ПОЛИТИКА

АНА - интернет рожба или терористичка екстремна организација

ЛОНЕЦОТ ВРИЕ ЛИ ВРИЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Стабилноста на Македонија и претходно беше кревка, но илузорно е некој да ни продава басма и да чука празна слама кога на теренот ни се повторуваат истите нешта што се случуваа во 2001 година.

ронтот за народно обединување на Албанците", чие воено крило АНА се повеќе се експонира на територијата на РМ не е повеќе енигма, иако некои високи домашни и регионални политичари се обидуваат реторички да ја намалат тензијата за сложената безбедносна ситуацијата во земјава и пошироко. Владите во регионот се свесни со колкав ризик се соочуваат, бидејќи терористите кои биле или се членови на поранешните ОВК, ОВПМБ, ОНА, а сега се приклучуваат на т.н. АНА, се голем дестабилизирачки фактор. Затоа, контактите што беа меѓу владините претставници: Бучковски, Мајко, Костов и Рама; и претходните Бучковски - Човиќ, само се факт кој докажува дека "големоалбанскиот сон" не е згаснат. Тој е жив вулкан, чија лава го уништува целиот Балкан.

Средбите на високо ниво се добри, бидејќи конечно проблемот мора заеднички да се решава. Но, останува дилемата колку Албанија, Србија и Црна Гора и Република Македонија се моќни или искрени меѓу себе да се спротивстават на организираниот тероризам, бидејќи имаат страшна потпора од криминалните банди, а не помала е и меѓународната поддршка од одредени странски држави чии интереси се поклопуваат со вжештените глави. Затоа, заедничката борба против дестабилизирачкиот фактор е прифатлива мерка, но секогаш ќе отсуствува довербата која е последица на се уште неотсонуваните сништа на соседните земји. Се додека е жива ваквата политика во РМ ќе има големи проблеми што ќе бидат проследени со "тектонски поместувања" и мешање во внатрешната македонска национална политика.

ХАОСОТ Е ПОД КОНТРОЛА!?

АНА повеќе не се наоѓа во илегала, стутулена меѓу шарпланинските предели и Липково, туку длабоко се инсталира на теренот. Шемата за организирање одамна е пресликана. Таа е копија, јајце на јајце, на ОВК, на ОВПМБ и на ОНА. Нејзиното структурално окрупнување започна да се реализира и затоа домашните политичари се се погласни за опасноста што демне во скутот на Македонија.

Некои се обидуваат оваа терористичка организација да ја дистанцираат, но сепак последните акции на македонската полиција укажуваат дека лонецот врие ли врие. Се чека моментот кога ќе пукне тиквата. Затоа, ако сега не се преземе некоја посеризна акција за фаќање на вжештените екстремни глави, тогаш пролетта не ветува убави мигови, туку општ хаос кој и сега владее. Но, политичката гарнитура се уште "ја држи под контрола ситуацијата", благодарение на ловориките што си ги присвоија по парламентарните избори во 2002 година. Нивното практикување на власта не ги подобри безбедносните услови во Македонија, туку по "амнестијата" самопрогласените борци за човекови права и слободи, секој поединец, на полицаец може чврга да му удри, а за тоа да не биде казнет. Со апели да не ги гибаат инкасаторите, со апели да не се тепаат државните експоненти, не се брани и култивира лојалноста кон македонската држава. Близу 18 отсто од населението одамна не ја ценат, а дури не ја ставаат ни под разно РМ. Тие живеат во еден друг свет кој го изградија албанските политичари. Затоа изјавата на лидерот на ДУИ, наследничка на ОНА, Али Ахмети, дека т.н. АНА е интернетска рожба ни малку не укажува на самокритичнот, а камоли да се бара одговорност од нивните претставници во Парламентот за да ја смират топката. Но, сепак, колку и некои да се обидуваат да го маргинализираат нејзиното постоење таа се повеќе ја загрозува стабилноста на нашата држава. Навистина таа и претходно беше кревка, но илузорно е некој да ни продава басма и да чука празна слама кога на теренот ни се повторуваат истите нешта што се случуваа во 2001 година.

Треба ли да потсетиме дека прво беше нападнат судот во Кичево. Бомба беше поставена на пругата кај Табановце. Потоа како кокиче ни се случи нападот на полициската станица во Теарце, а по Танушевци веќе бродот потона.

Што, всушност, ни се случи во Струга? Тоа е одраз на една бледа копија што ја слушаме со децении, но дури сега зоврива и се чека капакот да падне. По ова доаѓа само потопот. Од него нема да се спасат ниту Македонците, ниту Албанците, а ниту другите кои се заборавени од претходните. Таквиот уставен принцип го наметнаа незадоволниците. Ставија пушка на рамо, па се одметнаа во гората за да си бараат свој арач. Затоа сега не се безбедни ниту фотелјашите, ниту бранителите на РМ, кои чесно ја бранеа земјава, сметајќи дека даваат татковинска жртва. Но, испадна дека беа залудни жртвите. Работата претходно беше договорена. Остана само да се открие во чиј кабинет се испланира државното фијаско на македонските политичари. Во овој контекст се знае само местото за проблемите што беа на соседите. Тоа беше во Караѓорѓево. Но, набргу ќе дознаме кој тоа нам ни го зготви. Се ближи пролетта. Но, дали ќе има јунаци?!

ГРУПИ ИЛИ СТРУКТУРА!?

Неодамна албанскиот министер за одбрана Пандели Мајко, новопојавената ектремистичка организација, т.н. АНА, ја оцени како закана за Албанците како во Македонија така и на Косово.

АНА е нож зад грб и таа претставува проблем не само за Албанците во Македонија, туку и за оние на Косово, констатира албанскиот министер за одбрана, Пандели Мајко, за приватната албанска телевизија "Клан".

Албанскиот министер пред средбата со својот македонски колега, Владо Бучковски, изјави дека "не може да ја скрие загриженоста поради изјавата на портпаролот на македонското Министерство за одбрана дека албански офицери ги обучуваат овие екстремистички групи". Тој на независната телевизиска станица "Клан" изрази загриженост поради апсењето на Фатмир Лимај.

Албанските политичари се загрижени поради апсењето на вториот човек на Хашим Тачи и неговата партија, Фатмир Лимај, посочува Мајко, а против апсењето на вториот човек на партијата на Тачи демонстрираа близу 7.000 лица.

Загриженоста на Мајко ја потврдија и извори блиски до македонското Министерството за внатрешни работи кои за МИА изјавија дека има индикации кои упатуваат на лица што се декларираат како водачи на т.н. АНА, како воено крило на Фронтот за национално обединување на Албанците. Истиот извор укажува дека станува збор за мал број лица кои сакаат да се промовираат, но нагласува дека за сега "нема регрутација на Албанци во селата во Тетовско, Кумановско и во околината на Скопје". Високиот функционер во МВР, кој за МИА ја отслика ситуацијата во Македонија, повторува дека постојат вооружените криминални групи кои ја немаат поддршката од локалното албанско население.

На средбата во Поградец, Албанија, каде македонскиот министер за одбрана Бучковски се сретна со неговиот колега Пандели Мајко, беше нешто поконкретен.

Во овој момент не можам да потврдам дека на територијата на Македонија постои АНА, истакна Бучковски.

Но, сепак, тој смета дека по она што пред десетина дена се случи во Струга не треба никогаш да се одрече нешто што може да биде закана за безбедноста во регионот. Бучковски беше уверен дека во овој момент нема опасност за дестабилизација на РМ и регионот. Но, сепак, не треба да се заборава дека оваа средба на Бучковски со Мајко беше заокружување на претходните регионални средби со неговите колеги. Тој со нив се обиде да се превенира и да укаже на заканите на вооружените групи кои се почесто и се погласно се претставуваат како АНА, а кои доколку навреме не се реагира ќе може да доведат до инциденти, поголеми вооружени судири и дестабилизација на регионот. Сегашната состојба треба да се сфати како сериозна, бидејќи и заканите можат да прераснат во многу поопасна работа.

Според одредени сознанија на македонските разузнувачи, АНА дејствува во три сектори кои ги опфаќаат "албанските територии" надвор од матичната држава. "Корпусот Малесија" ја опфаќа територијата на Црна Гора, "Дарданија и Илирида" се на територија на Македонија и Јужна Србија, а секторот "Чамерија" опфаќа дел од Јужна Албанија и Северозападна Грција. Во "Генералштабот" на т.н. АНА, наведуваат македонски разузнувачи, се Хекуран Аслани, Витан Градица, Исуф Сулај и Идриз Смотхана, за кои се верува дека се поранешни генерали на Армијата на Албанија. Интензивното појавување на АНА во јавноста треба да послужи за нејзина медиумска промоција и за да & се даде димензија на организирана воена структура. Нашите разузнувачи се сомневаат дека групите на АНА за обука ги користат редовните вежби на Косовскиот заштитен корпус и оти имаат магацини за оружје во пограничните подрачја. Според истите извори, во Тетовско оперираат групите на Малиќ Ндрецај - Мала, Сами Укшими - Соколи, Мет Мучали - Мети, а кај Лисец е забележана групата на командант Хоџа од Призрен. Реоните на Порој, Џепчиште и Непроштено се "сектор" на неприкосновениот Даут Реџепи - Лека и на неколку поранешни команданти на ОНА. Истите извори тврдат дека Лека се обидува да ги координира и да ги обедини групите што се движат околу Слатино, Ѓермо и Пршовце. Малиќ Ндрецај и командант Лека се сметаат за најекстремни "борци за каузата" во Тетовско. Екстремистите во тетовските села растурале и летоци со повик за регрутација, но немало одѕив од населението. Околу Речица, Палчиште, Пирок и Раковец оперира група на Саит Рушити од Раковец. Тие тврдат дека Рушити бил фатен по полицискиот упад во Боговиње, но по демонстрациите на локалното население и повлекувањето на полицајците во штабот на ДУИ, уапсениот бил ослободен. Во околината на Општина Липково, разузнувачите тврдат дека оперира групата на Џавид Морина - командант Дреница, кој со групата на Енвер Руфати - Џаџи во март лани го нападнал штабот на Ахмети во Речица. Морина се бара за киднапирањата во Тетовско, а КФОР на Косово издал налог за негово апсење. Разузнувачите го сметаат Морина за еден од најекстремните следбеници на Фронтот за национално ослободување. Во овој регион оперира и групата на командант Малишева од Косово, а се споменува и Ридван Незири од Танушевци, осомничен дека учествувал во убиството на полицаецот кај Трговскиот центар "Чаирчанка" и обвинет за недозволена трговија со дрога. Незири под команда на Џавид Асан учествувал во конфликтот кај Танушевци. Во регионот дејствува и група на АНА која е под водство на командант Барути, инаку Џемаил Љамаљари од Матејче, поранешен командант на т.н.113 бригада на ОНА. Разузнувачите оценуваат дека овие групи обично се состојат од тројца до осум екстремисти, а тие често ја менуваат својата локација. За сега не претставуваат некоја организирана мрежа, велат истите извори, но мора да се следи нивната активност.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"