|
КУЛТУРА
Сто дена турнеја и најава на нов Проект на Сузана Спасовска
НАЈГОЛЕМА НАГРАДА МИ Е ПРИЗНАНИЕТО ОД НАРОДОТ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Особено ми е мило кога на концертите ме најавуваат како кралица на
македонската изворна песна и како наследничка на македонскиот златен глас
- Васка Илиева.
- Планирам малку да работам во Македонија затоа што премногу работа се
отвори надвор од Македонија, вели Спасовска.
В о Македонија последниве неколку
месеци Сузана Спасовска можевме да ја видиме само на нејзините спотови кои
кружеа по електронските медиуми, но тоа не значеше дека Сузана мирува.
Неодамна таа се врати од турнеја која траеше сто дена на големо задоволство
на Македонците кои живеат во далечните Австралија и Америка. Заедно со
нејзиниот колега Петар Нечовски ја запалија австралиската публика одржувајќи
десет концерти, а со исто темпо Сузе продолжи и во Америка каде на
Македонците им приреди прекрасен дочек на Новата година.
Иако оваа турнеја за неа беше доста напорна, таа тука не застанува, туку
продолжува и натаму да ги полни салите во Швајцарија, да гостува во Бугарија,
а постојат и најави повторно да замине за Австралија и Америка.
ТУРНЕЈА
На покана и во организација на КУД "Јане Сандански" од Австралија, Сузана
Спасовска и Петар Нечовски на шести октомври минатата година заминаа во оваа
далечна земја. Според програмата на организаторот тие требало да одржат
седум концерти, но поради големиот интерес македонската публика ја удостоиле
со уште три.
Покрај десетте не замолија да одржиме уште три концерти, но бидејќи веќе
имав закажано турнеја за Америка, за жал, моравме да ги откажеме, вели
Спасовска. Се надевам дека во некој нареден период (веќе имаме покана за
повторно гостување) ќе ги реализираме и тие три концерти. Турнејата
ја започнавме со концерт во Перт којшто беше премногу успешен и посетен.
Продолживме во Мелбурн, потоа во Сиднеј, Волонгонг и Квинбиен. Од
организаторите, односно од КУД "Јане Сандански" од Мелбурн, премногу сме
задоволни и јас и мојот колега Петар. Можам да кажам дека се тие прекрасни
организатори, бидејќи во нашите турнеи многу важна работа е кој организатор
е ангажиран затоа што тој треба да ги информира луѓето каде се ќе настапат и
под кои услови. Која било светска ѕвезда да дојде ако организаторот
не е како што треба ништо од концертот. Тоа им се случило на многу
наши пејачи заради организаторот да им пропаднат концертите така што морам
повторно да кажам дека ние сме премногу задоволни. Организацијата беше
одлична така што и понатаму ќе продолжиме со нови соработки и турнеи.
Повеќето менаџери или организатори практикуваат да поканат по еден
популарен пејач и еден кој допрва му претстои музичка кариера заради
финансиската страна на организаторот. Но, овој пат организаторите направиле
исклучок.
Бевме двајца популарни пејачи така што се знаеше уште од самиот почеток
дека таа турнеја ќе биде успешна, додава Спасовска. Многупати сум
била на турнеи со македонски пејачи, меѓутоа морам навистина да го издвојам
Петар како исклучителен колега, голем професионалец и пријател. На
повеќето концерти не следеше групата "Деспина" (со исклучок во Мелбурн) луѓе
кои живеат и работат во Австралија. Целиот репертоар беше подготвен и
морам да кажам дека на нашите концерти не се случуваа оние класични игранки,
туку на нашите концерти имаше час и половина концертен дел каде што гостите
ја следат програмата и можат со големо внимание да ги следат песните од
своето место. Доколку се стане да се игра се губи концентрацијата и
веќе луѓето не внимаваат што пејачот пее и како пее. Сакавме да има
еден културен концертен дел и дури потоа да им овозможиме на сите тие луѓе
кои навистина беа развеселени на крајот да заиграат наши ора. Зошто
го потенцирам ова? Затоа што на секој пејач му е многу полесно да запее и
луѓето да почнат веднаш да играат, бидејќи тука веќе не се гледа како пееш,
што пееш итн., но концертниот дел е една одговорна работа и сметам дека сите
треба така да настапуваат.
КОНЦЕРТИ
Сузана и Петар настапиле во македонската сала "Саншајн" во Мелбурн и
новоотворената сала во Сиднеј "Ред роуз", во големи сали каде што може да се
соберат поголем број Македонци. На нивните концерти во Австралија претежно
присуствувала македонска публиката.
Особено ми е мило кога на концертите ме најавуваат како кралица на
македонската изворна песна и како наследничка на македонскиот златен глас
Васка Илиева. Повеќето веќе ги знам поради моето често гостување таму,
објаснува Спасовска. Нив ги сметам веќе за мои пријатели. Меѓутоа, во
Америка имав странска публика којашто доаѓаше на концертите најверојатно
заради пријателството што го имаат со нашите Македонци. Се случи
особено во Детроит меѓу публиката да има Американци, Хрвати, Срби оние на
кои им е близок македонскиот мелос, дури имаше и два-тројца Германци.
Бев воодушевена од тие коишто ни беа обезбедување. Во Детроит на крајот на
концертот, и покрај тоа што не го разбираат нашиот јазик, па дури и нашата
музика и мелос, но толку им се виде убав што на крајот земаа од мене
CD со мојата
музика со што можеби и ќе ги научат песните.
Кога пристигнав во Америка мислев дека малку повеќе ќе се одморам затоа
што во Австралија навистина ми беше напорно. Сметав дека ќе останам таму
само три недели да се видам со некои мои пријатели и малку да се дружам со
Македонците во Детроит, Чикаго и Индијана, но испадна да поминам една
прекрасна Нова година во Њу Џерси, место кое е познато по тоа што
Македонците прават прекрасни забави. Тука навистина се собира публика
во огромен број. И овој пат беше така. Навистина сум презадоволна и
од двете турнеи.
На задоволство на публиката Сузана им ги испеа песните "Стани Македонијо",
"Гордо Македонија", "Земјо моја", "Стани сине", "Божја реч", а голем хит кај
нив се и песните "Бомба" и "Џингрлака џикица".
Да напомнам дека на концертите имаше и многу млада публика, а тоа ме
прави среќна. Тоа е почитување од тие млади луѓе не само кон мене, туку и
кон земјата од каде потекнуваат, вели Спасовска. Неодамна бев
и во Бугарија. Честопати сум гостинка таму, бидејќи и таму имам луѓе
со кои соработувам, а со некои сум во преговори за некои нови проекти. Освен
тоа моите видео спотови се бараат таму и се пуштаат на ТВ каналите.
Македонската музика е толку убава што не е чудно што и луѓето таму сакаат да
ја слушаат. Од друга страна моите спотови се професионално направени така
што тие сакаат да гледаат квалитет, а не само голотија и комерцијални песни.
ПРОЕКТ
Покрај концертите во Австралија, Сузе национале работеше и на еден
проект.
Концертите во Австралија и во која било друга земја каде што има
Македонци се прават или петок, сабота или недела, додава Спасовска.
Преостанатите денови луѓето работат, така што во текот на неделата имам
слободни денови кои ги користам за разгледување на градот во кој се наоѓам,
со запознавање на местата каде што живеат и работат нашите Македонци.
Покрај прошетките и дружењата најдов време да направам и нешто друго.
Идејата за договор за еден проект дојде сосем случајно, но ете се случи
благодарение на моите видео-записи коишто ги видоа нашите Македонци.
Но, се случи тие спотови да ги видат и луѓе кои се занимаваат со музика во
Австралија и кога ги видоа се воодушевија и ме запрашаа зарем е можно во
Македонија да се направи вакво нешто. Изразија желба и тие да направат
нешто. Тоа се луѓе од поголеми студија и со нивна помош направивме еден
проект, а за каков проект станува збор се уште не е дојден моментот да го
промовирам така што ќе остане уште малку тајна. Соработував со многу
луѓе меѓу кои беа и наши Македонци коишто си имаат свои студија и работат
интензивно на материјали како со наши Македонци така и со Австралијани, со
секој кој ќе посака да соработува со нив. Проектот е прескап, но ќе се види
и зошто, а инаку тоа е за мене од нив еден скап подарок.
Сузана планираше да го сними најновото CD
минатата година, но таа беше многу присутна на фестивалите со нови песни
каде што секаде ги доби првите награди, потоа направи пет спота така што
немаше потреба од CD-то.
Сепак го подготвувам CD-то
и се надевам дека ќе биде промовирано оваа година,
објаснува Спасовска. Планирам уште неколку спота. Сакам да
работам, иако понекогаш тоа не ми се признава. Обично се дава признание на
оние коишто спијат цела година и коишто не направиле ништо, ниту
CD, ниту спот,
единствено нешто што направиле е тоа што се појавиле на еден до два
фестивала. Добивам впечаток како
кај нас веќе да е изгубен секаков критериум и чувство за тоа што е навистина
квалитетно. Навистина се прашувам како не се срамат оние коишто ги добиле
признанијата, а не ги заслужиле. Доколку сум јас на нивно место би се
срамила и би го вратила тоа признание или би му го дала на оној за кој знам
дека цела година работел. Особено сум револтирана и сакам јавно да го
кажам ова. Како можат воопшто да ме стават во конкуренција со некој којшто
не се ни доближил до мене. Едноставно чекорам многу побрзо од другите.
Сепак, најголема награда ми е признанието од народот, од оние кои ме сакаат.
|