Претседателот ја коригираше веб-страницата
ТРАЈКОВСКИ ВЕЌЕ НЕ Е "МАКЕДОНСКИ СЛОВЕН"!
Б орјан Јовановски,
гласноговорникот на Кабинетот на Трајковски, кој во изјавата за минатиот
број од нашиот неделник во врска со веб-страницата на Претседателот кажа
дека "За креирање на сајтот користени се официјални извори на информации"
и дека пред да ни даде изјава мора да биде "информиран кој воопшто ја
креирал веб-страницата на Претседателот", во вторникот на 4 март се
премисли и за ТВ "Канал 5" кажа нешто сосема спротивно - дека се работи на
коригирање на грешките на веб-страницата на Претседателот.
Завчера во телефонскиот разговор со Јовановски ни беше кажано: Денес,
евентуално утре, на веб-страницата на претседателот Трајковски ќе биде
коригирана грешката.
Еве како изгледаат измените на веб-страницата на Претседателот:
"Република Македонија е создадена како резултат на вековната борба на
македонскиот народ за национално ослободување и за сопствена државност.
Борбата за македонска државност, посебно во 19 век (во векот на
националните држави) е усидрена во традициите на државата на Филип
II и Александар
Велики. На тие врски се повикувале актите и на Кресненското востание од 1878
година - на Националното Собрание на Македонија и привремената влада на
Македонија од 1880 и 1881 година.
Македонската државност се поврзува и со Самоиловото царство од крајот на
X и почетокот на
XI век како со
држава на ист народ.
Не навлегувајќи во коментар за коректноста или некоректноста на новите
презентирани наводи на веб-страницата, сепак факт е дека Претседателот се
откажа од определбата "македонски Словени".
Двајца НАТО-вци загинаа во Кумановско
Двајцата војници од полскиот контингент на НАТО, кои се здобија со тешки
телесни повреди кога нивниот џип нагази на мина, починале на пат кон
Ургентниот центар во Скопје. Преведувачката на војниците исто така тешко е
повредена, а двајцата повредени цивили од селото Сушево, кои исто така беа
во џипот од кумановскиот Медицински центар се префрлени во Ургентниот центар
во Скопје.
Припадниците на НАТО, двајцата цивили и преведувачката беа повредени на 4
март околу 17 часот кога џип со кој патувале нагази на поставена мина на
патот меѓу кумановските села Сопот и Сушево.
Каменуван воз
На пругата Куманово - Скопје кај селото Черкезе, во понеделникот околу
20,30 часот непознати насилници го каменувале возот кој сообраќал на
релацијата Скопје - Табановце. При тоа биле искршени прозорските стакла на
еден од вагоните, а повредени патници нема.
Комисија за киднапираните
Владата ќе формира специјална владино-парламентарна комисија која би ја
забрзала истрагата за 18-те киднапирани и исчезнати Македонци и Албанци. За
членови на Комисијата се предложени министерот за внатрешни работи, Хари
Костов, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Бошкоски, Г'зим Острени, Али Ахмети
од ДУИ како и другите команданти на поранешната ОНА кои сега седат во
пратеничките клупи.
Вештачење за автентичноста на изјавата на Аме
Обвинувањата за вмешаност на раководството на СДСМ во шверцот со нафта,
цигари и оружје за време на претходното владеење, што ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ
преку видео-снимки и изјави на контроверзниот дебарски бизнисмен Петрит Аме,
дадени пред инспектори на ДБК, за партијата на власт се "неинвентивни и
патетични измислици на опозицијата".
Портпаролот на СДСМ, Игор Ивановски, ја повика опозицијата ако веќе го
прават тоа, барем да користат некој што е жив за да може да го потврди тоа
што го изнесоа.
Јавниот обвинител Александар Прчовски, на прозивката од ВМРО-ДПМНЕ за
негова адекватна реакција, за конкретниот случај потенцира дека доколку
Обвинителството оцени дека кажувањата се сериозни, ќе ги испитаат, ќе
побараат увид во доказите и не им треба некоја посебна најава или прозивка
за така да постапат. МВР се уште испитува дали понудениот
видео-материјал е автентичен, односно дали потекнува од архивата на службите
во Министерството или станува збор за монтажа.
Бојку пред лицето на правдата
Најголемиот балкански бос во проституцијата и трговијата со бело робје
Дилавер Бојку - Леку од селото Велешта кај Струга се појави на обвинителната
клупа во Основниот суд во Струга.Бојку ќе одговара за кривично дело учество
во толпа, а во вториот за посредување во вршење проституција, дело за кое
доби 30 дневен притвор. Соочувањето на Бојку со правдата започна со процесот
за клевета, но расправата беше одложена поради недостиг на докази.
Заменик-директорот на "Идризово" со криминално досие
Неодамнешното именување на Исмет Гури за заменик-директор на
Казнено-поправниот дом " Идризово" предизвика големо изненадување во
судските кругови, но и пошироко. Главна причина за тоа е богатото судско
досие на новиот владин функционер, кој не само што се води како амнестиран
припадник на ОНА, туку моментално против него се води и судска постапка.
|