КУЛТУРА

Професор д-р Георги Сталев за првиот дел од третиот том на Проектот "Историја на македонската книжевност"

ТРАЈНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА НАПИШАНИОТ ЗБОР

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Книгата започнува со обработка на нашата книжевност од 1800 година со првите пројави и во рамките на определбата се оди по една хронолошка линија: појава по појава, дело по дело, автор по автор, онака како што се појавуваат во нашата историја.
  • Нам ни е потребна една ваква книга којашто ќе им биде достапна на сите генерации и на сите слоеви и така е реализирана да биде читлива за секого.

Деновиве во рамките на Институтот за македон-ска литература во Скопје излезе од печат први-от дел од третиот том на Проектот "Историја на македонската книжевност", со наслов "Македонската литература во 19 век" чиј автор е професор д-р Георги Сталев. Во тек е изработката и на вториот дел кој ќе го опфаќа периодот од 1900 до 1945 година, односно 20 век. Овие два тома се дел од Проектот "Историја на македонската книжевност" во кој се зацртани вредностите на македонската книжевност.

Георги Сталев е професор во пензија, но и покрај овие два тома и понатаму твори. Сега ја привршува работата врз монографијата за Григор Прличев. Во неа опфаќа се што е релевантно за Прличев, колку во поглед на нашите, толку и во поглед на странските видувања. "Литературни портрети, истражувања и критики" е книга која неодамна му ја донесе наградата "Димитар Митрев". Покрај овој Проект, професорот Сталев работи и на друг насловен како "Стилските обележја на македонските писатели во 19 век" кој исто така е од макро-проектот на Институтот за македонска литература. Професор Сталев се занимава и со белетристика. Има објавено повеќе збирки поезија, неколку поеми, како и драмски текстови: "Болен Дојчин", "Ангелина", "Самуил" и други.

ПРВИОТ ТОМ

Станува збор за една од книгите "Историја на македонската книжевност" што произлегува од макро-проектот на Институтот за македонска литература во Скопје под ист наслов од кој веќе се излезени од поодамна двете книги: "Народна книжевност" и "Средновековна македонска книжевност", вели проф. Сталев. Овој том, или да го наречам "полутом" (затоа што беше замислено да оди како трет том), "Македонската литература од 1800 до 1945 година" следи еден целосен континуитет на нашата книжевност создаван, всушност, во најнеповолни услови, кога не постоеше македонски литературен јазик, кога не постоеше македонска државност. Тоа беше и определбата за поднасловот "1800 - 1945 година" кој е прв дел од тој трет том со наслов "Македонската литература во 19 век". Ова претставуваше една макотрпна работа, како што е работата над секоја историја од овој вид. Работена е во класичен манир, не во модерен, затоа што во Институтот сметавме дека кај нас прво треба да се појават истории од оној класичен вид, па потоа да се премине на нешто малку помодерно. Нам ни е потребна една ваква историја којашто ќе им биде достапна на сите генерации и на сите слоеви, па така е реализирана - да биде читлива за секого.

Како што вели проф. Сталев, своевремено во 1951 година, и Блаже Конески има објавено еден свој текст, подоцна и како второ издание, под наслов "Краток преглед на македонската литература од 19 век", со примери. По него, во 1963 година, и проф. Сталев има напишано "Преглед на македонската литература во 19 век".

Но, сето тоа и по обем е сосема нешто друго од она што сега со сета одговорност го нарекуваме историја на македонската литература, додава проф. Сталев. Прашањето "Македонската литература во 19 век" е мошне деликатно со оглед на состојбите во 19 век кај нас, во Македонија, пред се во однос на книжевното творештво и со оглед на притисоците што ги имавме и ги имаме до денес од бугарска страна. Деликатноста се состои во тоа - како историски ние да пристапиме кон таа наша литература којашто по многу нешта оди по некоја одредница што ја форсираат Бугарите како бугарска литература. Со тоа ние би можеле само делумно да се согласиме, со оглед на онаа ситуација од 19 век што ја следеле некои од нашите писатели. Но, потенцирам, само некои од нашите писатели од 19 век, затоа што таму има и чисти македонисти, и не од профилот на Шапкарев, туку на Ѓорѓи Пулевски, и се до појавата на Мисирков. Многу од делата на нашите писатели од тоа време (што биле публикувани) и фактографски можат да & послужат на бугарската наука за тотално присвојување на нашите автори. Тука се обидувам сите тие фактографски нешта да не ги преиначувам, да не ги премолчувам, туку да одам по нивниот оригинален белег. Меѓутоа, бидејќи се знае онаа друга "страна на медалјата", односно зошто сето тоа било така, должноста моја беше со чесен коментар, без премолчување, без фалсификување да го прокоментирам сето тоа и да се види која е, всушност, целата суштина. Илузорно би било да се бориме од денешна гледна точка да им негираме на Бугарите некакво нивно право на некои наши автори, меѓутоа објективно ако погледаме што се влијаело врз определбата, да речеме, на овој или на оној наш писател за бугарската кауза, тогаш се разбира дека коментарот е тука тие работи да ги објасни, а не да ги искривоколчи.

КОНЦЕПЦИЈА

Книгата не е збир од трудови кои своевремено професор Сталев ги има напишано.

Може да има нешто инкорпорирано во содржината на оваа книга од некои мои книги, но станува збор, да речеме, за некои "исечоци", а понекогаш наместо да се цитирам, сам себеси "се испокрадувам", објаснува проф. Сталев.

Но, професор Сталев толку вешто тоа го има компонирано, што практично претставува еден сосема нов текст.

Можеби страница, две, три, може да се сретне нешто мое веќе напишано, но и тоа е променето и е во функција на целокупната содржина за конкретното определено прашање, додава проф. Сталев. Значи, оваа историја е работена систематски. Започнува од 1800 година со првите пројави и во рамките на определбата се оди по една хронолошка линија: појава по појава, дело по дело, автор по автор, онака како што се јавуваат во нашата историја. Така се добива една целина. Познато е дека речиси сите наши книжевни творци од тој век, школувајќи се во туѓи средини, создавале во туѓина: Константин Миладинов и Рајко Жинзифов - во Русија. При ова да го споменеме и Коста Абраш(евиќ) кој е експониран на српски јазик, во српска средина, но е Македонец и, од друга страна, тој е поет којшто се бори преку својата поезија за хумано општество.

По оваа книга следува друга која почнува од 1900 година и која опфаќа се што е карактеристично до 1945 година, вклучувајќи ја тука и македонската драма меѓу двете светски војни, Кочо Рацин и др., а даден му е простор и на Венко Марковски, колку што треба, според носивоста на неговата поезија.

Тој втор дел завршува со анализа на она што беше макар и некоја нус-појава, но литература создавана во текот на Народно-ослободителното движење, како маркантен дел, иако нејзините вредности во целина се покажаа мошне неотпорни, вели проф. Сталев.

Оваа книга е рецензирана, одобрена и сега веќе е во печат.

МОТИВ

Своевремено дадов една иницијатива (во 1980 година) да се формира "Институтот за македонска литература" и требаше да се почне со некои проекти, додава проф. Сталев. Првиот Проект беше овој, глобалниот, Макро-проектот "Историја на македонската книжевност", така што се почна за потребите на тој Макро-проект. И луѓето вработени во Институтот, и надворешните соработници, работеа на тоа да се создаде фонд од истражени материјали што ќе послужат во компонирањето на одделните томови коишто треба да излезат како веќе напишана историја. Тоа беше поттикот, мотивот за оваа книга. Мене прво ми се падна задачата од Колегиумот на Институтот да работам само на 20 век. Но, бидејќи бев фокусиран и на материјалот од претходниот век, дополнително ми беше доверена и работата врз оваа книга, така што морав да се вратам на 19 век, па да го поврзувам со почетоците, односно со првата половина на 20 век.

Според професорот Сталев, тешко може да се каже дека во овие две книги се е исцрпено, затоа што материјалот е, сепак, обемен.

Ние самите имавме своевремено еден сопствен потценувачки однос кон македонската литература, особено на оној дел зад 1953 година, но се покажа дека тука има навистина вредности и појави коишто заслужуваат да влезат во историјата на македонската литература, се разбира, според значењето, според достигнувањата. Ако се земе предвид и тоа, дека на некој начин бев присилен да ги соединувам овие две епохи, морав и да скратувам, затоа што книгата ќе изгледаше енормно голема.

Првиот дел е веќе на виделина, а професор Сталев смета дека набргу и вториот ќе го најде своето место меѓу читателската публика.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"