ЕКОНОМИЈА

Македонски железници на финансиски и трансформациони маки

СВЕТСКАТА БАНКА ГИ ПОДВОИ ЖЕЛЕЗНИЧАРИТЕ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Штрајкувачкиот одбор е застрашен од моделот на трансформација на железницата и можноста да бидат отпуштени од работа околу 2.700 вработени.
  • Македонски железници се дели на јавно претпријатие и акционерско друштво.
  • Останува непознато каде завршила паричната помош од Владата за железничарите?

По тридневните преговори меѓу владината работна група и Светската банка утврден е моделот според кој Македонски железници ќе се поделат на две претпријатија: едно за инфраструктура и едно за транспорт, а понатаму од она што ќе се занимава со организирање сообраќај ќе се создадат фирми за товарен и патнички сообраќај. Според планот, како што истакнува генералниот директор на МЖ, Стојан Наумов, воопшто не е утврдена бројката на работници кои евентуално ќе бидат вишок, така што не се точни сите информации со кои се шпекилираше дека ќе бидат отпушетени поголем број вработени. Практичното применување на утврдениот модел ќе започне од септември, кога е предвидено во собраниска процедура да влезе новиот закон за железници. Дотогаш во МЖ ќе се одвиваат подготвителни активности, како што е книговодствено одвојување на инфраструктурата и транспортот за што, како што вели Наумов, веќе 90 отсто од работите се завршени.

Вработените во Македонски железници го ставија штрајкот во мирување, но во случај да не се исполнат нивните барања, тие повторно ќе го активираат штрајкувањето!

Штрајкувачите бараа да се реши статусот на Јавното претпријатие, да се регулира сообраќајната политика, да се исплатат заостанатите плати и придонеси за последните два месеца, како и да се вклучи синдикатот во процесот за трансформација на претпријатието.

Точно е дека во моментов штрајкот е ставен во мирување, што значи дека не е целосно прекинат. Ова следуваше по средбата со раководната структура на која ни беше ветено дека до петок ќе ни бидат исплатени платите. Во подготовката на моделот на трансформација на нашето претпријатие, неприкосновена е улогата на Синдикатот. Неспорно е дека ќе има одредени отпуштања, но бројката е ригидна, особено кога се вели за 2.700 отпуштања. Во првата фаза би дошло до отпуштања на одреден дел како технолошки вишок, но ако претпријатието работи стабилно, нема да се случат драстични отпуштања. Со заминувањето на претставниците од Светската банка ќе се направат обиди за толеранција и флексибилност на релација Влада - Македонски железници, со цел да се надминат штрајкувањата, ни изјави Борче Ѓеорѓиески од Штрајкувачкиот одбор на Железници.

ШТРАЈК

Штрајкувачкиот одбор кој ги претставува петте од вкупно шест синдикати на Македонски железници во текот на еднонеделниот штрајк ги повика железничарите да им дадат поддршка, бидејќи станува збор за интересот на сите вработени на кои им се заканува отпуштање од работа. Според Штрајкувачкиот одбор, со прифаќањето на моделот за трансформација изготвен со Светската банка од вкупно 3.847 вработени, 2.700 ќе се најдат на улица. Со штрајкот целокупниот железнички сообраќај во државава беше блокиран. Наспроти овие синдикати во штрајк беше и Синдикатот на железничарите кој е во рамките на Сојузот на Синдикатите на Македонија, но истиот обезбедуваше минимум процес на работа. Членовите на овој синдикат беа со став дека не е во интерес на претпријатието да продолжи блокадата, бидејќи е обезбедена работа за исплата на две плати. Во СЖМ исто така говореа дека се вклучени во преговорите за трансформација и дека до нивното завршување не треба да се шират разни дезинформации за отпуштање од работа. Но, и двата синдиката се согласија оти информацијата од Владата дека таа им исплатила три плати на железничарите не е точно. Тие се согласуваат дека помошта што е дадена во три наврати, во висина од 117 милиони денари, е всушност во висина од една плата, а другите 220 милиони денари потребни за исплата на сите три плати се обезбедени од сопствени средства.

На последната владина седница за нов директор на Македонски железници беше избран Стојан Наумов, кој истата функција ја вршеше до 1998 година.

По трет пат во последниве четири месеци штрајкуваа вработените во Македонски железници, а во случај да не им биде реализирано она што им било ветено, тие ќе продолжат на истиот начин да ја бараат правдата, дури по пат на штрајк со глад.

САНКЦИИ

Владата беше незадоволна од блокирањето на севкупниот железнички сообраќај поради штрајкот на железничарите и го повика раководството на Македонски железници да обезбеди минимум сообраќај, а во случај на непочитување, најави санкции за претставниците на Штрајкувачкиот одбор.

Владата не ги прифаќа барањата на вработените во Македонски железници, бидејќи смета дека се неосновани. Во изминативе три месеци, вработените добија три плати. Со штрајкот се прават големи штети не само за македонската економија, туку и за самото претпријатие, изјави Чолаковски по владината седница.

Меѓународниот, патниот и товарниот железнички сообраќај во земјава веќе подолг период беа целосно блокирани поради штрајкот на членовите на петте од шест синдикати при Јавното претпријатие Македонски железници. Со последниот штрајк се пропуштаа единствено товарните возови што пренесуваат железо и лим за потребите на "Макстил".

Менаџерскиот тим на Македонски железници врши притисок врз вработените во железницата да го прекинат штрајкот. Од некои вработени веќе било побарано да потпишат изјави дали ќе го продолжат штрајкот или ќе се откажат. Некои добиле и закана дека ќе бидат отпуштени од работа ако не го прекинат штрајкот, изјави Тони Ѓуревски, претставник на Штрајкувачкиот одбор на Македонски железници за време додека се штрајкуваше.

ОДЛУКА

Штрајкувачкиот одбор донесе одлука да престанат сите контакти и да не се преговара со менаџерскиот тим оти тие вршеле притисоци врз работниците да го прекинат штрајкот. Поради тоа, како што говореа од Штрајкувачкиот одбор, било договорено штрајкот да продолжи во просториите на Железничката станица во Скопје, каде што пристигнуваа штрајкувачи од сите делови на земјава. Тоа е направено да се заштитат вработените од притисоците на менаџерскиот тим. Сепак, дојдено е до компромис при средбата помеѓу раководството на МЖ и штрајкувачите при што било ветено за остварување на дел од барањата на железничарите што беше пресудно за да се прекине со штрајкот.

Во текот на оваа недела ќе треба да се исплатат дел од ветените плати за железничарите. Во случај да бидат, како што велат од Штрајкувачкиот одбор, изманипулирани, тие повторно ќе стапат во штрајк.


Штети

Вкупната штета на Македонски железници од едноделениот штрајк изнесува повеќе од 400.000 евра. Според првичните процени за неорганизираниот превоз, како и за пеналите што треба да ги платат кон другите железнички управи, глобата изнесува околу 406.000 евра.

За да профункционира железничкиот сообраќај чекаа многу превози меѓу кои на дериватите за ОКТА како и за стоковните резерви што го врши "Макпетрол". Оваа компанија, инаку, еден ден пред почетокот на штрајкот побара од МЖ од 17 февруари да врши превоз на деривати, со најава за потреба од една гарнитура со 20 вагон-цистерни. На станиците во Гевгелија, Идомени, Миладиновци и во Трубарево за време на штрајкот останаа да чекаат поголем број меѓународни товарни и патнички возови.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"