Дали е толку лесно да се напушти една трикатна куќа, имот,
автомобили, богата трпеза и безгрижно секојдневие и да се живее во
прифатилиште во соби "три со три"? Дали е лесно детето првите чекори да ги
прооди под туѓ покрив, мака мачејќи со затоплување, бањање, соодветна
исхрана? Дали е лесно да ја видите вашата куќа во пепел и прав, а ако и
останала цела, сето она што било внатре до паркетот на подот да е уништено?
Овие луѓе во 2001 година го изгубија целото материјално богатство, а им
остана само душата.
Дали некој сака и таа да ни ја земе, прашува една старица сместена во
Студентскиот дом "Стив Наумов" во Скопје која по протерувањето преживеала
два инфаркта и чиј брат од стрес неодамна починал.
Разрушената црква "Свети Атанасиј" во селото Лешок еден ден можеби ќе
биде целосно обновена, но таа никогаш нема да биде иста, како ни животот на
Македонците од популарно наречениот "тетовски кризен регион".
ТЕТОВАЖА
Приказните на протераните Македонци од Теарце, Непроштено, Лешок и
другите села од Тетовско погодени од војната се безмалку слични, исполнети
со болка, јад, очај и се што ја зацрнува душата. Сите боледуваат од некоја
болест која не се лекува со лекови, која не исчезнува ни со текот на времето.
Траумите како да се истетовирани во нивното срце, а ни хирушка интервенција
тоа не може да го санира. Тетоважата останува засекогаш. Можеби само
новороденчињата нема да се сеќаваат на овој епилог од својот живот, но
нивните родители ќе бидат сведоштва за една голема неправда, голем терор на
едни недолжни граѓани чија единствена вина е што се -Македонци.
"Ве известуваме дека треба да го напуштите колективниот центар најдоцна
до 07.03. 2003 година до 12 часот, а клучот од собата да се предаде на
управата на колективниот центар. Доколку не ги вратите клучевите бравата на
вратата ќе биде сменета, а предметите кои ќе бидат затекнати во просторијата,
комисиски ќе бидат попишани и ќе бидат сместени во просторија која за таа
намена ќе ја определи управникот на колективниот центар, безмалку
заканувачки и безобразно звучи соопштението кое до сите семејства на
протераните Македонци беше упатено од страна на Министерството за труд и
социјална политика.
Како овие луѓе ќе се вратат во своите домови во период кога се уште е
ладно, како ќе се топлат, од што ќе живеат. Споменатото Министерство само
што не допишало да се снаоѓаат како што знаат и умеат. Кога веќе потпишуваа
некакви рамки и договори, јавачите на апокалипсата треба барем малку да
помислат на обичните смртници кои ни криви ни должни биле протерани од
домовите.
Сите страни ќе работат да обезбедат враќање на бегалците кои се граѓани
или имаат законски престој во Македонија и на раселените лица, во нивните
домови, во што е можно покус временски рок, и ја повикуваат меѓународната
заедница, а особено УНХЦР, да помогне во овие напори, се вели во точката
3 за враќање на бегалците, ревитализација и обнова во Анекс Ц -Имплементација
и мерки за градење доверба од Рамковниот договор. За голема жал, кај нас
многу работи остануваат само на парче хартија!
"ПОВОЛНА"?
Поаѓајќи од сознанија на Министерството за внатрешни работи дека
безбедносната состојба е поволна, притоа имајќи ја предвид извршената
дерегистрација на внатрешно раселените лица од страна на Меѓународниот
комитет на Црвен крст, податоците на ИМГ за оштетени куќи од 3 и 4
категорија кои се во постапка на обнова, Министерството за труд и
социјална политика нашло за сходно прекуноќ да ги израдува протераните
Македонци за нивното враќање дома.
Колку безбедносната состојба е поволна говорат неодамнешните активности
на албанските терористи кои застанувале и контролирале автобуси на "Полет"
од Тетово кои се движеле по патот Тетово - Јажинце. Нејсе, белким само тоа
да е! И покрај многу кумувања со името на училиштето во Шемшево и проблемот
околу контроверзната биста, сепак Македончињата беа пречекани со ќотек од
страна на "гостопримливите" Албанчиња. По сето ова, надополнето со убиства,
престрелки во ноќни барови и слично, некој некаде проценува и оценува дека
во тетовскиот кризен регион безмалку цветаат рози. Да, рози кои
повампирената АНА ќе ги врачува на повратниците Македонки во пресрет на
празникот 8 Март. Официјално се кажува дека АНА сепак постои, но таа не е "баба
рога" па да ги плашиме децата со неа, со други зборови коментираат
надлежните за случајот. Тоа според некои личности се мала група потценети
граѓани кои само сакаат малку слобода во шверцот со бело робје, дрога,
цигари, алкохол и ред други обесправени бизниси! Гревчиња, нели?!
ДОВЕРБА
Кој ќе не носи на совест, доколку состојбата не е така поволна како што
кажуваат? Има ли некој воопшто совест во оваа држава кога на сред зима не
остава на улица на милост и немилост на криминални банди? Со што ќе го
прехранам детето, од што ќе живеам кога во автомеханичарската работилница од
која живеевме не остана ниту штравче, а сопругата не работи оти "Медицинска
пластика" во Тетово е затворена? Да го оставеа барем детево да ја заврши
оваа учебна година, вели еден протеран Македонец, кому очигледно му
пукнал филмот.
Протераните Македонци сакаат да се вратат дома. Кој не сака да се врати
дома!? Но, да се вратат тогаш кога власта ќе обезбеди барем минимум услови
за нормален живот, а не да се вратат во нивните села кои безмалку личат на "деветтиот
круг од пеколот" и каде нивните деца ќе бидат опитни глувчиња во
експериментот наречен "градење доверба".
Горчлив осмомартовски подарок за македонските мајки кои ги дадоа животите
на своите синови, кои немо тагуваат по киднапираните чеда, плачат без глас
за изгубената надеж, за иднината на децата, за живот кој некогаш мирно го
живееја.