СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

МАКЕДОНЦИТЕ ВО БИОГРАФИЈАТА НА СПАРТАНСКИОТ КРАЛ КЛЕОМЕН ТРЕТИ

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Во третиот век пред Христа дошло до војна помеѓу Македонија и Спарта!
  • Спартанецот Теримон во своето обраќање до кралот Клеомен, јасно ги издвоил Македонците како засебен народ!

Откако наведовме податоци за она што се случувало помеѓу Спарта и Македонија во третиот век пред Христа, во продолжение ќе наведеме цитати од биографијата на спартанскиот крал Клеомен Трети, што ја напишал древниот грчки историчар Плутарх некаде околу 75 година по Христа.

Во минатиот број спомнавме дека спартанскиот крал Клеомен Трети предизвикал војна против Ахајската лига (сојуз од десетина грчки градови - држави). Во оваа војна тој нанесол пораз на војската на Ахајската лига, која заради тоа ја повикала на помош Македонија (под чија доминација се наоѓала до пред тоа). Македонија и помогнала на Ахајската лига, поразувајќи го Клеомен Трети, но за возврат повторно ја ставила под своја доминација оваа лига.

МАКЕДОНЦИТЕ ИМ ПОМАГААТ НА АХАЈЦИТЕ

Плутарх најнапред пишува за судирот помеѓу спартанскиот крал Клеомен Трети и раководството на Ахајската лига. Во биографијата на Клеомен Трети читаме дека тој поставил категорично барање до раководството на Ахајската лига во кое побарал тој да биде избран за водач на лигата. Ахајците го повикале на состанок за да се обидат да најдат заеднички јазик со него. Но, по патот, Клеомен Трети добил воспаление на грлото и привремено го загубил својот глас, поради што не отишол на состанокот на Ахајската лига, туку се повлекол во Спарта. Откако дава опис на овие настани Плутарх пишува:

"Ова ги растури односите во Грција, која штотуку почна да закрепнува од своите катастрофи и да покажува извесна способност за да се ослободи себе си од дрскоста и алчноста на Македонците."

Коментар на овој цитат од Плутарх не е потребен. Овој древен грчки историчар сосема јасно го опишал чувството на огромниот број Грци, не само во тоа време, туку и пред тоа, кои едноставно биле угнетувани од Македоцните како никогаш пред тоа. Интересно е како историјата подоцна се повтори, но овојпат со замена на улогите - Македонците и денес национално се угнетувани од современите Грци.

Но, да се вратиме на настаните. Водачот на Ахајската лига Аратус, не сакал ни да слушне да биде заменет со спартанецот Клеомен Трети. Затоа тој ги повикал на помош своите довчерашни непријатели Македонците. Во врска со ова Плутарх пишува:

"Аратус... го повика Антигон во Грција и целиот Пелопонез се наполни со Македонци, со истите тие, против кои тој (Аратус, з.м.) како млад се бореше исфрлувајќи го нивниот гарнизон надвор од Коринт и изгонувајќи ги од истата таа земја (Пелопонез, з.м.).

Всушност, Плутарх остро го критикува овој потег на Аратус, нарекувајќи го "нечесен" и потсетува какви се малтретирања Македонците им правеле на Грците од Ахајската лига додека таа се наоѓала под македонска власт од која одвај успеале да се ослободат. Гледаме дека Плутарх разочарано констатира дека истиот тој Аратус, кој своевремено се борел против Македонците, сега повторно ги повикал на Пелопонез. Антигон што овде се споменува е македонскиот крал Антигон Трети Досон, кој владеел од 229 до 221 година пред Христа. Тоа бил кралот кој го поразил Клеомен Трети и ги спасил Ахајците, но за возврат повторно ја ставил под македонска власт Ахајската лига.

Плутарх пишува дека поради поканата на Антигон да дојде на Пелопонез се јавиле сомнежи кон Аратус од страна на преостанатите членови на Ахајската лига.

Плутарх продолжува со критиките против Аратус затоа што ги повикал Македонците на Пелопонез, па вели:

"Иако тој (Аратус, з.м.) изјавуваше дека претрпел значителни загуби и дека поминал низ големи опасности за да може да ја ослободи Атина од гарнизонот со Македонци, сепак, на крајот, тој самиот ги доведе истите тие вооружени луѓе во својата земја, во својот дом, па дури и во женските одаи."

Плутарх со жалење констатира дека Аратус направил погрешен избор и дека требало да дозволи Клеомен да стане главен на Ахајската лига, наместо повторно да ги доведува Македонците на Пелопонез. Наместо да го прифати реформаторот Клеомен тој (цитат): "реши да се потчини себеси, заедно со Ахаја, на дијадемата и на пурпурот, односно на заповедите и наредбите на Македонците и на нивните сатрапи."

Овде сакам да потенцирам дека не случајно овде се спомнати "дијадемата и пурпурот" како симболи за Македонија, т.е. за македонската власт. Познато е дека македонските владетели носеле дијадема, а се облекувале во пурпур, посебно за време на свеченостите. Интересно е тоа што овие два елемента (дијадемата и пурпурот) многу векови подоцна биле главна одлика и на византиските цареви од Македонската династија, за кои исто така се смета дека потекнувале од генот на античките Македонци. Најпознат претставник од оваа династија бил Васил Втори Македонски - царот што го потчинил Самуиловото царство.

Во продолжение Плутарх пишува дека Аратус, за да му се додвори на македонскиот крал Антигон, организирал жртвени ритуали, кои ги нарекол Антигонеја, во чест на Антигон.

Конечно, по сите овие критики, Плутарх како да се обидува да се оправда себе си, па вели дека со својата критика против повикот на Аратус кон Македонците, не сака да го намали неговите заслуги како "вљубеник во Грција", туку сака да укаже на мигот на слабост што се јавил кај него во еден такво судбоносно време.

ВОЈНАТА ПОМЕЃУ МАКЕДОНИЈА И СПАРТА

Во продолжение читаме дека Клеомен сепак дошол на состанок на Ахајската лига, но Аратус веќе бил договорен со македонскиот крал Антигон околу водството на лигата. Клеомен, кога го разбрал ова, многу се налутил. Почнале жестоки вербални препукувања помеѓу Аратус и Клеомен, кој напишал остро писмо против Аратус и го испратил на Ахајската лига. Плутарх пишува дека мнозина првенци од Ахајската лига, но и обични граѓани, била настроени против Аратус затоа што (цитат): "...им ги довел Македонците на Пелопонез". Всушност, тоа бил пресуден миг Клеомен да објави војна на Аратус, надевајќи се дека неговата позиција на водач на Ахајската лига е разнишана. Клеомен извршил воен упад на полуостровот Палена и бргу го освоил. Потоа извршил напад и врз Аргос, што исто така го освоил. Овие почетни успеси го охрабриле Клеомен и Спартанците почнале повторно да се присетуваат на своите славни кралеви од минатото. Клеомен освоил и други градови на Пелопонез и стигнал до Коринт, каде бил засолнет Аратус, кој во меѓувреме ги повикал Македонците на помош. Македонскиот крал Антигон Трети Досон тргнал со огромна армија да им помогне на Ахајците (а всушност да ги стави повторно под македонско влијание). Клеомен решил спартанската војска да не влегува во отворен судир со Македонците (посебно не со, како што вели Плутарх, "високо дисциплинираната фаланга"), туку решил да ги чека во заседи и утврдувања. Првиот судир во оваа војна завршил со успех за Спартанците. Клеомен не дозволил македонската војска да помине низ еден премин и Македонците претрпеле помали загуби. Во такви услови Антигон решил да направи поголеми подготовки за војната против Клеомен. Но, тогаш, Ахајците од Аргос кренале востание против Клеомен. Кога слушнал за ова, Клеомен налутено издал наредба за задушување на востанието и испратил дел од својата војска таму. Но, кога стигнала неговата војска во Аргос, била поразена. Востаниците Ахајци, заедно со Македонците, не само што го ослободиле Аргос од Спартанците, туку сега директно се заканувале и на самата Спарта, која Клеомен ја оставил небранета. Клеомен го напуштил Коринт со својата војска, по што и овој град бил завземен од Македонците. За кратко време Клеомен го загубил најголемиот дел од Пелопонез за сметка на Македонците. Тогаш гласниците од Спарта му донеле вест дека ненадејно починала неговата млада сопруга, со која тој многу бил приврзан. Скршен од болка и војнички поразен Клеомен се вратил во Спарта. Тогаш му стигнала понуда за воена помош од македонскиот крал на Египет Птолемеј, кој за возврат ги побарал неговите деца и мајка како заложници. Неговата мајка се согласила и заминала за Египет заедно со едниот син на Клеомен. Во меѓувреме македонскиот крал Антигон Трети Досон и натаму ги освојувал градовите на Пелопонез, заканувајќи се и на самата Спарта. Клеомен организирал војска за пресудната битка, во која имало две илјади војници, кои биле обучени да војуваат на, како што вели Плутарх, "македонски начин". Сепак, Клеомен немал пари за да најми поголем број платеници, но проблеми се јавиле и кај Антигон, затоа што во тоа време Македонија била нападната од Илирите. Плутарх пишува дека писмата за проблемите во Македонија стигнале до Антигон веднаш по завршувањето на битката против Спартанците кај Селесија. Плутарх смета дека Клеомен и овојпат немал среќа затоа што доколку писмата стигнеле пред битката, Антигон ќе морал да замине за Македонија и да ги остави сами Ахајците да војуваат со Спартанците.

Но, битката завршила, а Клеомен ги загубил својата војска и својот град. Плутарх дава и опис на битката помеѓу Македонците и Ахајците од една страна и Спартанците од друга. Притоа тој ја истакнува улогата на Македонската фаланга:

"...Македонската фаланга ги притисна (Спартанците, з.м.) и со голем успех ги потисна за околу половина милја."

Плутарх пишува дека во оваа битка загинале околу шест илјади Спартанци, а преживеале само двесте. По битката Клеомен се вратил во Спарта, која сега била небранета и оттаму отпловил со брод заедно со своите најблиски соработници. Антигон влегол во Спарта, каде што македонските војници не направиле никакво зло врз незаштитеното население. Антигон им рекол на Спартанците дека ќе можат слободно да живеат како и дотогаш и да ги слават своите богови. Воопшто, за Антигон се смета дека бил голем дипломат. Поради настаните во Македонија, тој се вратил назад, но умрел од болест (веројатно од туберкулоза затоа што останало запишано дека повраќал крв).

ТЕРИКОН ГИ ОДДЕЛУВА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ГРЦИТЕ

Што се однесува до Клеомен, тој со бродот заминал кон Египет, каде тогаш владеел неговиот сојузник, Македонецот Птолемеј. По патот, на бродот неговиот пријател Терикон му забележал на Клеомен заради бегството по поразот и му рекол дека требало да му се потчинат на Антигон, наместо сега да одат во неизвесната судбина кај Птолемеј. На ова Клеомен остро му се спротивставил. Дијалогот меѓу нив двајцата можеби не е толку важен за нас, доколку Терикон во своето обраќање не дал уште едно децидно сведоштво за разликите меѓу Македонците и Грците. Тој на својот поразен крал, меѓу другото, му рекол:

"Доколку не е под секое достоинство, расата на Херкул да им служи на наследниците на Филип и Александар, ние сега немаше волку долго да патуваме и требаше да му се предадевме на Антигон, кој сигурно дека е подобар од Птолемеј, онолку колку што се и Македонците подобри од Египјаните".

Јасно е дека под "расата на Херкул" Терикон ги подразбира Спартанците, кои требало да им служат на Македонците, т.е. на "наследниците на Филип и Александар". Значи, овде и Терикон јасно ги издвоил Македонците од Грците како две посебни "раси".

Клеомен стигнал во Египет, каде недолго потоа го завршил својот живот. Биографијата за Клеомен Трети напишана од Плутарх нуди интересни историски сознанија за односите помеѓу Македонците и Грците во третиот век пред Христа, но и за нивната засебност како народ.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"