СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

МАКЕДОНЦИТЕ ВО БИОГРАФИИТЕ НА СПАРТАНСКИТЕ ВЛАДЕТЕЛИ

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Во биографиите на спартанските кралеви Агесилаус, Агис и Клеомен Трети, Плутарх исто така ги споменува Македонците!
  • И овојпат Плутарх сосема јасно ги издвојува Македонците како одделен народ од Грците!

Досега наведовме две посебни историски дела од древниот грчки историчар Плутарх, напишани во првиот век по Христа во кои се опишани настани поврзани со Македонија и со видни Македонци во древнината. Овие дела се уште не се преведени кај нас. Секако дека негово дело е и биографијата за Александар Македонски, која кај нас е преведена и на чија содржина овде нема да се задржуваме. Одиме понатаму.

Македонија и Македонците се спомнати и во биографијата на спартанскиот крал Агесилаус која Плутарх ја напишал околу 75 година по Христа. И додека во претходните две дела што ги спомнавме, Македонците имаат доминантна улога, во биографијата на Агесилаус тие се спомнати само попатно.

Агесилаус живеел во 5 век пред Христа (умрел во 401 година пред Христа). Плутарх ги опишува најзначајните настани од неговиот живот. Што се однесува до спомнувањето на Македонците, Плутарх ги споменува нашите предци како победители над Персија. Во неговиот запис повторно недвосмислено и бескомпромисно е потенцирано дека Македонците биле одделен народ во однос на Грците. Тој пишува како Грците биле критикувани зошто се бијат поомеѓу себе, наместо да војуваат против Персија. Во контекст на ова Плутарх пишува дека Грците со жалење констатирале дека славата добиена во војната против Персија му ја оставиле на Александар и на Македонците, додека тие (Грците) меѓусебно се расправале едни со други и војувале едни против други. Во врска со ова читаме:

"Грција почна да се развива како барбарска земја... Што може да се каже друго за сите оние изливи на љубомора и заговори на Грците, како и за нивните сопствени злоби, кои направија нивното оружје, што веќе беше свртено против барбарите, да го свртат против самите себе и повторно да ја вратат војната во Грција, иако таа беше надвор од неа? Целосно се согласувам со Демаратус од Коринт, кој рече дека тогашните Грци испуштиле да почувствуваат големо задоволство затоа што не доживеале да го видат Александар седнат на тронот на Дарие. Сигурно дека ќе им се појавеа солзи во очите поради овој настан, откако ќе сфатеа дека таквото задоволство (да се седне на тронот на Дарие, з.м.) тие им го отстапија на Александар и на Македонците, додека тие (Грците, з.м.) ги погубија сите свои големи војсководители во меѓусебните војни на полињата на Леуктра, Коронеја, Коринт и Аркадија".

Навистина ова без сомнение е еден од најсилните бројни древни наративни извори во кои Македонците се јасно издвоени како народ од Грците. Овде гледаме дека Плутарх, под терминот "Грци" ги подразбира: Спартанците, Атињаните, Тебанците, Коринтјаните и други, т.е. сите оние кои помеѓу себе тогаш војувале. Но, тој одделно ги споменува Македонците, иако и тие војувале и со Грците и со Персијанците. Тој овде пишува дека Грците залудно го трошеле своето време во меѓусебните борби на одделните градови - држави, наместо да се свртат сите заедно против Персија. И додека Грците, така го губеле своето време, пари и војска, Македонците успеале да го остварат нивниот сон и да ја поразат Персија. Ете затоа е оваа критика упатена на тогашните Грци, во која Плутарх оставил извонредно сведоштво за засебноста на овие два народа.

Инаку, јасно е дека настаните со персиско-македонската војна се случиле подоцна во однос на времето во кое живеел спартанскиот крал Агесилаус, но во овој дел од неговата биографија е направена дигресија со подоцнежните настани затоа што и Агесилаус војувал против Персија (секако ни оддалеку толку успешно како што тоа го направил Александар Македонски).

Во продолжение Плутарх дава опис на натамошните настани од животот на Агесилаус. Овде повторно е спомната Македонија, со чиј крал Агесилаус направил спогодба за премин на спартанската војска низ македонска територија.

БИОГРАФИЈАТА НА АГИС

Македонците се спомнати и во биографијата на спартанскиот крал Агис (кој живеел во 3 век пред Христа). Ова свое историско дело Плутарх исто така го напишал некаде околу 75 година по Христа.

На крајот од ова дело, Плутарх дава една општа констатација за спартанските (и воопшто за грчките) кралеви, пишувајќи дека ниту еден грчки крал не загинал во битка, со исклучок на Клеомбротус. Овде повторно Плутарх недвосмислено ги одделува Македонците од Грците, можеби уште појасно од кога и да е во своите дела. Но, пред да видиме за што станува збор, да го пренесеме најпрво овој извадок од делото на Плутарх.

"Видовме дека во многуте битки водени помеѓу Лакадемонците (Спартанците, з.м.) и преостанатите Грци, се до времето на Филип Македонски, ниту еден крал не бил убиен, со исклучок на Клеомбротус, кој почина откако беше ранет од копје во битката кај Леуктра."

Зошто сметам дека ова можеби е најсилната артикулација од Плутарх во која тој јасно тврди дека Македонците и Грците биле два одделни народа? Едноставно, тој овде пишува дека се до времето на Филип Македонски, т.е. до времето кога грчките градови држави биле потчинети од Македонија (поради што престанале да војуваат помеѓу себе), ниту еден грчки крал (освен Клеомбротус) немал загинато за време на некоја битка. Доколку Македонците биле "Грци", тогаш оваа констатација треба да се однесува и за нив. Но, тоа воопшто не е така. Имено, се знае дека во битка загинал македонскиот крал Пердика Трети (кој владеел од 365 до 359 година пред Христа, т.е. пред времето на Филип Македонски). Овој македонски крал загинал токму во битка и тоа против дарданскиот водач Бардил. Значи, доколку Макеоднците биле "Грци", Плутарх ќе го спомнел и Пердика Трети како "грчки крал", кој загинал во битка. Но, тој тоа не го сторил. Тој пишува дека единствен грчки крал кој загинал во битка (пред потчинувањето на грчките градови - држави од страна на Филип Втори Македонски) бил само кралот Клеомбротус. Навистина ова е голем доказ дека древните грчки историчари, кои впрочем живееле во соседство на Македонците, воопшто не ги сметале Македоцните како свои сонародници. Не знам само зошто нашата историска наука се уште ги нема објавено кај нас овие податоци. Овие податоци не само што треба под итно да се објават кај нас, туку треба и што повеќе да се експлоатираат и потенцираат пред светската јавност.

БИОГРАФИЈАТА НА КЛЕОМЕН

Плутарх оставил вредни податоци и за животот на спартанскиот крал Клеомен (Cleomenes), кој живеел во третиот век пред Христа. И ова дело се смета дека Плутарх го напишал околу 75 година пред Христа.

Во биографијата за Клеомен исто така значаен дел е отстапен на Македонија и на Македонците. Впрочем, неговата судбина била поврзана со Македонците. Но, за да бидат појасни цитатите што ќе следуваат од оваа биографија, најнапред ќе приложиме кратко објаснување на тогашните историски настани во Спарта и во јужниот Балкан, воопшто.

Најнапред ќе ја спомнеме Ахајската лига. Тоа било сојуз (еден вид конфедерација) помеѓу 10 или 12 градови држави на територијата на денешна Грција, конкретно на Пелопонез. Во врска со настанокот и дејствувањето на оваа лига, во општата ЦД енциклопедија "Microsoft Encarta" (САД, 1998, наслов "Achaean League"), читаме:

"Ахајската лига била конфедерација од 10 или 12 градови во античка Грција. Таа била основана од древните Ахајци, кои биле народ што зборува грчки и кои живееле на северниот брег на Пелопонез, полуостров на јужниот дел од Грција. Оригиналната лига имала мал удел во војните од 5 век пред Христа, а кон крајот на 4 век пред Христа, таа била освоена од Македонците."

И овде гледаме дека во познатата американска енциклопедија Македонците повторно се спомнати како засебен народ, кој ја освоил грчката Ахајска лига.

По смртта на Александар Македонски, познато е дека во Македонија настанале низа потреси и континуирани борби за власт. Во такви услови, приближно педесет години по смртта на Александар Македонски, Ахајската лига, користејќи ја нестабилната состојба во својот окупатор Македонија, повторно била обновена. Кон неа сега биле придодадени и Сикион, Коринт, Мегалополис и Аргос на Пелопонез. Обновената Ахајска лига сега била федерација. Секој нејзин член имал своја автономија, но сите заедно имале свои претставници во заедничкиот Совет.

Спартанскиот крал Клеомен (Трети), за кого овде пишуваме, во 235 година пред Христа предизвикал војна со членките на Ахајската лига. Поради неговата воена надмоќ, Ахајската лига побарала помош од Македонија. Во битката кај Селасија, што се одиграла во 222 година пред Христа, Клеомен Трети бил поразен, но Ахајската лига повторно била потчинета под Македонија. Подоцна Ахајците повторно посакале да се одвојат од патронството на Македонија. Во споменатава енциклопедија Енкарта, во врска со ова читаме:

"Во 235 година пред Христа, Клеомен трети, кралот на Спарта предизвикал војна со лигата... По два сериозни порази Ахајците побарале и добиле помош од Македонија. Клеомен Трети конечно бил поразен кај Селасија во 222 година пред Христа. Како цена за помошта од претходниот непријател, Ахаја повторно била потчинета од Македонија. Во 198 година пред Христа Ахајците станале сојузници со Римјаните против Македонците".

Но, ниту Римјаните не и помогнале на Ахајската лига без сопствен интерес. Откако ја потчиниле Македонија, Римјаните ја потчиниле и Ахајската лига, престорувајќи ги нејзините територии во своја провинција.

Овие историски податоци треба да се имаат предвид за да се сфатат описите на Плутарх во врска со спомнувањето на Македонците во неговата биографија за спартанскиот крал Клеомен Трети, на кои ќе се навратиме во следното продолжение.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"