ИНТЕРВЈУ

Слаѓана Тасева, претседател на Комисијата за спречување на корупцијата

ПАРЛАМЕНТОТ НЕ ТРЕБА ДА НИ ДАВА ВИЗА

Разговарал: Кокан СТОЈЧЕВ

  • До крајот од рокот што го поставивме на 31 јануари годинава, добивме близу 1.670 анкетни листови за имотната состојба на лицата носители на јавни функции. Но, таа бројка сега е поголема од 2.000 анкетни листа
  • Никој во државава не може со сигурност да ви каже колку лица треба да поднесат анкетни листови, бидејќи ниту владата ниту Собранието не знае колку лица се наименувани или избрани за функционери, кој од нив е директор на јавно претпријатие или член на управен одбор.
  • Не гледам дека некој може да ја блокира работата на Комисијата. Но, чувствуваме дека постојат пречки за целосно остварување на работата на оваа Комисија со недореченостите во другите закони и во неправилната поставеност на другите институции.

МС: Госпоѓо Тасева, кои се Вашите првични оценки по завршувањето на процесот на пријавувањето на имотот на политичарите и на вршителите на јавни функции?

ТАСЕВА: Ние како тело за прв пат постоиме во нашата држава. Не можам да кажам дека сме институција затоа што сме формирани онака како што сме формирани. Ние не сме вработени на сметка на товар на државата, туку сме избрани од страна на Парламентот и треба да остваруваме некаква функција којашто значи превенција и контрола на корупцијата и коруптивните однесувања. Всушност, тоа е и целта на Законот за спречување на корупцијата којшто ние го имплементираме за прв пат и сме единствено имплементичарко тело на овој Закон. Тој содржи редица одредби кои се насочени токму кон воспоставување на механизми на контрола, а се зајакнува и превенцијата против коруптивните однесувања што можат да ги направат и да ги прават носителите на јавни функции. Затоа корупцијата по сила на дефиницијата ја врзуваме за оние што имаат можности да бидат корумпирани, а тоа се сите носители на јавни функции. Формирањето на Комисијата се совпадна со завршувањето на парламентарните избори и со наименувањето на редица нови носители на јавни функции. Прво со што се зафати Комисијата, се разбира откако се конституиравме, беше имплементирањето на одредбите од членот 33 од Законот за спречување на корупцијата, а тоа е пријавувањето на имотната состојба на именуваните функционери. Секој избран функционер требаше во рок од 30 дена да ја пријави својата имотна состојба до Комисијата за спречување на корупцијата. Оваа обврска исто така има и превентивна компонента која во најголем дел се однесува на тоа да може да го следи движењето на имотната состојбата на лицето што стапило на функција во периодот додека ја извршува функцијата и кога ќе ја напушти функцијата. Значи, тука е целта на овој механизам и ние се соочивме со тоа дека веднаш треба од тука да започнеме со нашата работа. Затоа беше подготвен анкетен лист кој како таков го пуштивме во процедура. Што очекуваме, а што добивме? Да ви кажам право, добивме многу повеќе отколку што очекувавме. Во почетокот имаше најразлични реакции.

МС: Мислите на коментари!?

ТАСЕВА: Да. Дека ќе се одбие соработката со Комисијата во овој дел, дека одредени лица нема да поднесат анкетни листови до Комисијата итн... Но, и на нашата прес-конференција и во соопштението изразивме задоволство од она што го добивме како анкетни листови. Не одеше лесно затоа што на некој начин и кај нас и секаде каде што нешто за прв пат се воведува никогаш не одело лесно. Ние сме една држава којашто е навикната да живее под некакви превези. Да живее под некакви тајни и да се смета за проблем доколку се дозволи да се има увид во одредени состојби. Токму поради ова можеби имаше негативни размислувања во однос на пријавувањето, па зошто некој мора да знае, па дали тоа ќе се објавува јавно и како. Но, по неколку објаснувања дека мораме да бидеме транспарентни, дека тоа е обврска на носителите на јавни функции, особено на оние носители што се на највисоките јавни функции, бидејќи нивниот приватен живот завршува кога ќе заземат некоја таква јавна функција и со тоа се зголемува нивната одговорност, беше прифатена ваквата обврска. На крајот од рокот што го поставивме на 31 јануари годинава, добивме една голема количина на анкетни листови. Тогаш беа 1.670 листови, а сега бројката е поголема од 2.000 анкетни листови. Но, во континуитет се уште доаѓаат од лицата кои не биле свесни дека подлежат на ваквата обврска.

НЕСРЕДЕНОСТ

МС: Дали во овој тежок процес на прибирање на анкетните листови за имотната состојба на лицата носители на јавни функции некој Ви помагаше и колку тоа Ви ја отежнува конкретната оперативна работа за оценување и следење на нивната состојба додека се на функција?

ТАСЕВА: Можам да кажам дека ние на некој начин и одбивме помош затоа што Законот оваа обврска ја уредува како лична која мора да ја почитува секој носител на функција. И затоа сметавме дека секој сам треба да си биде свесен за оваа законска обврска и да си поднесе анкетен лист до Комисијата. Ние дури укажавме дека помагањето во оваа смисла, организираното собирање на анкетните листови што се случи во Парламентот каде што задолжија едно лице да оди од пратеник до пратеник и да ги пополнуваат анкетните листови, а подоцна да ги достават наеднаш во тие мигови имаше реагирања дека се нарушува тајноста на тие податоци, дека лицата што ги собираат имаат увид во податоците што ги собираат итн... Уште тогаш повторивме дека тоа е лична обврска и секој сам треба да се погрижи анкетниот лист да стигне на она место каде што треба да пристигне. Она за што побаравме помош се однесуваше на доставувањето на точни евиденции затоа што ни ден денес никој не може со сигурност да ви каже колку лица треба да поднесат анкетни листови. Дури и ние што се трудиме да дојдеме до такви податоци не знаеме колку точно во државава има избрани и именувави функционери носители на јавни функции.

МС: Дали тоа се должи на нетранспарентноста на државната администрација или на несредените информации за тоа колку имаме државни службеници и колку од нив се носители на јавни функции?

ТАСЕВА: Ова е резултат на внатрешната несреденост во институциите на државата. Не може Владата да не знае колку има именувани лица, каде се тие и колку точно од нив имаат обврска според Законот да достават анкетни листови. Затоа ние бараме податоци од институциите, како на пример од судската власт да ни достави точен список на судии. Бараме податоци од Собранието од каде што многу тешко добиваме податоци за оние лица што досега се именувани или се избрани. Се уште не можеме да дојдеме до конкретните податоци. Таквите податоци или не постојат или не се систематизирани на начин за да може некој да ги користи и да ги споредува со некакви идни информации. Она што го добивме од Владата се податоци кои се внесуваат по секоја седница. Како лицата се наименуваат, така се додаваат на списокот. На тој начин не може да се види колку од нив се директори на јавни претпријатија, колку се членови на управни одбори.

МС: Значи вие во Комисијата добивате несредени информации!?

ТАСЕВА: Ние добиваме несредени информации и инсистираме и бараме за сето тоа да се воспостави некаков ред. Дури сега сме во состојба ние да мораме да ги систематизираме, а така средените податоци што ние ги имаме им ги даваме на институциите. Сепак, државата треба да воспостави некаков ред.

МС: Ѓоспоѓо Тасева, колку во овој несреден систем на РМ со својата мала екипа можете да се спротивставите на корупцијата, односно колку лежерно ќе можете да работите и да ги споредите овие информаци?

ТАСЕВА: Ние во ниту еден момент, верувајте, откако постои оваа Комисија, не сме имале можност, односно лежерност како што потенциравте во вашето прашање, да работиме. Постојано сме во некаква акција, работиме интензивно, работиме ефикасно. Досега одржавме 14 редовни и уште десетина вонредни седници на Комисијата. Прво, почнавме од тоа да се конституираме. Да се воспостави телото, да се подготви деловник за работа. Да се воспостават внатрешните процедури. Ние не сме екипирани со луѓе кои ќе ни помагаат во нашата работа. Во вакви услови започнавме со сите оние обврски што не притискаа со Законот, а она со анкетните листови беше само една од обврските. Мислам дека на некој начин успеавме да ја канализираме нашата активност и работите си фатија некаков ред. Не се загрижуваме од тоа што јавноста или други поединци во државава очекуваат денеска и веднаш резултати. Ние мораме да бидеме подготвени сето тоа добро да го обработиме и да го изработиме, а потоа конкретно да излеземе и да кажеме што сме сработиле. Меѓутоа, од Законот произлегуваат уште редица други обврски, почнувајќи од програмата за работа на Комисијата којашто уште лани во декември месец ја усвоивме за оваа година да започнеме опративно да работиме на извештајот што треба да го доставиме до Собранието, а се однесува на начинот како се финансирани кампањите на политичките партии за време на изборите во 2002 година. Тоа, доколку имате можност да го согледате, претставува огромна и обемна работа. Тука се соочуваме со непостоење на евиденции и валидни податоци. Никој тоа не го следи, но и начинот на финансирањето на политичките партии сосема е нетранспарентен. Во овој момент настојуваме да најдеме одговор на оваа обврска. Покрај ова Комисијата мора, според Законот, да ги следи постизборните инвестиции во целата оваа 2003 година. Значи, побаравме од државните институции да не известуваат за она што значи комерцијална зделка којашто ќе биде склучена во периодот на оваа година за да можеме да видиме како одат тие комерцијални договори. Дали се склучуваат меѓу исти субјекти? Дали постои одредена можност за влијанија? Дали постои можност на конфликт на интереси? Дали постојат неправилности? Исто така, дали станува збор за одредени личности или лица блиски до водечки политички партии? Дали постои нерамноправност на пазарот? Како се спроведуваат постапките за јавни набавки? Сета тоа се информации од кои би можеле да видиме како се одвиваат комерцијалните договори со државните институции во текот на оваа година. Тоа е обврска којашто, иако е содржана во три или четири реда во една законска одредба, е голема работа. Ние имаме обврска да дадеме извештај како се финансираат политичките партии. Како се финансираат невладините организации. Синдикатите. Како се трошат средствата од странските донации? И кога ќе сфатите дека живееме во услови, односно во една држава каде што ништо не е транспарентно, каде што за се нема постоечки податок дека тој некаде е објавен, ние се соочивме со проблем како да најдеме начин да дојдеме до тие податоци. Сега воспоставуваме комуникации со институциите за сепак тие да си ги преземат своите обрски и да се востанови некаков ред во евиденциите за да можеме да одговориме на сите овие наши обврски. Затоа многу пати одговарам дека Комисијата е тело коешто на некој начин треба да дејствува како чадор под кој сите други институции ќе си ги преземат своите обврски. Ние не можеме да ги преземеме обврските и надлежностите на другите инститиции. Имаме големи обврски и овластувања со Законот, но сите други институции треба да си го преземат делот од своите обврски и одговорности онака како што им се дадени според законите што треба да работат. Тука се и пријавите од граѓаните. Законот му овозможува на секој граѓанин да поднесе пријава до Комисијата доколку оцени дека има состојба која е резултат на корупција и тука може да има интерес за работа на Комисијата. Досега Комисијата доби повеќе од 200 пријави од граѓани. Сите тие ги обработуваме, ги распоредуваме меѓу членовите на Комисијата за да ни реферираат на редовните седници и на ниво на Комисија да се донесат одлуки како понатаму ќе се постапува со сите тие преставки. Некои од нив навистина не содржат никакви укажувања за постоење надлежност за постапување на Комисијата, некои упатуваат на постапки на други органи, а некои биле во тек или се завршени. За некои бараме информации од други институции, но сепак мораме да ги обработиме и да донесеме некои ставови, или препораки. Значаен дел од нив се однесуваат на приватизациите. Дел од нив сериозно се документирани и може да се види дека има проблематични приватизации кои дури биле резултат на нелегални однесувања. Но, при проверката на документацијата мораме да комуницираме со сите други институции до каде се, дали претходно вршеле контроли и ревизии, дали се утврдени некои состојби итн. На кој начин се изведени нивните заклучоци, се разбира доколку такви постојат за да можеме да одлучиме како понатаму да постапуваме. А, ова се само неколку одредби од Законот. Ние се уште не сме стигнале да ги отвориме. Дури пред неколку дена по последната седница укажавме и на обврската за носителите на јавни функции кои треба да пријавуваат склучување на зделки, или комерцијални договори меѓу институциите на државата со фирми кои раководат или се формирани од нивни лични пријатели и роднини. Тоа е поврзано со конфликтот на интереси. Понатаму обврската за пријавување на вработување, унапредување или избор на некој член од семејството кој исто така е поврзан со конфликтот на интереси и со непотизмот што како тема е интересна во последно време. Проблемот за тоа како ќе ги отвораме темите од одредбите од Законот претставува дополнителен товар за работа. Луѓето имаат обврска да пријават, но не постои евиденција преку која ќе ја провериме таквата состојба за да се донесе одреден заклучок. На крајот следи дека ова е голема работа, а Законот во голем дел содржи недоречености и пропусти. Нема процедура за имплементирање на одредена одредба, а ние и тоа сега го правиме. Дефинираме конкретни процедури за работа за имплементација на конкретни одредби од Законот и сето тоа си тече како процес.

НЕДОРЕЧЕНОСТИ

МС: Госпоѓо Тасева, ако ги сумираме Вашите активности, годинава генерално сте насочени во три правца, а еден од нив се однесува на финансирањето на кампањите на политичките партии за време на изборите во 2002 година, што сепак е поврзано и со имотот на партиите. Дали почнавте да прибирате информации за овие теми и по други канали?

ТАСЕВА: Потенцирав дека се обидуваме да ги искористиме сите начини за да дојдеме до податоци коишто ќе ни укажат за тоа како се финансирале кампањите што завршија лани во септември месец, но и како понатаму тече финансирањето на политичките партии. За тоа користиме повеќе извори, иако и директно од политичките партии побаравме да бидеме известени колку потрошиле, како се финансираат, од каде пристигнуваат средствата итн. Ќе видиме што ќе добиеме како резултат. Но, се разбира, не користиме само еден извор на податоци. Сето тоа што ќе го добиеме како сознанија ќе биде вградено во еден извештај којшто ќе треба да се презентира пред Собранието. Во него ќе ги наведеме сите извори на податоци што сме ги користеле при изработката на тој извештај. Онаму каде што ќе имаме проблеми, каде што ќе констатираме дека податоците се недоволни, или не ја отсликуваат вистинската состојба, ќе укажеме на недоследностите и заедно со препораките за измена во другите законски текстови што ги уредуваат конкретнит сфери, ќе предложиме конкретни мерки. Сето тоа полека сакаме да го систематизираме за да влезе во она што се вика државна програма за борба против корупцијата во која ние точно мораме да дефинираме приоритети за тоа каде се треба да интервенираме за во Македонија да се воспостави некаков си режим или генерален систем за борба против корупцијата и криминалот.

МС: Ќе имате ли проблеми околу процесирањето, односно давањето на основните насоки, без разлика дали тоа би биле казнени, прекршочни или други цели што ќе бидат наведени во извештајот до Собранието? Дали ги согледувате првите правни стапици што ви се кочница во однос на борбата против корупцијата? Поточно, мислиме во однос на финансирањето на партиите и нивните дејности?

ТАСЕВА: Јас не би рекла дека тоа е кочница или правна стапица за нашата работа затоа што за она што ќе го согледаме како проблем ние можеме да реагираме. Меѓутоа, покрај нашиот годишен извештај кој до Собранието како обврска треба да ја отслика целата наша работа во текот на годината, имаме и неколку поединечни извештаи како што е оној за трошењето на странските донации, како и извештајот за финансирањето на политичките кампањи и постизборните инвестиции. Значи, тоа се три дополнителни извешти што ќе треба да се поднесат, да се презентираат пред Собранието. Но, тие извештаи ќе ги содржат и мерките коишто сме ги презеле за конкретни области. Ние нема да чекаме Собранието да ни даде дозвола или виза за да се преземе некоја конкретна активност. Бидете сигурни дека нема тоа да се случи, бидејќи Комисијата има широки законски овластувања да презема други мерки, вклучително и тоа да поднесува и пријави онаму каде што ќе оцени дека постојат доволно основи за надлежните државни институции. Или да побара од другите инструкции да си преземат мерки што се во нивна надлежност. Така, не гледам дека некој може да ја блокира работата на Комисијата. Меѓутоа, чувствуваме дека постојат пречки за целосно остварување на работата на оваа Комисија со недореченостите во другите закони и во неправилната поставеност на другите институции. Тука чувствуваме проблем, но ќе настојуваме да го решаваме со комуникации и давање на одредени препораки.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"