стабилна", а последователно на тоа Министерството за труд и социјална
политика преку ноќ им соопшти на протераните Македонци за рекордно време
да ги напуштат колективните домови и да се вратат од каде што беа избркани.
- Протераните Македонци сместени во прифатните центри бараат малку
разбирање од власта, барем нивните деца да ја завршат учебната година и
временските, но и безбедносни услови да бидат поприфатливи.
С лободно нека дојдат тие што се
надлежни и нека видат какви се нашите услови во кризните региони. Ние сепак
сме граѓани на Република Македонија и бараме државата да го реши нашиот
проблем. Изненадени сме од наглото соопштение за краток рок да ги напуштиме
домовите. Се уште календарски е зима, нашите домови не се снабдени ниту со
огрев, ниту со ќебиња. Барем нашите деца да ја завршеа учебната година. Ние
знаеме дека кога тогаш ќе мора да се вратиме дома,
вели една теарчанка по соопштението од Министерството за труд и социјална
политика да ги напуштат колективните центри.
Денеска до 12 часот е последниот рок кој им е даден на протераните
Македонци да ги напуштат домовите во кои престојуваат од време на воената
криза во 2001 година. Некој проценил дека е безбедно нивното враќање, но
Македонците по сите преживеани перипетии, малтретирања, киднапирања, палење
на нивните куќи, разграбување на нивниот имот, не се чувствуваат сигурни да
се вратат дома. Иако живеат веќе втора година во мизерни услови, со
еднолична храна, чекајќи милостина од власта, сепак како што велат тие,
подобро им е тука отколку таму каде животот не им е безбеден. Нивниот "крпен
живот" многумина го поминуваат од милостина и позајмици, но сепак е подобар
отколку стресот во, како што велат, небезбедното кризно подрачје каде се
уште патролираат "учките".
Преуранета првоаприлска шега на сметка на протераните
Македонци, а во режија на Министерството за труд и социјална политика
На протераните Македонци ќе им биде скратена и досегашната
бедна "милостина" од власта
Во Теарце буквално живеевме во луксуз, вели нашата соговорничка,
им помагавме на многумина што немаат, а денес јас и моето семејство дојде
ред да бараме милостина.
"Да имаш, па да немаш" е лошата клетва што ги снајде многу Македонци во
2001 година.
Трагично е кога гледаш како твојата куќа е само пепел и догорчиња.
Трагично е и ако е сочувана, а внатре целата демолирана. Се она што со
години е создавано, делено од уста, наеднаш го нема. Некој денес ни кажува
дека премногу бараме, а ние бараме само основни работи, а не нешто нереално,
со солзи во очите раскажува една Македонка од Непроштено.
Сите ние, додава таа, сме со нарушено здравје, многумина од стрес
и починаа. Загрижени сме за нашите деца. Како тие понатаму ќе се школуваат,
кога ете знаеме што се случува во Шемшево, а што да се прави во случај на
болест кога ноќе треба да патуваме до Медицинскиот центар во Тетово кога
знаеме дека не е безбедно.
СООПШТЕНИЕ
Иако до пред една недела се разговараше да се направи план за враќање на
полициските пунктови, да се изврши реновирање на уништените домови и имоти и
да се обезбедат минимални услови за семејствата, ваквиот начин на
комуникација на Министерството за труд и социјална политика само укажува на
фактот дека оваа држава на чело со сите нејзини министри и министерства е
несериозна и незаинтересирана за своите граѓани, се вели во соопштението
од страна на протераните и напатени Македонци.
Имено, според Координативниот одбор на раселени лица од Тетовскиот регион
во Студентскиот дом "Стив Наумов", во хотел "Пелагонија" и во "Олимписко
село" каде што се сместени протераните од тетовскиот регион, на огласна
табла било закачено соопштение според кое се повикуваат сите протерани лица
заклучно со 7 март до 12 часот, да ги напуштат колективните домови и да се
вратат дома.
БЕЗБЕДНОСТ
Безбедносната ситуација во Република Македонија е стабилна и под контрола
на надлежните органи, заклучи на својата прва седница, Советот за
безбедност кој работи во нов состав.
Советот за безбедност предлага надлежните органи да продолжат да ги
преземат сите неопходни мерки за натамошно зајакнување на стабилноста на
државата, со што ќе се придонесе за враќање на протераните Македонци и
според нив понатамошно градење на мерки на доверба. Сепак, тие оцениле дека
постојат вооружени поединци и групи кои се декларираат како АНА, но
процената е дека тие немаат поддршка од населението, како и потенцијал,
капацитет и моќ да ја загрозат стабилноста на државата.
Сепак, останува нејасно што би се случило со Македонците кои би се
вратиле во своите домови, а во меѓувреме АНА да ја добие поддршката од
месното население, но и да се здобие со поголем потенцијал, капацитет и моќ.
Работите се сведуваат на "што би било кога би било", а на Македонците им е
преку глава, како што велат, некој да експериментира со нивните животи во
име на некаков си соживот во кој, колку и да сакаат по се што се случи, не
можат да веруваат.
Министерот за труд и социјална политика Јован Манасиевски изјави дека
Владата ја донела одлуката за иселување од колективните центри на дел од
раселените лица од Тетовско, врз основа на многу сериозни анализи.
Враќањето на раселените важи само за оние лица кои имаат каде да се
вратат, на кои им се обновени домовите или не претрпеле оштетување,
истакна министерот Манасиевски
Владата ќе работи условите за нивно враќање што побрзо да се создадат,
но нема со сила да ги тера тие лица да се враќаат на подрачје каде што нема
во целост да гарантира дека вкупните услови за нормален живот се исполнети,
потенцираше Манасиевски.
Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената
полумесечина и Црвениот крст на Македонија се подготвени да ја преземат
дистрибуцијата на хуманитарната помош од ЕКО/ИНТЕРСОС за внатрешно
протераните лица сместени во семејства од април до јуни годинава.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст нагласува дека ќе продолжи со
давање помош во храна во Колективните центри за сите протерани лица
регистрирани од страна на Црвениот крст. МКЦК информира дека секој месец, до
крајот на јуни 2003 ќе ги снабдува кујните во центрите со по 12 килограми
брашно и еден пакет со храна за секое раселено лице.
Бројката на протерани Македонци сместени во колективни центри и семејства
е околу 9.000.
Ваквата информација на Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот
крст и Црвената полумесечина, секако зборува за контрадикторност, доколку се
има предвид "акцијата" на Министерството за труд и социјала да ги протера
еднаш веќе протераните Македонци од Колективните центри. Кому ќе му делат
помош активистите не МКЦК во Колективните центри, ако на седми март нашата
Влада ги "депортира" Македонците?!
|