јануари 1933 година. Христо излегува од
Народното собрание порано без да се јави на некој од своите другари, поради
што со него не се наоѓаат определените чувари... Снежна вијулица беснее по
улиците. Часот е 18. Христо Трајков веќе се приближува кон улицата 'Искар'.
Притоа, забележува дека по него брзаат три непознати лица... Му доаѓа
сомнителна мисла дека го следат и тој ги успорува чекорите. Додека да стигне
до аголот на двете улици, едниот од нив го претекнува и му го попречува
патот. Христо брзо го вади револверот, но другите двајца му скокаат на грбот.
Започнува кратка борба, а потоа се слушна глув истрел.
-Убијци! - одвај чујно извикува Христо, но гласот му се губи во
злокобниот екот на новата стрелба. Од шесте смртоносни рани блика крв...
Христо Трајков паѓа како покосен. Убијците бегаат на различни страни,
необеспокојувани од никого...".
ЦВРСТО РЕШЕНИ...
... по секоја цена да го неутрализираат бескомпромисниот национален
македонски деец Христо Трајков, задолжените за реализацијата на изречената
пресуда од ВМРО постојано ја проследуваат жртвата. Долго време обиколуваат
околу неговата куќа, го следат по кои улици се движи и каде оди. Настаните
што му претходеа на убиството и самиот чин на смртта ги опишува биографот
Христо Стојков.
На изборите за 23-то Народно собрание, одржани на 21 јуни 1931 година,
Христо Трајков беше избран за народен пратеник, од листата на Работничката
партија. Како претставник на народот, Христо постојано е во врска не само со
македонските емигранти во Софија, туку и повеќе градови и села во
провинцијата. Критикувајќи и демаскирајќи го Македонскиот комитет и неговата
поврзаност со михајловистичката ВМРО, Христо Трајков трајно ја навлекува
омразата на македонските врховисти и родоотстапници. На први април 1932
година три сомнителни лица му предаваат ултимативно писмо со кое се бара да
се откаже од својата активност сред македонската емиграција, во спротивно ќе
биде извршена издадената смртна пресуда.
Останувајќи доследен на својата определба за решителна борба со се што е
конзервативно и антимакедонско, Христо Трајков веќе на наредното заседание
на Собранието излегува со една опширна декларација, насловена како "Одговор
на убијците на ВМРО".
"... Со злосторна цел да ја заплашат емиграцијата и да го испровоцираат
населението во Петричко, тие стари проститутки на бугарската Влада и
дворецот започнаа со заплашување, усмени и писмени предупредувања, ѕверски
тепања, убиства, се во името на 'слободна и независна Македонија' ... Со
јавната намера на сила да ме натераат да се откажам да работам за Македонија
и да развивам дејност како приврзаник на Гоце, 'пријателите' немајќи друго
оружје за борба со приврзаниците на идеите на Гоце, се зафаќаат со
предупредување и заплашување... Денес
за секој чесен Македонец е јасно дека
ослободувањето и обединувањето на трите распарчени дела на нашата татковина
- Македонија, ќе дојде не по пат на индивидуални терористички акции, туку по
пат на масовна револуцонерна борба на македонскиот поробен народ... Што се
однесува до мене изјавувам дека сум подготвен секој момент да ја задоволам
вашата жед за македонска крв и да си ја дадам главата за слободата и
независноста на Македонија. Кому му е потребно тоа, нека заповеда, но нека
се знае дека ќе се борам до последниот здив! Народен пратеник, Христо
Трајков - Македонец, роден во Кукуш".
Покрај јавното читање на Декларацијата во Собранието, истата Христо
Трајков ја испраќа и до сите весници во Софија, но нејзината содржина е
објавена само во прогресивните бугарски весници. Со ова фактички е
запечатена судбината на Христо Трајков. Меѓутоа, тој сознавајќи ја големата
улога на печатот соработува со повеќе прогресивни и антиимперијалистички
весници. Во текот на една година, народниот пратеник Христо Трајков, со
ретко мајсторство во најсоодветен момент ги апострофира заплашувањата,
клеветите и демагогијата на силните на денот. Тоа ќе има за последица многу
пати под изговор за воведување ред, да му биде одземано пратеничкото право
на говор во Собранието.
Лажно обвинет од полицијата, по сила на Законот за заштита на државата, е
затворен во централниот затвор, во летото 1932 година. Меѓутоа, на судскиот
процес, и покрај барањето да биде осуден на три години робија, поради немање
докази е ослободен.
Револтиран од се позачестените убиства сред македонската емиграција од
страна на атентаторите на ВМРО на Ванчо Михајлов, Христо заедно со уште
тројца Македонци пратеници, на 2 ноември 1932 година испраќаат писмо до
министерот за внатрешни работи во кое се вели:
"Господине министре, македонските 'братоубиства' не се веќе обични
братоубиства, туку се масовни убивања на македонската емиграција во Бугарија
и на населението во Петричко.
Нема да биде пресилно ако кажеме дека Бугарија за македонскиот народ
стана гробница... Во Бугарија нема улица, ниту град што не се испрскани со
македонската крв... Со убиства, грабнувања и незнаен терор над емиграцијата
и населението во Петричко се исцрпува активноста на ВМРО (Врховистите)...".
Со ова писмо ја изрекува и својата пресуда.
ЖИВОТНИОТ ПАТ...
... на Христо Трајков започнува во 1897 година, во Кукуш, градот на Гоце
Делчев. Детството го минува во родниот град. Се запишува во месното училиште,
но поради недостаток на материјални средства не го завршува образованието.
Израснат во кукушката прогресивна средина, тој често слуша за
револуционерната активност на апостолот на македонската национална
револуција Гоце Делчев и кај него се разгорува бунтовниот дух и силна желба
за борба против османлиските поробувачи. Иако со неоформено образование чита
револуционерна литература, а истовремено работи и како помошник во еден
чевларски дуќан.
Во 1912 и 1913 година во воениот виор на Балканските војни, 15 годишнот
Христо принуден од ѕверскиот однос на грчките заграбувачи на приморскиот дел
на Македонија кој од македонскиот град Кукуш не оставија камен на камен, да
го напушти родното огниште со дел до семејството и да емигрира во Бугарија.
Прва дестинација на Христо Трајков за одредено време станува градот
Пловдив. Во новата средина, на бугарска земја, за да го прехрани семејството
работи во тутунските складишта во градот. Потоа повторно се враќа на
чевларскиот занает и по извесно време отвора сопствена работилница во една
поширока барака во Софија. Тоа е времето по завршувањето на Првата Светска
војна и по повторната поделба на Македонија.
Во престолнината на Бугарија се зближува со многубројната македонска
емиграција и тука неговата енергична и смела природа целосно доаѓа до израз.
Тука осознава дека најголем непријател на национално-ослободителната борба
на македонскиот народ е бугарскиот империјализам и неговите македонски слуги
претставени во Александар Протуѓеров.
Во ова време (1924 - 1925 година) се венчава со неговата животна
сопатничка Лујза, а исто така станува и член на ВМРО (Обединета) во Бугарија.
Во согласност со ставот на Коминтерната и на Балканската комунистичка
федерација, Комунистичката партија на Бугарија како и сличните партии во
Југославија и Грција, беше должна да му даде поддршка на македонското
национално-ослободително движење предводено од ВМРО (Обединета), а
истовремено членовите на организацијата стануваа и членови на партијата. Во
текот на 1926/27 година Христо станува член на туристичката секција на
квартот Расадник. Зема учество и при формирањето на спортскиот клуб "Гоце
Делчев". Тој е еден од вдахновителите на новоотвореното народно читалиште во
квартот, кое подоцна го добива името на неговиот претходник и сограѓанин
Гоце Делчев. Читалиштето станува културен центар во Расадник. Покрај тоа,
Христо е посебно активен во кукушкото братство кое го претвора во тврдина на
прогресивните сили на македонското ослободително движење.
Неговото учество во организациониот живот на ВМРО (Обединета) и по линија
на Бугарската комунистичка партија посебно доаѓа до израз во годините од
1928 до 1930. Значаен е неговиот придонес и во организирањето на нелегална
партиска печатница во 1931 година.