ставниот суд реши да не поведе
постапка за испитување на уставноста на Законот за амнестија. Причините за
ваквата одлука ќе ги образложи следната недела и истите ќе бидат објавени во
Службен весник на РМ.
Иницијатива за преиспитување на Законот за амнестија беше покрената од
Здружението на ранетите и членовите на загинатите припадници на
безбедносните сили на Македонија - херои на Македонија, жртви на албанскиот
тероризам, во кое се револтирани од ваквата одлука на Уставниот суд.
Претседателот на ова Здружение и татко на водникот Игор Костески, еден од
масакрираните бранители во Вејце, господинот Миливој Костески, вели дека
лично бил убеден оти Уставниот суд ќе ја прифати нивната иницијатива и дека
целосно, а не само поединечно, ќе го поништи Законот за амнестија.
Искрено да ви кажам го свикав претседателството на Здружението, бидејќи
сметав дека, покрај правата што ги остваривме со Законот за посебни права на
припадниците на безбедносните сили на РМ и на членовите на нивните семејства,
ние условно речено ќе извојувавме уште една победа, односно ќе го срушиме
Законот за амнестија. Меѓутоа, за жал, сите бевме разочарани од одлуката и
просто како засегната и оштетена страна немаме одговор зошто така постапи
Уставниот суд. Од друга страна, исто така многу познати правници, судии,
професори по Уставно право, сметаа дека Уставниот суд ако не се поведувал од
политички побуди, требало да го поништи Законот. Значи, фактички се потврди
она наше досегашно мислење дека Законот за амнестија фактички е донесен со
политичка одлука во Собранието без да ги задржи сите норми на подготвување и
донесување, па се до конечната одлука на Уставниот суд. Искрено да ви
кажам ние на рочиштето на Уставниот суд, по Законот, покрај нашиот правен
застапник Игнат Панчевски, планиравме да поканиме и други кои се упатени во
таа проблематика, на пример, професорите Камбовски, Марјановиќ, Тупанчевски,
Шкариќ итн. и на некој начин тие да им помогнат на судиите за донесување на
конечната одлука, вели господинот Костески.
СПОРНО
За потсетување, Собранието на Република Македонија Законот за амнестија
го донесе на 7 март 2002 година, а на 8 март 2002 година е објавен во
Службен весник на РМ. Од донесувањето на овој Закон, па до ден денес ова
Здружение постојано реагира и бара преиспитување на спорниот Закон. Кога
овој закон, како што објаснува господинот Костески, беше поставен на дневен
ред, тие во име на Здружението и во името на сите семејства на загинатите,
ранетите и протераните и другите оштетени за време на конфликтот во 2001
година доставиле писмо до Законодавниот дом на РМ. Лично господинот Костески
писмото го доставил до координаторите на сите политички партии во Собранието
и до архивата на тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов. Костески
се сретнал и со тогашниот претседател на Законодавно-правната комисија,
Кирил Андоновски. Но, за жал, освен писмото кое беше објавено во сите
гласила, никој од пратениците, ниту екс-претседателот на Собранието, Андов,
не го спомнал. Никој не сакаше, како што потенцира господинот Костески, да
го слушне мислењето на родителите дека не им е сеедно што ќе значи
донесување на тој Закон. Кога се усвои Законот тие официјално преку нивниот
застапник на 13 март 2002 година, значи една недела по објавувањето на
Законот за амнестија во Службен весник на РМ, побарале автентично толкување
на овој Закон.
Ние побаравме толкување на став 1 од член 1 на овој Закон, бидејќи во
споменатиот член на Законот стои дека со овој Закон се ослободуваат од
гонење и се запираат кривични постапки и потполно се ослободуваат од
извршување казна затвор граѓаните од РМ, лица со законски престој како и
лица кои имаат имот или семејства во РМ, за кои постои основано сомневање
дека подготвиле или сториле кривично дело поврзано со конфликтот во 2001
година заклучно со 26 септември. Баравме толкување на тоа на кои лица се
однесува Законот. Да претпоставиме на лица што биле директно инволвирани во
настаните, команданти или лица што извршиле масакри. Но, дали тоа се
однесува и на лица што со Уставот и посебни закони имаат посебни овластувања
при вршење на своите функции. Тука се мисли на Претседателот на државата,
министрите, заменици-министри, генерали, началници и други функционери,
бидејќи за повеќе од нив ние поднесовме кривични пријави, сметајќи дека тие
по организациона, уставна и законска поставеност би требало да обезбедат
услови такви масакри да не се случат. А, всушност тие функции ги
вршат во согласност со други закони, како што се Закон за внатрешни работи,
Законот за одбрана и сл. Со тие закони е регулирана хиерархиската
поставеност во раководењето, командувањето, издавањето на наредби, а со тоа
и одговорноста. Тоа значи дека Законот за амнестија не се однесуваше условно
речено само за албанската страна, туку и за другата, македонската. Второ што
баравме е толкување за кој конфликт станува збор. Таму е описно кажано за
воен конфликт што се случил, меѓутоа не се кажува меѓу кого, каде и кога.
Тоа нам ни задава посебна тешкотија во судските процеси, особено во поглед
на надомест на материјална и нематеријална штета. Трето барање ни беше да се
прецизира за кои кривични дела се однесува Законот за амнестија. Дали во
овој случај се амнестират и луѓето за обични кражби и силувања, или истите
се изедначуваат со оние кои извршиле масакри над безбедносните сили на РМ.
Треба, исто така, конкретно да се каже дали сите се ослободени, бидејќи во
Законот е наведена крајната граница - 26 септември 2001 година, но не се
знае од кога важи тој Закон. Во Законот треба прецизно да се дефинира за кои
дела се однесува, или некои требаше да се изземат, како на пример, масакрите
во Вејце, Карпалак, Љуботен итн. или се однесува за сите. Ова го баравме за
да не ни прават опструкции при покранувањето на кривичните пријави за
извршителите на тие злодела, објаснува Костески.
ПРИЈАВИ
Благовремено се обративме до Собранието преку нашиот правен застапник,
адвокатот Игнат Панчевски. По одредениот законски рок од 15 дена ни беше
одговорено дека адвокатот Игнат Панчевски не е субјект кому Собранието може
да му дава автентично толкување. Иако адвокатот е правно регистриран,
требеше да се јави Здружението, а таквата одлука според мене беше само
изговор за да се одолговлечи постапката.
По усвојувањето на Законот, нашата кривична постапка ја стопира Основниот
суд и Јавното обинителство се откажа од натамошна постапка со мотивација
дека не е доволно аргументирана пријавата, односно немаше кој да се обвини,
бидејќи сите се амнестирани. Тоа значеше дека службено Јавното обвинителство
не покренува службена постапка, Судот ја стопира процедурата и нам ни
остануваше повторно како родители, како граѓански лица или како оштетена
страна да се јавиме во својство на обвинители. Повикувајќи се на
нашиот Устав каде што животот на човекот е неприкосновен и хуманитарното
право, потврдено со многу меѓународни конвенции, ние повторно покренуваме
постапка. Ние, како граѓански лица поднесовме пријави. Ако не успееме во
нашите судови, ќе се обратиме и до меѓународните. Ние, семејствата, живееме
со таа мисла и во чест на нашите жртви и тие мирно да почиват, а и ние,
условно речено, да ја смириме совеста, зошто се чувствуваме виновни што сме
ги дале нашите деца за некој да раководи со нивите животи или да ги жртвува
не знаејќи за чии идеали. Најпосле, еден ден нека се откријат виновниците.
Се водиме од тоа гесло дека вистината еден ден ќе излезе на виделина. Во
Законот има еден член во кој се вели дека се ослободуваат и оние кои не се
одзвале на поканата за мобилизација. Наместо да одговараат, тие се
ослободуват и останаа живи, а нашите што беа патриоти загинаа. Еден ден ќе
испаднеме дека сме виновни што сме ги пуштиле да ја бранат татковината,
потенцира господинот Костески.
Нам не може никој да не сфати како се чувствуваме кога убијците,
егзекуторите, но и предавниците ги гледаме во Парламентот. Што ни останува
освен да ја преболиме, ако воопшто може да се преболи, психолошката
страна, да се помириме со тоа дека ДУИ е регистрирана политичка партија и
дека доби најголем дел од албанските гласови, додава Костески. Во
моментов во Парламентот се инволвирани и двете страни што ја водеа војната.
Нека повелат на говорница да му кажат на народот што се случуваше во 2001
година. Дали тоа ќе биде преку изјава, декларација, резолуција, тоа е нивно
право. Но, не смее 2001 година да остане како празна и црна дупка во
историјата на Македонија, да се заборави со тек на времето, а нашите жртви
да се прогласат како колатерална штета или кој знае како поинаку, а можеби
ако суди историјата ќе бидат прогласени како херои на своето време.
На тој начин, автоматски, како што објаснува господинот Костески, се
овозможува семејствата на загинатите и ранетите припадници на безбедносните
сили полесно да ги остварат другите законски права. Општинските собранија
донесоа одлуки за именување на улици според имињата на загинатите од нивната
територија, но - се прашува господинот Костески - како ќе се именуваат тие
улици додека не им се признае статусот на борци. Жртвите треба да добијат
посебен третман, за што треба да се изјаснат надлежните институции.
Здружението сака да ја потсети Владата на обврската да им подигне
монументален споменик во центарот на Скопје, зашто државата е должна тоа го
направи во чест на осумдесетте жртви, а не тоа да го прават некакви си
здруженија со нејасни побуди и навредливи идејни решенија. Во Закот за
одликувања за жртвите треба да се внесат посебни одликувања што ќе
соодвествуваат со настаните во 2001 година.
Господинот Костески очекува и новиот јавен обвинител, Прчевски, да им
помогне околу расветлувањето на вистината за она што точно се случуваше во
2001 година, како и во откривањето и казнувањето на виновниците за масакрите
невидени во поновата историја на македонскиот народ.