КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ВРЕМЕ Е ЗА ВТОР ЖОЛТ КАРТОН

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Меѓучовечката доверба е доведена до најнискиот стадиум кој може да постои, до она ниво кое социолозите и психолозите го квалификуваат како критична точка за психата на секоја човечка индивидуа.
  • Немањето слух и вистински пристап кон се позачестениот проблем, ги наведува задолжените ресори кон преземање некакви инстант-решенија за кои однапред се знае дека не носат речиси никакви резултати на долгорочен план.

Дивиот запад од западниот Балкан стана се подив, како на сцена да застанале правилата на инстинктот и рефлексот, а не на умот и размислата. За жал, од ден на ден, од недела во недела, е се повеќе така. Во нашиот дел од истиот тој Балкан драматизирањето на настаните стана многу позавиткано, посомнително и непредвидливо. Полицаецот Сашо Ангелоски во името на фаталната привлечност се одлучи со куршум да ја реши љубовната врска со споредната жена во неговиот живот убивајќи ја неа, а потоа и себеси. Младиот Марио, како во турско време, беше заклан среде Скопје, пролевајќи ја својата крв врз издробената улица на Плоштадот "Македонија". Во Тетовско гинат Молдавки и Романки како дивеч на отстрел. За да се разбие оваа монотонија на македонскиот северозапад, одвреме навреме ќе се најде и по некој застрелан па фрлен во ендеци, селанец од Требош.

Тоа е нашата демократија, нашето современо општество. Не, не ја обвинувам актуелната власт за овие случувања, инциденти или несакани настани со криминална позадина. Ниту институциите не можеле да предвидат дека Сашо ќе ја застрела љубовницата во сопствената куќа, ниту полицијата можела да претпостави дека напиените малолетници или тинејџери ќе посегнат по ножевите за да ги одбранат набрекнатите пубертетски страсти. Ја обвинувам државата од најнискиот и најпонизниот чиновник до највисокиот функционер во сите овие изминати 13 години од македонскиот пекол. Ја обвинувам државата со сите свои досегашни кадри, политички опции и идеи. Го обвинувам нашето општество кое повеќе нема елементи на општество, кое се повеќе наликува на некоја растурена дружина, па секој член од разбиената група индивидуално се снаоѓа да дојде до целта, до спасот.

КОЈ Е ВИНОВНИКОТ!?

Ова општество цели десет години нема организација, отсуствува тимската работа. Ова општество ги пушти работите да течат онака како што ќе посакаат, онака како што надојдената вода од некој пороен дожд самата си го гради патот по кој ќе тече. Надвор од сите норми и стандарди, надвор од зацртаниот колосек. Да не се чудиме деновиве и месециве зошто имаме повеќе жртви, убиства и ранети од периодот кога се водеше војна, од времето кога беше многу поопасно да се преживее во Скопско, Кумановско и Тетовско. Македонија по се она што се случува, веројатно станува опасно место за живеење. Опасно, пред се, зашто за секое сторено дело - злодело сторителот е непознат, невидлив, недостапен за органите на прогонот, недофатлив за судот.

Секој, па и најмалата индивидуа, почна да гази врз темелите на правната држава. Таа индивидуа е осоколена и охрабрена да го прави тоа затоа што знае дека одамна на овие простори не постои правна држава, дека одамна исчезнале етичките норми на однесување. Знае дека принципите на таквото однесување ги поставиле избраните на позиции на одлучување - функционерите, политичарите, самобендисаните лидери и лидерчиња, директорите, управителите, оние со свилени костими. Кога обичниот граѓанин увидел каква улога имаат оние кои треба да ја штитат и унапредуваат државата во сите нејзини сегменти, мошне логично и оправдано си го поставува прашањето: "Каде сум јас во целиот овој хаос?". И по ова, нормално, следи земањето на работата во свои раце. Граѓанската индивидуа во неможност да ги реализира своите легитимни социјални, општествени и човекови права пристапува кон преземање потези несвојствени за принципите на правната држава. Поучен од главучите сместени во удобните кабинети и начинот на кој тие си го тераат животот врз грбот на изнемоштениот, на обичниот граѓанин не му преостанува ништо друго освен да си ја испроба среќата на идентичен начин како големците, се разбира со средствата што му стојат на располагање. Така се изродија куп девијации со амин на државата. Шверцот, сивата економија, крупниот и ситниот криминал, подземјето, проституцијата, грабежот. А сиве овие дејанија, поединечно или групно, ги промовираа секојдневните убиства, ја промовираа војната. Затоа велам дека државата и општеството во кое живееме се виновни што Сашо ја уби љубовницата па потоа себеси, што Марио беше убиен среде Плоштад, што ни се закануваат бомби од секој новопоставен контејнер или штотуку паркирано возило на накој градски паркинг. Државата на сите нам ни всади нов чип на размислување, државата од секој од нас направи помал или поголем шверцер, криминалец, од секој од нас обичните направи потенцијален убиец кој утре или задутре нема да може да ја исконтролира својата постапка. Речиси секој невработен, стечаец, сиромашен, барем еднаш, па макар и потсвесно, помислил или се довел во ситуација да посака да го убие неговиот директор, шеф или управител, оној кој го украл, што му го зел животот и го огладнел неговото семејство.

Постојат многу обични, но веќе и необични, луѓе кои посакуваат да го видат мртов својот сосед, својот претседател, премиер, министер, да ја види на оној свет својата сопруга, да го нема крај себе своето дете. Морбидно и нечовечки, зарем не? Но, реално. Ќе си поприкажат меѓу себе луѓето како ова што ни се случува никогаш го немало, старите не го паметеле. Се знаело што е држава, што е закон, се знаеле правилата на однесување на секого. Денес било анархија. Каде се вредностите? Кој ги уништи? Кој наместо нив воведе игра без правила, игра со селективна правда, игра со селективно право на добар живот. Нервите попуштија и реакциите не се предвидливи. Меѓучовечката доверба е доведена до најнискиот стадиум кој може да постои, до она ниво кое социолозите и психолозите го квалификуваат како критична точка за психата на секоја човечка индивидуа. Околностите во кои живееме се поттикнувачите кон таков развој на општествената ситуација. Меѓутоа, насочувањето на силите и губењето на времето во правец на барање на виновникот и создавање нови жртви за задоволување на сопственото его, може само дополнително да не внесе во поопасни вртлози и лавиринти и не би ни помогнало многу.

ИМА ЛИ НАДЕЖ?

Проблемот е како да се пресече работата, како да се елиминираат и неутрализираат девијантните постапки од свеста на секој човек - припадник на нашето општество. Да им се даде предност на позитивните аспекти на животот, да се обнови духот, вербата во животот, да се има пооптимистички пристап кон иднината. Сепак, треба да се има предвид дека растроената македонска индивидуа не е во состојба самата да си изгради свет околу себе кој ќе се разликува од светот на другите. Потребен е колективен ангажман од релевантните институции и установи кои преку практични проекти ќе го натераат Македонецот поинаку да размислува. Но, за да дојдеме до тој стадиум, првото што треба да се направи е тој Македонец искрено да почне да верува во државните институции, во нив да не гледа само бетонски зданија по кои ќе плука затоа што внатре во нив седат криминалци, мафијаши и терористи. Значи, првиот чекор е институциите да се ослободат од мрежно поврзаните банди. Дали е тоа можно?

За ова прашање има многу повеќе песимисти, отколку оптимисти. Велат, таа бајка е утопија. Ако ги нема криминалците, тогаш ќе ги има терористите и обратно. Оттука, врската и соработката меѓу народот и народните установи ќе биде се помала. Дистанцирањето едни од други само ќе ги обременува проблемите, ќе ја развива анархијата, ќе ги прави законите неприменливи во практиката. Но, повторно вината нема да падне врз плеќите на народот. Таа секогаш ќе тежи врз главите на оние кои се олицетворени во поимот држава. Државата е креатор на нормите, на правилата, на законските акти. Таа треба да го скроти немирниот и разулавен дух на граѓанинот, но не со пресија, да го поттикне на развој, на живот. Без таков пристап од страна на релевантните само ќе се усложнат фактичките проблеми, само ќе не натера да го продолжиме списокот на жртви, на убиени, како последица на модерното време и современата демократија. Ќе го претвориме животот и нашето секојдневие во една статистичка операција во која само ќе броиме и пребројуваме, ќе евидентираме кој каде пукнал, кого ранил или убил од зачудувачки мотиви.

Нашето окружување не презема никакви мерки за елиминирање, или барем за ублажување, на зовриената состојба во речиси секое ќоше од нашата средина. Панична е реакцијата на полицијата позачестено и поостро да ги контролира угостителските објекти, кафулиња и ресторани за да ги спречи тинејџерите да се опиваат и убиваат меѓусебно заради бујните гради на една нивна другарка. Ниту е решение, ниту е стратегија за одвраќање на младите од насоката по која тргнале. Немањето слух и вистински пристап кон се позачестениот проблем, ги наведува задолжените ресори кон преземање некакви инстант-решенија за кои однапред се знае дека не носат речиси никакви резултати на долгорочен план. Оттука, актуелните потези се по малку смешни, но повеќе како избезумени реакции на задолжените установи во неможноста да се справат со предизвиците кои стојат пред нив. Банални и монотони стануваат секојдневните прес-журки на владините ресори, на гласноговорникот на Претседателот на државата, на претставниците на меѓународната заедница кои за црната хроника изразуваат само загриженост и осуда, повикуваат на смиреност, а ништо не преземаат. Стануваат немоќни и пасивни пред огромното народно незадоволство кое полека, но сигурно, зазема нови и многу поопасни димензии. Се разгледува безбедноста на граѓаните на разноразни работни тела, се книжат дебели дневници за усвоените решенија, а ништо не е решливо. Од друга страна, се посветува внимание на многу споредни работи за кои ние во ниту еден случај не одлучуваме ниту пак придонесуваме за поинаков тек на настаните, а се се прави само за да се задоволат сопствените егзибиционистички амбиции на нашите политички авантуристи. Замислете, државниот врв ја разгледувал можноста за прием на евентуалниот бегалски бран од Ирак! Првиот човек на државата и неговите ентузијасти, кои се раководат од начелото на кариеризмот, навистина ја претераа. Време е да им се покаже и вториот жолт картон пред ние да го добиеме црвениот.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"