|
Изложби
Глобализација и идентитет
Скопје, 25 февруари.
Во Музејот на Скопје беше отворена изложба насловена како "Глобализација
и идентитет". Презентирани се дела на уметници кои учествуваа на истоимена
работилница што се одржа на меѓународниот ден на музеите -18 мај.
Книги
Немир и размисли
Скопје, 24 февруари.
Во Клубот на пратениците во Скопје беше промовирана книгата "Немир и
размисли - за македонцките работи 2001" од Драгољуб Ставрев, што неодамна ја
објави книгоиздателството "Култура". Книгата содржи погледи, анализи, оценки
на Ставрев за воената криза во Македонија во 2001 година. Текстовите се во
форма на писма упатени до определени институции во Македонија, како и до
влијателни институции на меѓународната заедница. Промотори на изданието се
д-р Владо Камбовски и Тихомир Илиевски.
А, бре, Македонче
Скопје, 25 февруари.
Четириесетина текста од Коле Чашуле, публикувани во изминатите две години,
како и необјавени дневнички записи кои ја коментираат политичката и
општествената стварност на нашата земја, се собрани во книгата "А, бре,
Македонче", во издание на "Ми-Ан". Книгата беше промовирана во просториите
на Друштвото на писателите.
Смртта на дијакот
Куманово, 25 февруари.
Во Домот на културата "Трајко Прокопиев" во Куманово, се одржа промоција
на книгата "Смртта на дијакот" од Драги Михајловски, во издание на "Каприкорнус"
од Скопје. Промотор на книгата беше Иван Џепаровски, а инсерти од неа читаа
кумановските актери Љубица Гојковиќ и Илија Струмениковски.
Музика
Концерт
Скопје, 25 февруари.
Во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар, концерт одржа Румен
Димитриев на виолина и Јован Каровски на пијано. На програмата беа дела од
Богданов, Николовски, Прошев, Зографски, Стојков, Аврамовски и Коларовски.
Набуко
Скопје, 25 февруари.
Во салонот на МНТ беше изведена премиерата на "Набуко" од Џузепе Верди.
Диригент на претставата беше маестро Томислав Шопов кој со претставата
прославува 35 години уметничка дејност. Во главната улога на "Набуко"
настапи познатиот светски баритон, Борис Трајанов.
Прашина станува академски хит
Филмот Прашина на Милчо Манчевски станува академски хит во
најреномираните универзитети на светот. По проекциите на Универзитетот Браун
во САД, Прашина со голем успех беше прикажан и на универзитетите Колумбија
во Њујорк, Лајпциг во Германија, а на крајот на март следи презентација и на
универзитетот во Торонто. Прашина за прв пат беше прикажан во Германија на
Универзитетот во Лајпциг, кој е вклучен во рамките на предавањето на тема "Теророт
и војната против него" на еден од најреномираните современи филозофи
Georg
Megle. Филмот го претстави
професорката Beatris
Kobou авторка на
есејот насловен како "Прашина: раскажувањето и времето во кубистичкиот
истерн", како и историчарката Iris
Kronauer која се
осврна на фактот дека критичарите одбија естетска дебата за филмот кога се
соочија со ова извонредно дело на отворањето на фестивалот во Венеција 2001,
туку го третираа само од дневнополитички аспект. Проекцијата беше проследена
со жива дискусија за разновидни естетски аспекти на филмот. Догодина, на
универзитетот во Лајпциг во зимскиот семестар во 2004, ќе има семинар за
филмска теорија кој ќе се фокусира на филмот Прашина. На семинарот ќе
учествува и авторот Манчевски.
Македонски дејци - XX
век
"Македонски дејци - XX
век" од историчарот Стојан Киселиновски е лексикографско издание кое содржи
биографии, описи и фотографии на околу 400 личности кои делувале и делуваат
во Македонија во XX
век. Во овој труд главно се претставени дејци на македонското национално
движење (со своите две основни политички артикулации - центар и левица) и
дејци на македонското движење (артикулирани во политичка десница и политичка
левица).
Авторот, во рамките на своите можности, се обидува да ги објективизира
историските личности во рамките на соодветниот историски простор и во
рамките на соодветната историска реалност.
Повеќе информации за целата издавачка програма на "МАКАВЕЈ" можат да се
најдат на: www.makavej.com.mk
|