Анонимен преговарач за името со Грција!?
Преговорите меѓу Македонија и Грција во врска со името ќе се одржат на
пролет во Њујорк, каде и официјално ќе се дознае кој ќе биде новиот
македонски преговарач. Преговарачот ќе го именува претседателот Трајковски
во консултации со Владата.
Двојното име на Република Македонија е формулата на која македонскит
власти ќе претендираат во преговорите со Грција. Едно е сигурно, во
преговорите нема да учествува довчерашниот член на експертскиот тим, Љубомир
Фрчковски, за чие учество остро се спротивставил Бранко Црвенковски.
Регионална конференција за Балканот
Македонската министерка за надворешни работи Илинка Митрева се сретна со
Роберт Сери, директор на Дирекцијата за оправување со кризи и операции на
НАТО и шеф на мисиите на Алијансата на Балканот. Тема на разговорите беше
иницијативата за одржување регионална конференција за безбедноста на
границите на Балканот.
Хрватска пред Македонија во ЕУ
Иако беше прва од земјите од Западниот Балкан која го потпиша Договорот
за стабилизација и асоцијација со Европската унија, Македонија повторно
задоцни со доставувањето на кандитурата за членство во Европската унија.
Хрватска само една ипол година по потпишувањето на Договорот достави своја
кандидатура за членство во ЕУ.
Додека Македонија се бори против криминалот и корупцијата и тешкото
спроведување на Рамковниот договор, Хрватска мудро го чекори патот до ЕУ
каде очекува да биде примена до 2007 година.
Македонија и Албанија во борба против тероризмот
Министрите за внатрешни работи на Македонија, Хари Костов, и Албанија,
Љуан Рама, на неодамнешната охридско-струшка средба се договорија за
заедничка борба против организираниот криминал и тероризам, како и развивање
на меѓусебната сорабтка. Министрите Костов и Рама соопштија дека заедно ќе
се борат против сите терористички, криминални и нелегални појави како на
ниво на министерствата, така и на пониско оперативно ниво. Највени се и
потпишувања на меѓусебни договори за полициска соработка и за испорачување
осомничени лица против кои има покренато потерници во матичните земји.
Поделба на Косово
Премиерот на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, во неодамнешното интервју за лондонски
"Тајмс", изјави дека Белград "нема да се воздржи да поддржи поделба на
Косово, доколку со поддршка на Западот не се изнајде решение за заштита на
тамошните Срби". Српскиот премиер предложил на северот на Косово каде Србите
се мнозинство да се создаде "мини-држава" по примерот на Република Српска во
Босна и Херцеговина. Тој предлага на Србите во Косово да им се обезбедат
целосни законски и уставни права и инструменти за нивна заштита.
Албанските зли духови не мируваат!
Албанските екстремисти во Јужна Србија најавија нови судири во областа на
административната граница кон Косово. "Славните денови ќе се вратат, а овој
пат ќе се бориме до крај", истакна поранешниот командат во Прешево, Муртези.
Неодамна во експлозија на мина во близина на Бујановац загина еден српски
полицаец, а двајца беа повредени. Српските власти нападот го осудија како "терористички
чин". Одговорноста ја презеде Албанската национална армија која најави
мобилизација на своите членови.
Нови проекти на ОТЕ
Грчката телекомуникациска компанија ОТЕ ги преиспитува петгодишните
вложување во земјите на Балканот и профитот што го добила од нив, изјави во
Солун претседателот на Управниот одбор на ОТЕ, Лефтерис Андонакопулос. Тој
најави дека ОТЕ има намера да се зацврсти на пазарите во Македонија и
Бугарија, со кои веќе солидно соработува. Според него, оваа компанија
планира во своите зделки на Балканот да вклучи и нови фирми како
институционални инвеститори, а компаниите во кои инвестирала да ги внесе во
локалните берзи.
Грчки пари за Македонија
Владата на Грција ќе го спроведе билатералниот договор со Македонија за
економска реконструкција, вреден 74,4 милони евра, и покрај тоа што
договорот не беше ратификуван во грчкото Собрание. "Грција до последно евро
ќе го исполни ветувањето кон Скопје", изјави грчкиот заменик-министер за
надворешни работи, Андреас Ловердис. Со планот за реконструкција на Балканот,
вреден 500 милиони евра, Грција планира во периодот од 2002 до 2006
реализација на повеќе проекти меѓу кои е вклучена и Македонија.
Нов гасовод Анкара - Александропулос
Грција и Турција потпишаа договор за изградба на гасовод од Анкара до
грчкото пристаниште Александропулос, со кој природниот гас од каспискиот
регион би се пренесувал до европските потрошувачи. Гасоводот е долг 280
километри (80 километри на грчка територија и 200 километри на турска) со
капацитет од 3 милијарди кубни метри годишно. Договорот за Проектот вреди
250 милиони евра, а потпишан е во Солун од страна на грчкиот министер за
развој, Акис Цохаѕопулос, и неговиот турски колега, Мехмет Ѓулер.
|