Малолетнички војни!
Во државава секојдневно се случуваат убиства. Трагично е и тоа што по
примерот на возрасните тргнаа и малолетниците. Малолетникот Марио
Георгиевски животот го загуби пред кафе-барот Лондон, во центарот на
главниот град, откако во групна тепачка негов врсник му зарил нож во градите,
а покрај загинатиот во инцидентот тешко беа поврдени уште тројца негови
пријатели, од кои едниот има тешка рана во слабината.
Во скопската населба Нерези во својот дом на улица "Козле", Сашо
Ангеловски со пиштол ја убил Бојана Неделковска од Скопје, со која подолго
време бил во врска, а потоа се самоубил.
Поради инцидентите во кои страдаат и малолетниците, родителите побараа да
се воведе полициски час и закон за малолетниците. Скопската полиција најави
дека ќе ја засили контролата врз работата на угостителските објекти во
централното градско подрачје.
Наместо настава - ќотек
Двајца Македонци, ученици од Жилче, во понеделникот биле нападнати и
истепани во училиштето во Шемшево од поголема група деца - Албанци, откако
родителите од Жилче и од Ратае решија да ги вратат децата на настава во
матичното училиште. По овој инцидент тие рекоа дека нивните деца веќе нема
да доаѓаат на настава во тоа село, по што учениците- Македонци од вторникот
повторно учат во Сиричино.
Ахмети ќе патува за САД
Али Ахмети, терористичкиот лидер на ДУИ, ќе патува за САД каде што ќе
учествува во расправата на тема "Перспективите на Македонија" што ја
организира американскиот Институт за мир. Ахмети, по избивањето на војната
во Македонија, се најде на црната листа на американскиот претседател Буш, но
портпаролката на ДУИ, Ермире Мехмети, тврди дека ќе нема проблеми со визата
за САД. Се шпекулира дека американскиот амбасадор во нашата земја, Лоренс
Батлер, веќе му ветил виза на Ахмети. Батлер, пишува "Дневник", и претходно
ја најави можноста за симнување на Ахмети од листата поради неговата "
конструктивна улога во постконфликтниот период".
Средба Црвенковски - Ахмети
Првата официјална средба на премиерот Бранко Црвенковски и лидерот на ДУИ,
Али Ахмети, предизвика различни реакции во владините и опозициските партиски
кругови, кои се движат од оцената дека средбата не е ништо спектакуларно и е
дел од одличното функционирање на власта, па се до острите реакции на
опозицијата, според кои, тоа е средба на неморалот и на македонската
капитулација.
Коалициско пазарење
СДСМ и ДУИ, како што пишува "Дневник", постигнале начелна согласност
законот за пасош и употребата на албанскиот јазик во Собранието да се
донесат во пакет, а наскоро може да се очекува да ги обелоденат и
конкретните решенија. Договорот, како што се дознава неофицијално, кој
предвидува ДУИ да се откаже од барањата албанскиот јазик да биде на
насловната страница на пасошот, а социјалдемократите и нивните коалициски
партнери да поддржат решение со кое пратениците Албанци ќе можат да
зборуваат на својот јазик и во својство на претседавачи на комисии, бил
поддржан и од меѓународните олеснувачи.
НАТО: ќе нема пролетна офанзива
НАТО нема сигнали дека може да има некаква пролетна офанзива во
Македонија, а ЕУ ќе ја разгледа можноста финансиски да го помогне
имплементирањето на Рамковниот договор, евросилите ќе го засилат
партнерскиот однос меѓу Брисел и Скопје - тоа се најважните пораки што
министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, ги доби од своите
соговорници за време на разговорите во белгискиот главен град.
САД неутрални за потеклото на Македонците
САД нема да заземат позиција по прашањето за потеклото на етничките
Македонци, кое се проблематизира со резолуциите усвоени од неколку сојузни
американски држави, со кои етничките Македонци ги прекрстија во Грци, а
целата историја и култура на античките Македонци и на тие што денеска живеат
на просторот на Егејска Македонија ја сметаат за хеленистичка. Прашањето е
предмет на дебата на историчарите. Тоа што е јасно е дека со Уставот за
надворешната политика на САД е надлежна федералната Влада, се вели во
писменото соопштение на Стејт Департментот испратено до "Дневник".
Генерален штрајк во НИП-от
Точно по 58 години и 4 месеци "Нова Македонија" деновиве не излезе од
печат. И другите дневни изданија на НИП-от, "Вечер", "Бирлик" и "Фљака", не
излегоа во продажба. Новинарите и сите преостанати вработени во најголемата
новинско-издавачка куќа во Македонија започнаа генерален штрајк.
Претставници на Штрајкувачкиот одбор, наместо од премиерот Црвенковски, како
што бараа, беа примени од министерот за економија Филиповски.
Според портпаролот Сашо Чолаковски, Владата е немоќна пред правната
држава. Тој изјави дека не може ништо да се направи се додека не заврши
судската процедура.
|