ФОРУМ

ЗНАМЕТО - СРЕДСТВО ЗА ДАВАЊЕ СИГНАЛИ!

Васил Томовски

аква е тоа држава која секоја година пристапува кон промена на својот основен симбол - Знамето, знаејќи притоа дека во овој случај за тоа нема ниту една објективна политичка, етничка, религиозна... причина" ("Утрински весник", сабота, анализа, 11/12 јануари). Овој цитат, како вовед, е прашање што е постојано присутно и повеќе од десет години лебди во македонскиот етер.

Но, за жал, ова прашање се уште не дошло до очите на меѓународната заедница во сегашно време на толку силна комуникација и сеопшта поврзаност и зависност на народите и државите и нивните интереси од целиот свет. Особено и пред се прашањето е надвор од погледот и на оној дел од меѓународната заедница којшто и поради нашите сопствени интереси, не само што е интензивно свртен кон нас, туку и подолго време е кај нас и со нас. Но дали е тоа вистинска причина што не реагира, или...?

Сепак, обичниот човек, граѓанинот на Европа, веројатно поради друг агол на гледање, може да комуницира на исти фреквенции со обичниот човек, граѓанинот на Република Македонија, па може, не само да го постави прашањето туку и да констатира:

Албанските партии во Македонија не само пред изборите и за време на изборите, туку и на сите партиски состаници и годишни конвенции, секогаш и секаде каде што ги има Албанците во мнозинство, особено во териториите што се "реинтегрираат" или што ќе се "реинтегрираат" според Рамковниот договор се вее туѓо знаме, знаме на друга држава, односно "нивно" знаме. Особено фрапира појавата на македонскиот министер - Албанец на Македонската телевизија кога ја известуваше јавноста дека успешно се привршуваат разговорите за приклучување на Македонија во системот на СТО, пред него немаше знаме, десетина минути подоцна во истиот телевизиски термин на годишната конвенција на неговата партија во Гостивар, на македонската јавност пак & беше претставен македонскиот министер без никаков коментар, но сега пред него се вееја знамиња, немакедонски.

Според тоа, можеби и констатацијата дека меѓународната заедница не ја гледа употребата на знамето на Македонија е само претпоставка, бидејќи пред очите на европската јавност, од познати и непознати причини, веќе еднаш ни го "сменија" знамето, а потоа ништо не ни "кажаа" за неговата употреба.

Понатаму, фактот што по парламентарните избори во 1998 година, новоконструираната власт веднаш амнестира затвореници, осудени од претходната власт, за непочитување, меѓу другото, на симболот на државата Македонија и нејзиниот народ - знамето, до денеска трите столба на власта не зазедоа став, ниту дадоа коментар во врска со тоа и ако употребата на симболите е уставна обврска и нивна и на Претседателот на државата - е причина за меѓународниот фактор (под изговор дека за тоа нема право да се меша во внатрешните работи на државата) да не реагира.

Капак на тоа му стави Теута Арифи - пратеник и потпретседател на ДУИ: "Прашањата за државните симболи се нормативно затворени, но се политички отворени и може да се продискутираат".

Затоа, обичниот човек - народот на Република Македонија, го поставува прашањето до сите релевантни фактори во државата и во меѓународната заедница, особено до актерите, учесниците, потписниците и сега имплементаторите на Рамковниот договор: Што претставува знамето во Република Македонија и која е неговата употреба?

Во својата првична форма:

- знамето е средство за давање сигнали, оптички знаци, подоцна:

- знамето е во употреба само во војската и за време на војна, и денес:

- знамето станува и е симбол на државата и на народот, заедно со химната.

По осамостојувањето на Република Македонија и воведувањето на плурализмот со консензус на сите граѓани на државата беа прифатени и вградени во Уставот конститутивните и правните поставки на двата Илиндена. Со тоа Македонците го започнаа третиот Илинден.

Основните поставки на Манифестот на Крушевската република, еднаквост правда и слобода, македонските Албанци ги прифатија (изгледа селективно) и влегоа во сите институции на власта и државата и повеќе од рамноправно партиципираа во неа, ги добија сите концесии, ослободени од надзор!

Но, за жал (и за срам) до денеска не (можеа, не сакаа) да го слушнат и разберат повикот на Крушевските илинденци:

"Елате браќа под бајракот на автономна Македонија!"

Манифестот со повикот е завет (тестамент) што им го оставија Илинденците на своите потомци. Го врежаа и го вкоренија во духот на македонскиот народ засекогаш.

Одговорот на прашањето за обичниот човек - граѓаните на Македонија, Европа и пошироко е кристално јасен. Но, за "другите"?

Затоа, обичниот човек - народот бара да се престане еднаш засекогаш со првобитната, појавна, форма на употреба на знамето во Македонија - средство за давање сигнали.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"