|
ПОЛИТИКА
Определбата "македонски Словени" на веб-страницата на Претседателот од
аспект на македонските интелектуалци
ТРАЈКОВСКИ - ЕЛЕМЕНТАРНА НАЦИОНАЛНА НЕПОГОДА
Жаклина МИТЕВСКА
Рената МАТЕСКА
- На веб-страницата на претседателот Трајковски (њњњ.пресидент.гов.мк)
пишува: "Зачетоците на државноста на македонските Словени датираат од
крајот на 10 и почетокот на 11 век, со создавањето на Самоиловата држава".
Во врска со ваквата констатација побаравме мислења од повеќе стручни лица
кои се занимаваат со оваа проблематика.
- За креирање на сајтот користени се официјални извори на информации, ни
изјави портпаролот на претседателот Трајковски, Борјан Јовановски, откако
претходно ни рече дека пред да ни даде изјава мора да биде информиран кој
воопшто ја креирал веб-страницата на Претседателот.
- Доколку Претседателот не ги смени овие антимакедонски ставови од
својата веб-страница, тогаш ќе бидеме принудени да заклучиме дека се
вистинити податоците за неговите поранешни блиски идеолошки и бизнис врски
со една бугароманска организација од дијаспората, па ќе мораме соодветно
да реагираме, поведувајќи сериозна кампања против овој нов обид за
негирање на нашата вистинска историја, вели историчарот Александар Донски.
Н ема што да коментирам. Таквата
определба на веб- страницата покажува недостатна информираност за некои
работи. Ни еден народ не е изделкан од еден блок,
вели академик Блаже Ристовски, научен секретар
на Македонската академија на науките и уметностите, во врска со дефиницијата
на веб-страницата на претседателот Трајковски.
Многумина истакнати Македонци и луѓе кои ја познаваат македонската
историја се разочарани од ваквата теза на претседателот Трајковски. За жал,
и странските дипломати посетувајќи ја оваа страница, добиваат погрешни
сознанија за нашиот национален идентитет и оттука погрешно не именуваат и не
третираат. Како резултат на ваквата определба на Претседателот, следуваат
етикетирањата од различен карактер како FYROM,
Славомакедонци, БЈРМ итн. Според некои, ваквата констатација на официјалната
веб-страница се должи на недоволно познавање на македонската историја и
македонското прашање. Некои, пак, му препорачуваат на Трајковски да си го
збогати знаењето со дополнителна литература.
Претседателот најпрво нека ги прочита томовите на Ташко Белчев, Васил
Иљов, Вангел Божиновски и Александар Донски, па потоа нека пишува што сака,
коментира Трпко Бицевски, научен советник од Институтот за фолклор "Марко
Цепенков" во Скопје.
НЕГИРАЊЕ
Интернет-страницата на претседателот Трајковски со дефиницијата
македонски Словени, според некои, се толкува и на поинаков начин.
Според мое мислење констатацијата дека сме македонски Словени, ни
изјави д-р Милан Бошкоски, научен соработник од Институтот за национална
историја, би подразбирало дека ние денес како Македонци со словенски
јазик имаме полно право на историско наследство на античка Македонија и на
историјата на македонскиот народ и дека во тоа треба да се гледа континуитет
и симбиоза во етногенезата на античките Македонци и Словените. Постепено, во
средниот век се наметнува името Македонија за земјата и Македонци за
населението, констатира Бошкоски.
Според многумина, зачудувачка е леснотијата со која некои политичари ја
негираат историјата на античката македонска држава. Сепак, за жал, не можеме,
а да останеме слепи на сите историски споменици кои ги крие македонската
почва, а кои говорат за нашето дамнешно историско наследство.
Од досегашната историја, потенцира проф. д-р Ѓорѓи Малкоски од
Институтот за национална историја, и од досегашните политички ставови
околу минатото на македонскиот народ многу погрешно, да не кажеме со
зачудувачка лесностија, се негираше и се уште се негира еден дел од
најважната македонска историја - историјата на античката македонска држава.
Ставовите и јавното презентирање за тоа дека нашата државност започнува со
доаѓањето на Словените на Балканот во 6 век од нашата ера се најблаго речено
непознавање на континуитетот на македонската држава и народ од антиката па
се до денес. Затоа, дека македонскиот народ има директна врска и е наследник
на славните антички Македонци не би требало да го ставаме на преден план
затоа што тоа со новата историографска литература е веќе сосема јасно
докажано. Меѓутоа, ставовите на државните функционери со вакви заклучоци за
едно важно прашање ќе имаат подолгорочни реперкусии. Тоа сосема потврдува
дека и највисоките политички личности во Република Македонија не си ја знаат
сопствената историја.
Написот на веб-страницата на претседателот Трајковски според кој
денешните Македонци се "македонски Словени", а нашата прва држава била
Самоиловото Царство, според историчарот Александар Донски е во
целосна спротивност и со ставовите на официјалната македонска историографија.
Имено, вели Донски, во нашите учебници по историја во основните и
во средните училишта јасно пишува дека античките Македонци се составен дел
од денешната македонска нација, а истовремено на изучувањето на античка
Македонија & е посветен солиден простор. Ваквиот став на претседателот
Трајковски е во целосна спротивност и со официјалниот став на МПЦ. Во
Преамбулата на Уставот на МПЦ јасно е спомнато дека античките Македонци се
античките предци на денешната македонска нација, а тоа е потенцирано и во
изјавите од неколку архиереи. Се поставува прашањето, потенцира Донски,
зошто претседателот на РМ на ваков начин дејствува против македонската
официјална историографија? Доколку Претседателот не ги смени овие
антимакедонски ставови од својата веб-страница, тогаш ќе бидеме принудени да
заклучиме дека се точни податоците за неговите поранешни блиски идеолошки и
бизнис врски со една бугароманска организација од дијаспората, па ќе мораме
соодветно да реагираме, поведувајќи сериозна кампања против овој нов обид за
негирање на нашата вистинска историја.
ВЕЛЕПРЕДАВСТВО
Многумина за првпат слушнаа дека постои ваква констатација на
интернет-страницата на првиот човек во државава. Професорот Коста Аџиевски
од Филозофскиот факултет во Скопје, Катедра за историја, вели дека ние
носиме во себе дел од античките Македонци. Но, сме настанале како продукт на
мешање на Словените и на староседелците Македонци, Пајонци и римски
колонисти.
Слично мислење има и д-р Виолета Ачкоска, исто така професор од
Филозофскиот факултет, која потенцира дека етногенезата на македонскиот
народ е долга, а во неа се споменуваат и античките Македонци.
За многумина ваквиот чин на Трајковски е дефиниран како предавство на
националниот идентитет на Македонците.
Тоа е национално велепредавство од највисок степен кога човек од рангот
на Председател на држава се обидува да се откаже од 99 отсто од своето
национално, културно, историско, јазично, како и религиозно-филозофско
наследство, потенцира д-р Душко Алексовски, претседател на Центарот за
карпеста уметност. Со употребата на "македонски Словени" и не
споменувајќи ништо постаро од 9 век по Христа, значи научна и културна
слепост. Вистината е дека во вториот милениум пред Христа на овој простор
била една од најсилните држави во тогашниот свет по име Пајонија, со своја
култура, јазик, писмо, државно уредување, која учествувала и во битката за
Троја. Нив ги предводи славниот Пирајхме, најдобриот јунак во бојот (според
Хомер), кој лично за него вели дека неговата татковина е кај широкострујниот
Вардар (Аксиос) и внук на Пелегон - Пелагон по кое име и Пелагонија го
добива своето име. Значи, Пелагонија 3.000 години не го променила своето име.
Денешите Македонци се еден вид симбиоза од племињата кои го населувале овој
простор: Пајонци, Македонци, Меди, Тунати, Дентелети, Агријани и сл. Не
смееме да судиме само поради јазикот за нашата национална припадност,
бидејќи: Французите, Романците, Португалците, Шпанците зборуваат модифициран
латински јазик ( amicum,
лат.; ami -
француски; amico -
италијански; amigo
- шпански и сл.) Тие воопшто не се идентификуваат со Римјаните.
Никогаш Французите или Шпанците не рекле дека зборуваат латински јазик
или старолатински јазик. Сите знаеме за француски јазик, за шпански
јазик и сл.
Со ваквите чекори првиот човек на државата, според нашите соговорници, се
откажува од долговековната традиција и историското и културното наследство
на својот народ. Многумина имаат забелешки за однесувањето на Трајковски.
Со откажувањето од долгата традиција на својот народ се поткопуваат
корените, државата која може да биде погодена од политичко-безбедносните
виорења и се зголемува ризикот од исчезнување. Трајковски е еден вид
елементарна национална непогода. Тој одби да ги поздрави присутните на
Светскиот конгрес за карпеста уметност и да го поздрави основањето на
Светската академија за карпеста уметност. Таков претседател не им посакуваме
ниту на нашите најголеми непријатели, потенцира Алексоски.
ПРЕПОРАКИ
Архитектот Вангел Божиновски не смета дека е добро и дека е во ред како
граѓанин и како Македонец да го критикува својот Претседател.
Но, вели Божиновски, има настани, дејства кои се произведени од
неговиот Кабинет и заслужуваат опсервација и помош за да може вистината за
Македонија и патот кој Македонија го одбра да оди по вистинска насока и да
може Македонија да го зафати своето место во големата фамилија на народи на
светот и патот кој укажува на реалната можност дека Македонија е еден од
најважните извори на светската цивилизација. Тој процес меѓу интелектуалците
во Македонија е веќе започнат и дава сериозни резултати и има позитивни
одгласи од светската наука. Процесот кој го започна македонската наука јавно
по осамостојувањето, а на некој начин илегално пред осамостојувањето,
покажува дека постојат сериозни недостатоци и грешки во пласираната историја
на Македонија во учебниците и во рамките на тогашната наука. Науката е жива
материја, секогаш трпи измени дури и фантастични откритија. Не велам дека
откривањето на коренот на македонскиот народ пред 6 век е фантастично
откритие, ниту е ново, обрнувам внимание дека проблемот со доаѓањето на
Словените во 6 век е одамна проблематизиран и за одредени научни трудови е
неточен. Обрнувам внимание дека католичката енциклопедија тврди дека
Словените на овој предел не се населени во 6 век, туку далеку пред 6 век.
Познатиот византолог Оболенски исто така доста елегантно го избегнувал ова
прашање со поставање на конотација дека постоењето на Словените на овие
простори секако треба да се бара зад 6 век. Оттаму идејата и истражувањата
што ги прави македонската наука во врска со настаните и личностите поврзани
со Македонија и Македонците пред 6 век е веќе етаблирана и има сериозна
научна подлога.
Според Божиновски, не смее да се дозволи една веб-страница која е
достапна буквално на сите во светот да шири лажни податоци за постоењето на
Македонија и на Македонците.
Самоиловото царство е само еден мал дел, би се рекло не многу значаен од
големата историја на македонскиот народ. Треба да се сфати дека првата
држава во Европа е македонската. Неопходно е тоа, покрај она што е научно
докажано, да биде изработено, односно да биде реализирано како маркетинг и
вистинска пропаганда за Македонија, а овој документ издаден од Кабинетот на
Претседателот оди во спротивна насока и не помага во позитивните напори што
ги прави македонската наука за откривањето на вистината за Македонија.
Затоа, вели Божиновски, неопходно е луѓето кои во Кабинетот на
Претседателот ги подготвуваат ваквите документи да не се потпираат на
смешните учебници со коишто се воспитува македонската иднина во нашиот
систем за образование, туку малку посериозно да се зафатат со оваа задача,
бидејќи секоја реченица излезена од Кабинетот на Претседателот има сериозна
тежина и се сфаќа како аксиома за претставата за ликот и погледот на
Македонија. Затоа не е лошо оваа страница да се редизајнира и да се повикаат
луѓе кои можат тоа да го сторат. Верувам дека научната доблест и љубовта на
тие луѓе кон државава нема да предизвикаат финансиски потешкотии за буџетот
на Претседателот, туку тие доброволно ќе го направат она што во овој миг се
чини дека Кабинетот на Претседателот не може да го направи.
Севкупната пропаганда која ја прави нашиот јужен сосед, поставувајќи ја оваа
погрешна научна теза, прави голема штета не само на угледот на Македонија,
туку и на македонската економска подлога и просперитет. Еден сериозен
политичар треба секогаш да ги земе сите фактори предвид пред да се реши да
направи каков и да е потег. На овој начин Македонија се смета само за
еден минорен проблем на меѓународната заедница кој дури и не мора да се
решава, како што не се решава, кој дури и не бара учество на Македонците во
решавањето на проблемот, како што е востановена навика во европската
политика.
ГАФОВИ
Тргнувајќи од ваквата констатација на веб-страницата нема основа да се
лутиме за разноразните имиња со кои не нарекуваат надвор. Според многумина
наши соговорници, ова е еден од многуте досегашни гафови на Претседателот.
Ваквата констатација ја дели и Јован Павловски, истакнат новинар, публицист
и писател.
Откако се појави на македонската политичка сцена актуелниот претседател
на Република Македонија, Борис Трајковски, неколку пати ја утнува работата
кога станува збор за историјата на Македонија и воопшто за македонското
прашање. Сакам да потсетам дека Борис Трајковски како заменик-министер за
надворешни работи беше оној висок функционер на Министерството кој ја водеше
работата со бугарското Министерство за надворешни работи и кој го потпиша
документот дека македонското малцинство во Бугарија е прашање на нашиот
источен сосед. Тој беше исто така оној висок функционер на БЈРМ кој со
бугарското Министерство за надворешни работи пред многу камери на скопските
телевизии јавно ја предупреди преведувачката дека нема потреба на превод од
бугарски на македонски, оти се разбирале. Во рамките на тоа негово
однесување кое можеби е резултат на неговото севкупно познавање на
македонската историја и култура, а можеби е смислен политички гест, мислам
дека и оваа негова констатација на неговата веб-страница, која има сериозен
негативен контекст, може да биде дел на таквото негово истапување,
потенцира Павловски.
АРТЕФАКТИ
Сосема разумно и нормално за секој кој не е обременет со политика е
Македонците да се идентификуваат со старите, древните Македонци. Името
останало исто, вели Тихомир Стојановски, асистент на Факултетот за
драмски уметности во Скопје. Не е прекинат континуитетот на народот и
името од Богот Македон од Олимп, од митскиот цар на Македонците, Орфеј, од
Дион светиот град на Македонците до денеска. Дури и во фолклорот на
македонските преродбеници од 19 век се среќаваат творби во кои се пее за
Александар, Каран, Филип, Орфеј и другите славни предци на македонскиот
народ. Античките метрички стапки се содржани во македонските ора.
Песните на Аполон и ден денес се пеат, опејуваат и натпејуваат за истите
пригоди за кои пееме и денес. Второ прашање е како е дојдено до синонимот
Словени, од кога е тоа именување? Се разбира на тој опит одговорил Макс
Фасмер за кого зборот склавон, склавонае е латинско-романски топоним кој
означува име на територијална единица, но не и име на народ? Така се
наречени, додава Стојановски, четирите дела на поделена Македонија по
поразот на македонскиот цар Персеј од Емилио Павле на Киноскефале... Од
тогаш се Словените и Склавините кои ги означуваат Македонците како робови на
Рим и Римјаните... Секојдневно за континуитетот на Македонците и
македонската култура од утробата на мајката земја излегуваат на виделина
нови докази и артефакти. Ангелина Маркус, пензиониран професор по
филозофија и еден од солидните познавачи на македонската античка историја
вели: Македонскиот народ, култура, историја, постоење, има древни корени,
најстари во Европа, а и во светот. Писменоста, државноста, образованието,
кралството, династиите кои најдолго владеле во светот на овие простори, се
неизменети со милениуми. Одеднаш се слуша за Славомакедонци, Македонци -
словени и со тоа се прави обид да се даде основа само од пред илјада години.
Тоа во светот никаде не се прави без разлика на тоа што некои народи ги
покоруваат другите. Таков е примерот со Кина која ја покорувале, со неа
владееле други народи, но таа сепак останала Кина со нејзината традиција.
Тоа истото се случува и со Македонија. Ние самите ако не потенцираме дека
македонската држава почнува од почетокот на светот, не можеме да се потпреме
на сите тие нови толкувања. За државата, за народот одлучува Уставот,
законот, а не одлучува Претседателот, Премиерот, ниту некоја личност од
соседството. Тоа е прашање без компромис. Ниту Обединетите нации, ниту
Европската унија, ниту соседите, ниту кој било политичар не треба да се
дрзне да зборува за македонскиот народ, потеклото и да го ограничува на
некои стотина или илјада години кога тој си има историско значење во светот.
НАСЛЕДСТВО
Македонската почва обилува со историски споменици кои за научниците,
археолозите, историчарите се доказен материјал, т.е. артефакти за нашето
античко постоење.
Нашето име гордо го носиме најмалку 7.000 години, вели Васил Иљов,
дипломиран инженер-архитект од Заводот за заштита на спомениците на
културата на град Скопје, советник конзерватор за тврдини и археологија.
Ако тргнеме од најстарите податоци каде се споменува името Македонија и
за нас како Македонци, тогаш треба да ја имаме предвид глинената плочка од
Градешница на која децидно стои името на зетот Пир Македонски која се
проценува дека датира од 5.000 години пред нашата ера. Македонија спаѓа меѓу
најбогатите археолошки наоѓалишта на Балканскиот Полуостров и без нејзините
артефакти не може да се комплетира историјата на Европа и на светот.
Нејзините културни слоеви се богати со остатоци од материјална култура која
датира почнувајќи некаде од крајот на мезолитот и почетокот на неолитот т.е.
од 7.000 до 6.000 година пред нашата ера, па до денес. Апсолутната
хронологија на нејзиниот развој говори за долг континуитет на живеење на
луѓето на овие простори за опстојување на идентитетот на македонскиот народ,
за предсветска култура, митологија и култ на Сонцето и Космосот (Вселената,
Универзумот), за праисториско македонско фонетско писмо и праисториски
македонски јазик, за постоење на праисториски македонски закони и
праисториска македонска држава. Хомер во "Илијадата" ги споменува
македонските племиња (Пеонци, Пелазги, Венети или Енети, Бриги или Фриги,
Пиерци итн.) како се борат на страната на Тројанците, а против сојузниците
на новодојдените освојувачи на Балканот - Данајците, т.е. во "Илијадата" е
опеан настан кој се случи во 1193 - 1183 година пред нашата ера, односно,
според најпознатиот александриски научник Ератостен, освојувањето на Троја
се случи во 1184 година пред нашата ера. Покрај тоа, познато е дека
Македонците успеале да создадат Македонско Царство или Македонска империја
на територија од околу 3,8 милиони квадратни километри, а потоа во
епохалниот Македонски период во вид на 4 царства со свои македонски династии
го продолжиле ширењето на македонска култура и го негувале духот на
творештвото и зближувањето на народите, културите и религиите во светот.
Македонците биле и останале автентичен народ на Балканскиот Полуостров, а
други доаѓале и си оделе како гости или поробувачи. Веројатно затоа уште
Херодот (484 - 424 година п.н.е.) споменува: "Македонец", "Македонци",
"Македонија", "Горна и долна Македонија", "македонски планини", "македонски
патишта", итн., а во "Светото Писмо" се споменуваат како библиска земја и
библиски народ, Македонија и Македонците. Основната филозофија на Филип
Втори и Александар Македонски беше синкретизмот и космополитизмот, а и ден
денес ние патиме од тој космополитизам, имаме разбирање за сите. Сите оние
изјави, додава Иљов, кои се даваат во поново време, вклучувајќи ја и
констатацијата на Трајковски на неговата веб-страница е еден анахронизам кој
никако не може да се вклопи со изнесените аргументи со кои располага
македонскиот народ. Сметам дека ваквите констатации се крајно неодговорни од
аспект на науката и крајно субјективни, затоа што нашата официјална
историографија дава податоци кои никако не можат да бидат конзистентни во
однос на други податоци кои даваат друга хронологија за почетоците на
македонската цивилизација на Балканскиот Полуостров. Околу 15 - 17 илјади
години, според писмените споменици, ние успеавме да го зачуваме
писмото и да го зачувавме јазикот, нормално со одредени модалитети. Треба да
бидеме горди и доволно храбри и на светот да му ги изнесеме овие податоци,
да се гордееме со наследството што го имаме од областа на културата, од
македонската цивилизација базирани врз артефакти и писмени споменици.
|