ПОЛИТИКА

"Таткото" на нацијата, во стилот на нашите негатори, не преименува во "македонски Словени"

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИМ СЕРВИРА АЛИБИ НА ГРЧКИТЕ ШОВИНИСТИ

Пишува: Самоил РАТЕВСКИ

Зарем не било можно, ако веќе се немало волја или храброст, спомнатата реченица од веб-страницата да се формулира поинаку, "подипломатски"? Во сегашната форма, ваква каква што ја чита цел свет, авторството слободно може да & се припише на грчката Амбасада!

Ги извлекуваме Грците од нивната апсурдна позиција за името на нашата држава, давајќи им алиби, дека тие, сепак, бранат нешто што според нашиот Претседател изгледа е нивно, нешто што ние (повторно според нашиот "грамотен" Претседател) злоупотребувајќи го сувереното право на избор на име, им го крадеме. Проблемот, значи, го правиме ние, а не кутрите, принудени на самоодбрана, грчки национал-шовинисти.

Она што човек сам ќе си го направи, никој не може да му го направи", вели излитената од повторување народна мудрост. Прекрасна илустрација во нејзин прилог претставуваат зборовите на веб-страницата на претседателот Борис Трајковски: "Зачетоците на државноста на македонските Словени датираат од крајот на Џ и почетокот на XI век, со создавањето на Самоиловата држава".

За "наша среќа" тие се напишани и на македонски и на англиски јазик, за случајно некој да не ја сфати нивната порака. Ова стана актуелно дури откако три држави на САД донесоа резолуции според кои името Македонија и македонската античка историја им припаѓаат на Хелените. И зошто да не биде така, кога на веб-страницата на "таткото на нацијата", стои горната формулација?

Можеби некому ова му личи на ситница, но изјави или текст на веб-страницата на претседател на држава, се многу сериозна работа. Тие го изразуваат официјалниот став на државата, го изразуваат, сакале ние или не, ставот на сите нас. Оваа "ситна" изјава е од калибарот на оние мали камчиња што ја превртуваат колата.

НЕРВИТЕ СЕ ЗДРАВЈЕ!

Во што е проблемот? Ако сме ние "македонски Словени", а нашата државност потекнува од 11 век, логички следува дека немаме ништо заедничко со античката македонска држава и античкиот македонски народ, кои во случајот дури не се ни спомнати. Со тоа молкум им ја препуштаме на грчките националисти античката историја. Бидејќи, дури и да докажеме дека античките Македонци не биле Грци, со тоа ќе ги направиме само ничии. И, по која основа тогаш би имале поголемо право над нивното наследство од кој било народ, а особено од Грците, кои го присвоија најголемиот дел од Македонија во кој се наоѓаат и престолнините на античка Македонија? Значи, нашата официјална позиција гласи: "Античка Македонија не е ни наша, ни ваша, затоа да не се караме, а секој да си земе што сака". Грчката позиција, пак, е: "Нашето не го даваме". Ситуацијата делумно потсетува на познатата библиска приказна за Соломоновиот суд во врска со спорот меѓу двете жени кои се карале која е мајката на едно дете, па откако Соломон пресудил детето да се пресече и да им се подели, лажната мајка се согласила со тоа, а вистинската категорично одбила да се пресече детето и прифатила да & се даде на другата жена. Само што нашиот случај е доста пооригинален. Овде спорат двајца за една мајка. Чуден спор. Грците велат наша е, ние велиме не е наша... и се согласуваме, па дури и сами нудиме мајката да се пресече и да се подели, бидејќи е ... ничија! На фонот на агресивната грчка пропаганда и на дилемите што се уште постојат во науката по ова прашање, нашата позиција, гледана од страна, е еднаква на: А бе во право сте, ама нели си немаме име, а пак ова е славно... и нели си имате две, ајде подарете го едното на ближниот национален голтар!? Во таков случај нашето национално име би претставувало само резултат од избор, од погрешниот избор, на нашите дедовци, изведен од неточна интерпретација на историјата, или пак од името на географска област, чиј поголем дел се наоѓа во Грција.

И сето тоа во услови кога во науката се спори дали античките Македонци биле Хелени или не! Што друго би заклучил неутралниот набљудувач (како посредниците во преговорите за името, на пример) од вакви и слични определби како на веб-страницата на Претседателот, освен дека: "Античките Македонци можеби биле, а можеби и не биле Грци, но со сигурност немаат никаква врска со овие самонаречени Македонци". На чија страна ќе отидат нивните симпатии?

Ги извлекуваме Грците од нивната апсурдна позиција за името на нашата држава, давајќи им алиби, дека тие, сепак, бранат нешто што според нашиот Претседател изгледа е нивно, нешто што ние (повторно според нашиот "грамотен" Претседател) злоупотребувајќи го сувереното право на избор на име, им го крадеме. Проблемот, значи, го правиме ние, а не кутрите, принудени на самоодбрана, грчки национал-шовинисти. Испаѓа дека на наша страна е формалното, а на грчка страна - природното право. Модификацијата на нашето име со додавање придавки, по сето ова, се јавува како нужност со којашто се врши терминолошко разграничување меѓу двата "етнички неповрзани" "македонски" народи?

Ова е втората капитална грешка по прифаќањето преговори околу името. И ако за преговорите некој може и да се правда дека сме биле присилени, тогаш какво е оправдувањето за нашите официјални ставови. Скотоумие? Имбецилство? Синдром на самоуништување?

Судејќи според една слична изјава на поранешниот претседател, можеме да зборуваме за континуитет во ставовите на нашите раководители по ова прашање. Очигледно нашата стратегија во борбата за името се сведува на следното: Ние декларираме дека немаме никаква врска со античкото македонско наследство, затоа ве молиме, оставете ни дел од него! Оставете ни го името! Логично, нели? Но спорот, да се потсетиме, е токму за името, за правото да го користиме нашето име, за правото да го нарекуваме наше!

Во една таква ситуација, секоја држава би ги искористила сите можни аргументи и би се борела со заби и со нокти околу едно толку вредно културно и историско наследство, дури и од чисто финансиски причини, без разлика дали има некаква основа за претензии. Колку несфатлив е нашиот случај кога од наша страна прашањето не се сведува на пари, туку на национални интереси!

АВТОРСТВОТО?!

Да ја имавме барем утехата дека самоуништувачките тврдења и изјави се вистина, ќе знаевме дека страдаме за нешто што вреди, а не од сопствениот простотилук. Зашто дури ниту музата на историјата не би можела да докаже дека во слични изјави има нешто повеќе од полувистина, а полувистината е два пати лага, барем според последиците од неа.

Нема таков што ќе може со цел ум да тврди дека Словените нашле во Македонија пустина, дека сите антички имиња на реки, долини и планини, дојденците ги научиле од географските карти, дека припадноста на Македонците кон средоземноморскиот тип на европеидната раса се должи на средоземноморските ветрови кои ги издувале карактеристичните црти за Словените, дека ниту капка од крвта на античките Македонци не успеала да залута до нас, но пак успеала на таинствен начин да се влее во жилите на Анадолците и Кавказците кои во последните сто години се населија во Егејска Македонија, дека... Да не зборуваме за сите податоци кои потврдуваат дека античките Македонци не биле Грци.

Зарем не било можно, ако веќе се немало волја или храброст, спомнатата реченица од веб-страницата да се формулира поинаку, "подипломатски"? Не можело ли барем да се каже дека државноста на територијата на Македонија потекнува од првиот милениум пред новата ера, или нешто слично? Во сегашната форма, авторството слободно може да & припаѓа и на грчката Амбасада!

Ние мораме да ја потенцираме нашата врска со античките Македонци и нивната држава, како еден од нашите главни аргументи во борбата за зачувување на нашето име. Не смееме да предадеме толку силно оружје во рацете на Грците. Потценувањето на овој момент може лошо да не изненади. Не може изјави на највисоко ниво да се даваат по линијата на најмал отпор, со цел некого да не го налутиме. Дали авторите на разгледуваниот текст се заинтересирале воопшто што мисли народот за тоа, пред да настапат од негово име. Ама кој го есапи народот.

Проблемот не е во историската (не)исправност на одделни ставови. Проблемот е во тоа дека (ќе ја откриеме ли Америка со следната констатација?) немаме национална стратегија, ниту стратегиичка дури, а националната идеологија повеќе ни наликува на национален спор. Но, далеку позагрижувачко, дури и од ова, е тоа што ниту еден од одговорните фактори не размислува сериозно по тоа прашање. По плодовите се познава. Како што ни тргнало, пак ќе го обереме бостанот. И пак ќе ни биде виновен... светот.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"