Се родил во 1497 година во македонското гратче Кратово, од набожните
родители Димитрија и Сара. Во родното место ја завршил т.н. старовремска
школа. Го изучил Светото Писмо и други црковни книги. Го усовршил
златарскиот занает.
Во тоа тешко време за македонскиот народ, Турците ги собирале
христијанските машки деца за јаничари, за турски војници, а возрасните ги
потурчувале. За да не биде забележан од Турците, Св. Ѓорѓи го напуштил
Кратово и заминал во Софија, каде работел на златарскиот занает. Во верата
го упатил свештеникот Пејо. Но, и овде Св. Ѓорѓи бил забележен од Турците
кои сакале да го потурчат. "Нема да се одречам од својата вера која
приведува кон Бога и кон вечното царство" - му одговорил на Улејма
Мустафа-ага, непобедливиот Македонец.
ИСКОНСКИ СВЕТИТЕЛ
Го удирале, го плукале, го мачеле во мрачниот затвор, жеден, гладен. Го
извеле од затворот и повторно го прашале дали ќе се потурчи или не. Ова
прашање е прашање на живот или смрт, и одговорот на него живоносен или
смртоносен. "Нема да се потурчам никогаш и за ништо", одговара храбриот
македонски маченик. Неговиот одговор е одобрен и пофален од Бога. Неговиот
одговор се дигна и стигна пред Христовиот Престол, за да се нарече Св. Ѓорги
- Прославител на Божјиот Син, бранител на Христовата вера, водител и учител
на идните генерации, а неговата татковина Македонија - мајка на маченикот
македонски. Тој остава вечна порака за Македонецот како се брани својата
татковина, како се победуват човечките страдања, како се здобива човечката
храброст и како се добива последната победа на земниот живот со силната
љубов и вера во Божјата вечна правда и својот народ. Со умот, со срцето, со
душата беше близу до Бога и со благодарност кон Него ја прими маченичката
смрт. Победителот на светот, Христос, го учи својот следбеник, да не се
плаши од светот. Во мислите на маченикот му навираат зборовите на Христа: "Во
светот ќе имате маки, само не бојте се, зашто Јас го победив светот".
Силниот Христов војник смирено ја слуша судската пресуда: "Младиот, необично
убав, Ѓорѓи Кратовски, ја губи главата затоа што не сака да ја остави
својата Света Православна вера - верата на своите предци и браќа и затоа што
не сака да се оддели од својот македонски род и од православното име".
Турците го запалиле жив на клада на 11 февруари 1515 година во Софија.
Гореше младото, чесно, невино тело на македонскиот маченик. Гореше срцето на
Македонија. Се засветли лицето на Мајка - Македонија како пламен столб, кој
се возвиши до небото. Се радува Македонија, се радува неговата родна грутка,
се радува на Плодот кој беше во нејзината утроба, израсна и се негуваше и
растеше во неа. Победникот над смртта и над Турците никогаш не умре. Смртта
му ја одвои душата од телото, но не и од Христа, и не од идеалите за
слободна Македонија. Неговата живоносна душа слободно полета во прегратка на
љубениот Животодавец и Создател Христос. Тој го повика со Својот Животворен
глас. Осумнаесетгодишниот Св. Ѓорги остана Вечно Момче на Отецот Небесен.
Телото на маченикот не изгорело. Го закопале во дворот на Црквата "Света
Марина". Св. Црква му оддава почит на 11.02/24.02.
ВЕЧЕН ЖИВОТ
Св. свештеномаченик Харалампиј, светителот со чудотворна моќ, јавно ја
проповедал Христовата наука и му останал верен на Бога до крајот на својот
живот. Бил епископ во градот Магнезија. Во Св. Црква е наречен "Светителот
на земјата кој и небото го осветлува, сослужител на ангелите ...", кој "Ги
победи мачителите, а ја скрши и немоќната смелост на демоните".
Свештеномаченик Харалампиј
Пострадал за време на цар Септимиј Север. Царските војници му ја одрале
кожата, а тој се уште жив им рекол: "Ви благодарам ..., вие го обновивте
мојот дух за нов, вечен живот". Умрел пред да биде посечен со меч на 10.02.
во 202 година. Неговото тело го погребала царската ќерка Галина. Се слави на
10.02/23.02.
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд