Брисел чека кандидатура од Скопје?!

Европската унија очекува да го слушне мислењето на Македонија за тоа дали нашата земја има намера да поднесе кандидатура за членство во ЕУ и кога би го сторила тоа, изјавил висок европски дипломат од Брисел.

Очекуваме дека во еден момент соговорникот ќе ни каже кои им се плановите во врска со барањето за членство, вели високиот дипломат.

Министерот за надворешни работи, Илинка Митрева, пак, на состанокот на

европската тројка за време на разговорите во Брисел најави дека Македонија ќе ја поднесе кандидатурата за членство во ЕУ до крајот на годинава.

За катастрофалниот дисконтинуитет во водењето на државава, особено за стратешки прашања во надворешната политика, говори фактот дека кабинетот на Георгиевски во 1999 година упатил барање за членство на Македонија во ЕУ. Кога ќе научат нашите "водачи" кој наш претставник, кога и на која европска врата треба да тропне?!

Нема да има пролетна офанзива

Нема никакви шанси за некоја пролетна офанзива. Можни се поединечни терористички акции, но ние ефикасно ќе реагираме, изјави македонскиот министер за внатрешни работи, Хари Костов, на саботната средба во Струга со албанскиот колега Луан Рама. Тој го презентираше заедничкиот став за неподдржување на идеите "за големи Албании, Србии или Македонии".

Македонија праќа шкорпиони во Ирак

Македонија ќе прати сопствена војска, 200 шкорпиони во Ирак, која ќе се придружи на сојузничките сили предводени од САД за соборување на режимот на Садам Хусеин, дознава весникот "Вест". Во рамките на можностите е решено нашата војска активно да се вклучи во напорите на американско-британската коалиција за рушење на власта на Хусеин.

Џафери идеализира нови граници

Македонците никогаш нема да прифатат да ги поделат државните потенцијали со Албанците ниту да ја прифатат идејата за мултиетничка држава до тој момент додека ја имаат можноста за колонијална експлоатација. Во тој момент кога ќе се укинат овие можности, тие сами ќе го поттикнуваат процесот на поделбата, така како што Србите прават сега. Треба да се разбере дека мирот во овие околини долго време се гради врз принципите на хегемонизмот, поточно врз грбот на Албанците, вели лидерот на ДПА, Арбен Џафери, во интервјуто за "Факти".

АНА во центарот на Ресен

На четири столба во центарот на Ресен биле излепени плакати со знакот на АНА. На некои од плакатите била отпечатена и песна посветена на Рамуш Харадинај. МВР трага по сторителите на овој чин.

Македонци-кандидати за советници во Австралија

На локалните избори во Австралија што се одржуваат на 15 март 2003 година за кандидати се пријавени Стефан Козмевски, Љупчо Костадиновски и Јанко Георгиевски, австралиски државјани од македонско потекло.
На отворената прес-конференција, тројцата Македонци ги соопштија нивните изборни платформи со цел да го привлечат вниманието на избирачите во очекување на позитивен резултат од претстојните избори. Победата на тројцата Македонци за советници во општината Vitelsi е победа за Македонската заедница во цела Австралија.

Одложено преземањето на "Лозар"

Извршниот судија на Основниот суд Скопје 2, Радован Бурјаковски, и четворица извршители на 24 февруари во Битола донеле решение седмото присилно извршување на управувањето во "Лозар" да се одложи на неодредено време откако ќе се создадат безбедни услови. Дотогаш нема да биде закажано ново извршување, стои во записникот што го потпишале претставниците на СВР Битола, предводени од началникот Славко Јовановски и на Основниот суд Скопје 2.

Нема помош за тутунските монополи

Фирмите што немаат пари за откуп на тутунот нема да добијат гаранција од Владата за да земат кредити. Место гаранции, Владата ќе доделува лиценци за откуп на нови компании што имаат пари и се заинтересирани да се вклучат во купувањето тутун од минатата реколта.

Тргнувајќи од правилото на Светската трговска организација за недискриминација во трговијата на домашните и на странските стопанственици, Владата реши да го избрише членот осум со што стопанските субјекти ќе бидат ставени во иста позиција за остварување на своите права, во согласност со Законот за царини, рече владиниот потпарол, Сашо Чолаковски.

Екс-функционери незаконски купиле станови

Повеќемина поранешни функционери место да ги вратат државните станови што ги користеле за време на нивниот мандат, незаконски ги купиле.

Според списокот до кој дојде А1, во функционерската зграда близу Железничката станица станови купиле либералот Слободан Даневски, потоа екс-пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Рубенс Наумовски, и Борче Сибиновски, поранешниот заменик-директор на Агенцијата за приватизација Душко Аврамски, екс заменик-министерот за транспорт и врски, Реџеп Хасани, и поранешниот командант на "Лавовите", Горан Стојков.

Станови под кирија се уште користат поранешниот заменик-директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, Александар Маленко, екс замениците-министри за одбрана, здравство, внатрешни работи и животна средина - Кадри Кадриу, Муарем Неџипи, Рефет Елмази и Марјан Додовски, како и портпаролот на претходната влада, Ѓорѓи Трендафилов.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"