ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Упокоение на Свети Кирил Солунски

АПОСТОЛ НА МАКЕДОНШТИНАТА!

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • "Зарем сонцето не грее за сите еднакво? Зарем сите еднакво не вдишуваме? И како не се срамите да признаете само три јазици и зошто сакате сите други народи и племиња да бидат слепи и глуви ... " - оваа мисла на Св.Кирил ги победи сите зли јазици и го вознесе македонското свето писмо за навек.
  • Македонскиот народ чувствува должна почит кон делото на Св. Кирил и Методиј и се поклонува пред чесните мошти на гробот на Св. Кирил во Рим и им изразува благодарност, чест и почитување на делата на Светите Браќа.

Светата Православна Црква на датумот 14.02./27.02. го прославува Упокоението на еден од најголемите синови на македонскиот народ, Св. Кирил Солунски, просветител, писател, учител, преведувач на Светото Писмо и богослужбени книги на црковномакедонски јазик, составувач на глаголицата, филозоф "кој уште во мракот на средниот век ја запали свеќата на евангелското просветување, која никогаш нема да згасне".

Мудриот Св. Кирил го превел целиот црковен чин на црковномакедонски јазик и ги вовел своите ученици во тајните на црковната богослужба. Св. Браќа го проповедале Светото Евангелие на црковномакедонски јазик. Овој јазик го внесле во Божествената Литургија и во писменоста. Големиот македонски апостол и столб на Богочовековата Црква, великан на македонската култура и Црква, заедно со својот брат Св. Методиј и нивните ученици светите Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, не дозволија нашите предци да бидат претопени, германизирани и елинизирани и ги победија оние кои без милост сакаа да го избришат името македонско. Затоа тие остануваат за секогаш бранители на нашата национална и црковна слобода.

МАКЕДОНСКА БРАЗДА

Св. Кирил- наречен Филозоф Константин, со логичноста на мислењето, ја победи тријазичната ерес, ги победи оние кои сметаа дека е можно да се служи богослужба само на латински, еврејски и грчки јазик: "Зарем сонцето не грее за сите еднакво? Зарем сите еднакво не вдишуваме? И како не се срамите да признаете само три јазици и зошто сакате сите други народи и племиња да бидат слепи и глуви ...".

Пред смртта, разделувајќи се од својот роден брат Св. Методиј, ги искажал последните зборови: "Ние заедно оравме една бразда. Довршувајќи ги моите дни, јас паѓам на нивата, а ти ја сакаш гората (манастирот Олимп); сепак поради гората немој да го напуштиш учењето ".

Се упокоил во Господа на свои 42 години, на 14.02. 869 година, но за тој краток период на земниот живот оставил безброј безсмртни дела. Св. Методиј, на жал, не можел да ја исполни желбата на мајка им Марија, да го пренесе телото на својот покоен брат на исток, во манастирот каде некогаш заедно му служеле на Бога, бидејќи папата за да & угоди на Римската епархија, решил да го погребаат во една од базиликите во Рим, која била посветена на Св. Климент Римски (чии мошти ги пронашле Св. Кирил и Методиј и ги донеле во Рим). Значи, гробот се наоѓа во базиликата "Сан Клементе" (која е во близина на Колосеумот). Опелото на Св. Кирил било извршено со најголема почест. На неговиот гроб, секоја година, почнувајќи од 1969 година до денес, се поклонува црковна и државна делегација од Република Македонија.

БЛАГОДАРНОСТ И ВЕЧНА ПОЧИТ

Македонскиот народ чувствува должна почит кон делото на Св. Кирил и Методиј и се поклонува пред чесните мошти на гробот на Св. Кирил во Рим и им изразува благодарност, чест и почитување на делата на Светите Браќа. Заради тешкото минато низ кое помина македонскиот народ и Светата МПЦ , оваа почит му е направена со големо задоцнување. Прв пат таква почит пред неговиот гроб му се оддаде во 1969 година, точно на 14.02. - по стар календар (на денот на неговото упокојување), кога всушност и се одбележа 1100 годишнината од неговата смрт. Но, од наредната 1970 година му се оддава почит во месецот мај.

На 23.05. 1970 година (ден спроти празникот на Св. Браќа Кирил и Методиј) во вечниот град Рим, во базиликата "Св. Климент Римски", во присуство на претставници на македонскиот народ и МПЦ, свечено е откриена спомен-плоча на гробот на Св. Кирил (којшто тука се упокои пред 11 векови) и му е оддадена почит од името на целиот македонски народ и од името на МПЦ. На спомен-плочата, на македонски и латински јазик во бакар е испишано: "На Свети Кирил Солунски, сесловенски просветител со благодарност од македонскиот народ".

Цитираме дел од говорот на гробот: "Пресвети и преблажени наш преподобни оче Кириле, на гробот каде што денес почиваат Твоите свети мошти, денес во овој миг се најдуваме ние потомците, чедата на народот од чии пазуви си излегол и Ти, преподобни оче Кириле Солунски ".

Оддавањето почит на делото на Св. Кирил и Методиј се врши во базиликата "Св. Климент Римски" и во "Св. Петар".

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"