ФОРУМ

ДОКАЗИТЕ ЗА НАШИТЕ ВРСКИ СО АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ ДА СЕ ПРЕВЕДАТ НА АНГЛИСКИ!

Александар ДОНСКИ

Неодамна во неколку сојузни држави во САД под притисок и потплатување на тамошни- те политичари од страна на грчкото лоби, беа донесени резолуции според кои античките Македонци и нивната култура беа прогласени за "грчки". Мнозина Македонци реагираа, сметајќи дека сме ја загубиле борбата со Грците во овие држави на САД. Но, јас не мислам така.

Како прво, воопшто немаше никаква борба помеѓу нас и Грците. Или подобро кажано, овојпат ние бевме отсутни од "бојното поле" на кое беа присутни само Грците. Но, зошто го велам ова? Едноставно - огромен број Македонци во РМ се уште веруваат во истото она што го пишува во резолуциите на американските држави, а тоа е дека ние немаме никакви врски со античките Македонци, кои безмалку биле "Грци". Според тоа, и навистина немаше никаква "борба" помеѓу нас и Грците. Доколку во изминативе години ние агресивно се обидувавме да ја убедиме јавноста во САД дека ние сме потомци на античките Македонци, тогаш денес можеби можевме да зборуваме за "борба" што сме ја загубиле, т.е. не сме успеале во нашето убедување. Но, дали воопшто постоеше такво убедување, не само кон американската јавност, туку и пошироко? Одговорот гласи - не! Дури и оние Македонци кои (со право) сметаат дека ние сме потомци на античките Македонци, во најголем дел не знаат да понудат научни докази на јавноста на Запад во смисла да докажат врз основа на што сметаат дека денешните Македонци се потомци на античките.

Се разбира дека причините за ова незнаење на историјата на сопствената нација од страна на Македонците ни се добро познати и тие главно се засновани врз систематското дејствување на идеолошки обоената пан-славистичка историографија во претходниот комунистички режим, потоа во силната анти-македонска пропаганда од страна на некои наши соседи и слично. Но, сето ова воопшто не значи дека вакви докази нема.

Поради тоа ја известувам јавноста дека набргу се очекува почнување на Проект за превод на англиски и објавување на мојата книга "Античко-македонското наследство во денешната македонска нација (прв дел - фолклорни елементи)", која неодамна е објавена на македонски и која поради големиот интерес веќе се подготвува за второ издание. Ме радува тоа што сите позначајни медиуми во РМ јавија за нејзиното излегување, а копии набавија низа познати личности од јавниот живот во РМ и дијаспората. Има навестувања за превод на книгата на шведски и на дански јазик. Книгата за прв пат донесува научни докази за античко-македонското потекло на денешните Македонци. Секој што сака може да учествува во нејзиното објавување на англиски, преку личен контакт со мене.

Идејата е со оваа книга (преведена на англиски и претходно текстуално адаптирана за јавноста во англиското говорно подрачје), да ги "нападнеме" врвните светски интелектуалци кои на некој начин се инволвирани во овие теми. Дури тогаш ќе можеме да зборуваме за вистинска "борба" против грчката анти-македонска пропаганда.

Нема сомнение дека вистината е на наша страна. Ги имам анализирано сите критични точки на грчката анти-македонска пропаганда и во состојба сум да понудам лесно разбирливи и убедливи аргументи против сите тие точки. Но, ќе мора да работиме сите заинтересирани, овие аргументи да допрат до што е можно повеќе луѓе на Запад. Тоа нема да биде лесна работа и ќе одземе многу време, но еднаш веќе мораме да почнеме. Конечно, Грците не можат да ги "купат" сите светски интелектуалци. Можеби во овој миг е тешко да се замисли, но со извесен труд и тоа е можно - еден ден "купените" политичари во САД ќе останат единствените субјекти во својата држава кои ќе веруваат дека античките Македонци биле Грци, додека преостанатите интелектуалци ќе ги прифатат аргументите понудени од наша страна. Па, кој ќе биде победник тогаш?

Всушност, овие грчки хистерични активности јасно говорат дека Грците се преплашени од нас, знаејќи дека на борбеното поле на историографијата, еден ден тие ќе ја загубат борбата во очите на мнозинството неутрални набљудувачи во светот.

На крајот, сакам да потсетам дека се што денес ни се случува од страна на странските шовинисти веќе им се има случено на многу народи кои ги создадоа или ги обновија своите држави.

Да се потсетиме само колку проблеми имаа Грците откако ја создадоа својата држава во 20-те години на 19 век. Прво се случил невиден масакр врз Грците од страна на турската војска. Тогаш биле убиени илјадници Грци, а масакрот го предводел Македонец муслиман во служба на турската армија. Подоцна, со помош на големите сили, им било дозволено на Грците да создадат своја, прилично зависна држава, но кога водачот на грчките револуционери Каподистрија заминал за Виена за да разговара со претставниците на големите сили, таму јасно му било кажано дека тие можат да признаат грчка држава, но не и грчки народ, затоа што "таков народ не постоел". Зарем ова не потсетува денес на нашата состојба? Па, сепак, подоцна Грците успешно ја зајакнале својата држава, окупирајќи дури и негрчки теротирии (делови од Епир, Македонија и Тракија, но и Крит, кој им припаднал на Грците дури во 1913 година).

Или да се потсетиме на самите Соединети Американски Држави. Секој може да прочита со колку големи проблеми се соочувале Американците во своите напори да создадат независна држава. Дури и во 19 век Британците не ги оставале на мира, вршејќи врз Американците воени дејства, економски блокади и секакви други форми на притисок. Па, сепак, денес знаеме што станаа САД.

Значи, ова што ни се случува е "нормално" и веќе видено и кај други народи. Само треба да бидеме трпеливи затоа што времето и вистината се на наша страна. Грците се тие кои се плашат затоа што знаат дека еден ден, по подолго или пократко време, нивниот шовинизам ќе доживее тежок пораз.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"