|
СПОРТ
Ревизијата во Фудбалската федерација на Македонија отвори многу прашања
ФИНАНСИСКА ДУПКА ОД 350.000 ЕВРА
Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ
- Она што беше откриено како резултат на чешлањето не беше ниту
оптимистички, ниту пак дава реални шанси дека во македонскиот фудбал
работите ќе тргнат по една друга, позитивна насока, туку уште долго главна
преокупација на Федерацијата ќе биде како да се надмине и како да се
санираат лошите договори и егзибиционистичките фикс-идеи на функционерите
од минатите влади.
Н овото раководство во ФФМ на чело
со претседателот Харалампие Хаџиристески сериозно се зафати со работа и со
чешлање на финансиското и кадровското работење на минатата влада. Новото
раководство сака точно да знае што наследило, каква е моменталната, реална
слика во Федерацијата и што треба да се направи за да се придонесе за побрз
развој на македонскиот фудбал, нешто што беше поставено како една од
главните цели на новата фудбалска влада.
Меѓутоа, она што беше откриено како резултат на чешлањето не беше ниту
оптимистички, ниту пак дава реални шанси дека во македонскиот фудбал
работите ќе тргнат по една друга, позитивна насока, туку уште долго главна
преокупација на Федерацијата ќе биде како да се надмине и како да се
санираат лошите договори и егзибиционистичките фикс-идеи на функционерите од
минатите влади.
ПРОБЛЕМИ
Прво на површина излезе она што најмногу ја погоди фудбалската и спортска
јавност, а тоа е информацијата дека Фудбалската федерација на Македонија е
во финансиска дупка од 350.000 евра. Навистина износ кој никој не го
очекуваше или пак кој сите го навестуваа, ама секој мудро го премолчуваше.
Понатаму, како едно многу актуелно прашање е фамозниот автобус кој треба да
го добие ФФМ, а кој стигнува рекордно долго време. И на крајот кога под
закана од УЕФА дека ќе ја повлече својата донација доколку не се среди
работата со автобусот, автобусот конечно пристигна, а со него и многуте
контроверзи. Имено, според фирмата која го набави автобусот, ФФМ добила
многу повеќе отколку што платила, а според Комисијата на ФФМ за прием на
автобусот, тој не ги исполнува ниту стандардните услови - скрпен е набрзина
и не може да помине релација ниту од Скопје до Тетово! Значи, фамозниот
автобус, кој конечно пристигна, уште долго ќе претставува болна работа околу
која ќе се кршат копјата. Исто така, под ревизија треба да биде договорот на
ФФМ, поранешен ФСМ, со Лотарија на Македонија, а исто така ќе биде ревидиран
и договорот со УФА медија за ТВ правата кој беше оценет како исклучително
лош за македонскиот фудбал.
ПОДОБРУВАЊЕ
Решенијата за сите овие проблеми нема да бидат ниту лесни, ниту
едноставни, или пак ќе поминат без да се почувствуваат негативните последици.
Радува што првиот чекор е веќе направен, а тоа е што конечно отворено и
транспарентно се отвораат сите горливи прашања. Понатаму се забележува
тенденција да се работи во правец на подобрување на работите како што е, на
пример, охрабрувачкиот разговор кој го направил претседателот Хаџиристески
со директорот на Силекс Банка и од кој добил ветување дека во најкус можен
рок ќе се направат напори за да се ослободат парите кои се заробени уште од
времето на Ѕинго. Понатаму, радува фактот што се забележува подготвеност да
се ревидира договорот за ТВ правата како и да се лобира во странство за да
се добијат повеќе средства за развој на фудбалот во Македонија.
А, фудбалските вљубеници во Македонија сакаат да дискутираат за
поправката на стадионот, за тоа дали ќе гостува Аргентина во Македонија, за
тоа дали конечно ќе гледаме вистински машки фудбал.
ОДБОЈКА
Европскиот сон заврши во Холандија
Работнички Фершпед достојно се прости
О дбојкарите на Работнички Фершпед,
новите спортски миленици во Македонија, достојно се простија од
натпреварувањата во Европа.
Европскиот сон, поточно европското патување на Работнички низ Европа,
заврши во Холандија, земја која била светски првак во одбојка. Начинот на
кој беше елиминиран е по малку контроверзен, затоа што пред гостувањето, а и
на самиот натпревар, на најлош можен начин се почувствува големото влијание
кое го имаат Холандија и холандските екипи во европската одбојка. Имено, во
едни ненормални услови и под постојани закани и притисок од страна на ЦЕВ,
нашиот шампион беше достојно и во машка борба елиминиран.
Како и да е, оваа година екипата на Работнички претставуваше пријатно
изненадување кое сакаме да ни се повторува секоја година. А, екипата на
Работнички е на вистински пат да го оствари тоа. Во клубот се работи
професионално и аналитички, се применуваат современи тренажни процеси и
навистина постојат сите предуслови Работнички да прерасне во екипа која ќе
остави свој печат во Европа.
|