оминаа точно две години откако
запоставените во доменот на човекови права решија правдата да ја тераат на
свој начин, со гласот на куршумите и жедта за крв. Упорно во овие изминати
24 месеци се бараше виновникот за македонската трагедија, се бараа
губитниците и победниците. Досега некој не ги пронајде, барем официјално.
Нештата и по делумното средување на работите се уште тапкаат во место, се
уште некој не е задоволен од постигнатото.
Животот во глобалното светско општество значително се промени со
тенденција за нови капитуларни промени. Тоа не не одмина ниту нас. Војната
ги пренасочи водотеците во друг правец и од тоа нема враќање. Сепак, ако
некој здивна по меѓуетничкиот конфликт во Македонија, обидувајќи се акцентот
да го префрли врз дипломатскиот и демократскиот начин на решавање на
работите, другите од спротивниот табор неколкупати најавуваа, па и
реализираа, дека актуелната политика во земјава е идентична како пред
десетина години што повлече серија нарушување на мирот со јасни димензии на
урбан тероризам.
ВОЈНА Е НА ПОВИДОК!?
Ништо поразлично од она што се случуваше во 2001 година. Се наликуваше
како ова што неделиве наназад ни се случи. Пред две години не уверуваа дека
не постои никаква ОНА, дека во граничниот појас се се одвива во мирнодопски
услови, дека нема опасност по територијалниот интегритет и суверенитет на
Република Македонија. Зарем не беше така и сега до пред 20-ина дена? АНА не
постоела, таа била само интернет група без визија за остварување на целта.
Тоа ни го говореа и владините и меѓународните претставници. Втората фаза од
2001 следеше со случајот Танушевци, а две недели потоа и првите пукотници
над Тетовското Кале. ОНА јасно покажа дека е тука. На владејачката
машинерија & застана кнедла во тесното грло. Деновиве и АНА покажа дека е
тука, дека не троши пари само на веб-страници на интернет, туку дека
поголемиот дел од собраниот арач го насочува кон купување разорни
експлозивни средства со огромна убиствена моќ. Случајот со кумановскиот
контејнер и оној во делот на Основниот суд во Струга прецизно го издефинира
профилот на новата вооружена терористичка паравојска која овојпат не се бори
за никакви човекови права, туку за големодржавна творба на Албанците на
Балканот.
И оваа Влада, со социјалдемократска провиненција, деновиве не можеше да
ја проголта кнедлата во своето претесно грло затоа што до пред само неколку
дена самоуверливо говореше пред јавноста дека АНА не претставува некаква
опасност по безбедноста на македонската држава. Ако продолжат работите да се
одвиваат со истото темпо и со истото сценарио како и пред две години, а
гледаме дека има бројни елементи и аргументи за тоа, тогаш реално е да
очекуваме уште еден двобој на обете страни, да го проследиме како што
воинствените велат "второто полувреме" од натпреварот кој долго трае.
Прагматичната политика на македонската Влада може да придонесе само за
делумно разубедување и неутрализирање на екстремистите, но на подолга патека
тоа не би дало соодветни резултати. И едната и другата страна мошне добро
знаат каде лежи успехот. Тоа не се ниту парите, ниту нивото на воениот морал,
ниту видот на оружјето со кое се располага. И државата и новоформираната
банда играат на картата на придобивање на локалното месно население кое по
сите прашања ќе ја одигра клучната улога во целиот процес.
Но, сепак, ако тоа не зема широки размери во првиот бран од кризата кога
албанското малцинство како граѓани на Македонија остана настрана од
директното инволвирање во војната, овојпат тоа би имало уште помали причини
да се втурне во котелот на нечии индивидуални амбиции. Обичниот народ
гледајќи ги случувањата последниве петнаесетина години научи и увиде кој
профитира од крвта на најблиските, зошто се бори и чии интереси се бранат и
застапуваат. Тука е веќе сосема логично дека состојбата е многу поповолна за
македонската држава пред две години. Но, има и елементи кои укажуваат на
многу поопасни показатели отколку во изминатиот период. АНА главно своето
тежиште нема повеќе да го фокусира врз ридиштата и планините по Тетово и
Куманово, бидејќи смета дека таму работата е претходно завршена од нејзината
посестрима, ОНА. Мешаните полициски патроли не претставуваат ама баш никаква
опасност по нивното дејствување. Акциите, како што се случи неделиве наназад,
ќе бидат концентрирани по градовите во земјава врз витални објекти со кои се
брани интегритетот на државата. Фазата на урбан тероризам, во која цивилните
жртви би биле поголеми, е далеку поопасна од онаа кога атаците се вршеа во
ридско-планинските предели. Оттука, јасна е стратегијата на новите
терористички групи. Една бомба во централното градско подрачје на Тетово,
Струга или Скопје би имала поголеми ефекти отколку неколкудневните пресметки
по шарпланинските села.
Како Македонија сега би требало да одговори на најавените закани?
Заложбата за што побрза имплементација на Рамковниот договор со што би се
одвлекла иницијативата на екстремистичките формации за водење војна не би
помогнала многу во сузбивањето на нападите. Тоа, пред се, затоа што АНА и
националниот фронт за ослободување на албанските територии не го признава
постоењето на охридскиот мировен Договор, а преку него и новиот Устав на
Република Македонија, сметајќи го како пораз за албанската етничка заедница.
Оттука, што поскорешното спроведување на актите од Уставот би помогнало само
во добивањето поголема меѓународна помош и разбирање за чекорите што
македонските безбедносни органи би ги преземале против униформираните
партиски терористички дивизии не е нивото на човековите права, туку
освојување туѓи територии. Оправдување за секое наредно дејство со таа цел
повеќе нема. Тука на испит се појавува и дипломатскиот дел на меѓународната
заедница. Таа повеќе нема простор за маневрирање и манипулирање со неколкуте
засегнати земји од тероризмот во поширокиот регион. Дали тоа значи дека "второто
полувреме" ќе се игра без судија и без ограничувања? Секој повик за
толеранција и поставување на затворените прашања на зелена маса ќе значи
активно соучесништво на страната на оние кои посегаат по регионалниот мир и
стабилност.
ВЕТУВАЊАТА НА БУШ!
Обидите на бандите отворено да се игра на три фронта (Косово, Јужна
Србија и Македонија) со забрзана тенденција истото да се прави во
југоисточниот дел на Црна Гора и северозападниот на Грција, ќе им ги одземе
и последните вештачки создадени аргументи на филијалите во Брисел и
Вашингтон за какво такво помагање на "загрозената" страна. Без таквата
досегашна улога на меѓународните дипломатски патници регионот немаше да
дојде до овој степен на зовриеност. Индиректното премолчување за секое
сторено зло на терористите само доведуваше до се позачестено атакување врз
се што е неалбанско. И денес не можеме да чуеме јасна порака од големците
кои ќе ги натераат крвопијците да се откажат од злите дела. Повторно се
остава простор дека некој има одврзани раце да прави што сака. САД
секојдневно им се закануваат на своите непријатели распространети ширум
светот дека воено ќе интервенираат за да ги спречат терористичките дела на
широките мрежи. Секојдневно се заплашува Ирак, Северна Кореја, Судан,
Авганистан.
Ниту еднаш американската администрација не упати воена закана кон
терористичките центри на Балканот, иако Буш тоа го вети уште пред
бомбардирањето на Авганистан. Рече "доколку продолжи ваквиот тек на
настаните, по Авганистан следно е Косово". Господине Буш се уште те држиме
за збор затоа што настаните не само што продолжуваат по таков тек, туку се
засилуваат. Или сето тоа беше само празна реторика во изјавата на првиот
Американец како наплив на емоции по септемвриските настани од 2001-та во
Њујорк и Вашингтон.
Двојниот пристап во елиминирањето на опасностите може кобно да не чини.
Овој период на каква таква стабилност во земјава нашата дипломатска фела
треба да го искористи во постигнување консензус со целата меѓународна
заедница околу идните чекори на државата во случај терористичките напади да
продолжат. Постигнувањето на тој консензус не смее да се стави во екот на
разврската со бандите, бидејќи тие мошне успешно би можеле да го искористат
времето кога Скопје и Брисел би се договарале околу методите на елиминирање
на опасностите. Профилот на методите треба да се исцрта сега. Со кои
средства, со кои орудија, со кои единици ќе им се парадира на сега засега
неорганизираните групи. Претставниците на меѓународните институции во
земјава честопати на своите прес-журки повикуваат на некакво "превентивно
дејствување", притоа не укажувајќи што подразбираат под поимот превенција.
Секое досегашно превентивно дејство на македонското законодавство и
македонските институционални органи беше протолкувано и оквалификувано како
пречекорување на овластувањата и поттикнување на спротивната страна да
презема уште порадикални чекори. Ако таквите етикети & беа лепени на
претходната власт, за новата тоа не е случај.
Власта на Црвенковски и Ахмети, според дипломатите, работи на
стабилизирање на државата со успешен тек на практична реализација на
договореното. Кој тогаш го поттикнува живиот мртовец Џафери да почне да
презема радикални потези за побрзо решавање на албанското прашање во земјава?
Која е причината поради која албанскиот вожд е незадоволен од својот статус
во македонското општество? Постојано нам новинарите ни кажуваше како "и дању
и ноќу сања како се мења устав". Сонот му стана јаве. Џафери и неговите
истомисленици го сменија Уставот. Слушам деновиве му се сонило нешто ново.
Веројатно "сањал" како "се мења карта на Балкан". Дали и овојпат сонот на
Џафери ќе му стане јаве?