КОМЕНТАР

Сито и Решето

СЛАВОМАКЕДОНЕЦОТ!

Од Редакцијата

Е, Борче, Борче.... сега што го претера, ептен го претера (им се извинуваме на читателите за ваквото обраќање со "ти", но не можеме кон една ваква личност до го употребиме она учтивото "Вие"! Значи, станува збор за наш "намерен" лапсус!). Знаеш ли што направи? Сопствениот македонски народ го стави во гроб. На Грците им даде нов аргумент да кажат, да трубат насекаде, дека ете цело време биле во право. Та нели ви велевме не се Македонци, самите се нарекуваат Словени. Што бараат да се викаат Македонци?

Славомакедонецу, ич не чини ујдурмава со официјалната веб-страница на Претседателот на Република Македонија. Но, немој сега на брзина да ти текне да ја поправаш работава, а притоа да направиш поголема белја од претходнава. Немој случајно да ти текне да не нарекуваш Бугарословени, или Србословени, или.... не дај Боже да измислиш дека сме некое ново пастирско племе. Џабе ти се толку советници во твојот кабинетски пашалак, кога никој не знае како се вика или се нарекува неговиот народ. Да не заборавиш - македонски народ.

Што ја утна работава, ја утна. Но, како да се закрпи? Не може преку портпаролот да се демантира или поради нестручноста на приредувачот на официјалната државничка веб-страница, да се заташка и прикрие целата смислена провокација. Таква страница не се прави без одобрување или наредба на Претседателот. Впрочем, по ова мислиш ли на оставка!? Или си тврдоглав. Пред твоите "историски факти" и боговите паѓаат на теме!

МАНДАТОТ?!

Во Македонија и надвор има многу примери што сакаат да не прекрстат, да не зграпчат и да го уништат македонскиот народ. Но, од тебе како Претседател не смеат да излегуваат вакви работи. Меѓутоа, каков си таков си, за жал, мораме да те трпиме. Сите знаат како го доби мандатот. Но, за него е доцна. Што да правиме со лажното претставување на македонскиот народ кој е наменет за интернет-корисниците. Со својата констатација на официјалната веб-страница на Претседателот на Република Македонија дека ние сме "македонски Словени", ја оплеска битката за спорот со Грците. Но, чуму и кому требаше ваква работа? Нам сигурно не, освен на соседите. Кому си му тогаш претседател? Пардон, се извинуваме за лажната констатација, што ќе рече еден принципиелен политичар: ти си "граѓанинот Кејн".

Оваа страница од историјата е позната, а ја паметат и Македонците од Австралија, земјата на кенгурите. Македонците во Австралија, поточно во Викторија, ги прекрстија во Славомакедонци, па по неколкугодишна битка нашите иселеници, кои себе си се нарекуваат Македонци, успеаја да си ја вратат националната чест. Така треба да се бори и да се докажува за доброто на македонскиот народ, а не постојано да слушаме за твоите лупинзи, "свадби и ручеци" каде понизно до земи ја наведнуваш главата. Само Јапонците ја имаат таа традиција, но тоа го прават од култура и почитување кон лицето коешто им е достоен и рамноправен партнер во односите. Ако нешто можеме од нив да научиме, тогаш тоа е кому и како треба да му се поклонуваме, или наклонуваме. Се друго припаѓа на интелигенцијата на човекот. Затоа, џабе се шеташ по светот кога секаде го употребуваш англискиот, наместо сопствениот македонски јазик.

БЕСЕДИ ДО "ТРИБУНАЛОТ"

Државноста на Република Македонија е неспорна работа. Неа ја оживотвориле македонските херои со чија крв е натопена оваа земја. Но, очигледно ти не знаеш по чија земја газиш, оти државноста ја сведуваш од Самоил, па наваму. За тебе како да не постои македонскиот народ пред доаѓањето на Исус Христос на земјава.

Тоа е голем грев кон Македонците што ни ја оспоруваш многувековната историја. Затоа мораме да констатираме дека цело време ти работиш против националните и државните интереси на македонскиот народ. Твојот вокабулар не памети некои доследности, односно политички принципи. Секогаш се правиш како наивно јагне, а тоа не чини. Ич не чини за нас чесните Македонци што се чувствуваме како наследници на едно богато културно и епско време. Тоа трае со илјадници години, а ќе трае непрекинато и по нас и по тебе. Вакви настојувања за извитоперувања на македонската национална историја има многу, а и натаму ќе ги има, бидејќи многубројни се непријателите на македонскиот народ. Да не си и ти еден од нив!? Како што налагаат аргументите, на душа имаш многу грешки и многу гревови.

Ако беседиме, ќе треба со часови да пишуваме, а тоа ќе прилега на Трибуналот. Но, по сила на законите, ние не сме судии, односно надлежни органи за следење на работата на функционерите на Република Македонија. Ние сме длабински коректив на владеењето.

Досието на Трајковски е големо, мачно и дискутабилно. Во него има многу шуплини. Од струмичките ниви до лондонските магли и дружењата со "X" (не)пријатели на Република Македонија. Проблемот е што сега ги отвори картите.

Затоа, не треба да не чуди што толку често Џафери не нарекува Славомакедонци, иако тоа е навредливо за целокупниот македонски народ. Нам неговиот политички речник ни е познат затоа што знаеме што сака да постигне. Но, "твојата" веб-страница & оди во прилог на тезата за словенизмот или, ако "милуваш", за Славомакедонците. Меѓутоа, тоа нам не ни се допаѓа, а не сакаме тоа да ни се случи, односно некој да не понижува. Затоа, реакциите се големи, а во наплив на страст и барање правда, македонскот народ, односно поединци, можат нешто друго да сторат. Да линчуваат некого... Историјата тоа го памети. Македонците од Велес протераа тројца владици одродници.

Сепак, македонскиот народ докажал дека со илјадници години е цивилизиран народ. За тоа сведочат толку многу културно-историски споменици што не можат да се избројат. Тие се сведоци на времето што не сакаш да го признаеш. На времето на гордите антички Македонци. Затоа, Славомакедонецу, чувај се од Македонците. Тие не ги забораваат грешките, особено кога некој ги прекрстува или сака повторно да ги "крштава".


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"