Злоделата на Љубе Бошковски!
(Отворено писмо до Љубе Бошковски по повод Фестивалот "Гоце фест")
"Раните се тешки, предавството боли, не дај Боже да се повтори".
Да, господине Бошковски. Не што се тешки раните, туку се претешки.
Прашајте ги мајките на загинатите што значи тешка болка и рана во душата,
тие знаат и можат да го кажат тоа. Вие, господине Бошковски ги завиткавте во
црнина и раселените што останаа без нивните куќи и покуќнини. Тоа е болка.
Сето тоа, господине Бошковски, е со ваш благослов. Прашајте ги господине
Бошковски, слободно прашајте ги, а не како досега што се дистанциравте од
нив и им нанесувавте дополнителни болки. Вие, господине Бошковски, и уште
неколку ваши, оболени од вашата болест пара-манија, им ги растуривте и
фамилиите. Откако видовте дека не можете да манипулирате со поголем дел од
родителите на загинатите, Вие формиравте Здружение на бранители со ваши
партиски војници. Неколку од нив задоволувате, а со другите само
манипулирате, за да Ви служат за разни штрајкови без основа, со цел само да
ја прикриете Вашата одговорност. Можеби мислите дека во тоа успеавте. Не,
господине, прочитани сте од секој свесен човек во оваа држава.
Ве прашувам, господине Бошковски, за чија "игра нечиста" пеете? Па нели
знаете дека сите знаеме оти пеете за својата игра нечиста.
Зарем мислите оти овој македонски народ не знае дека скоро сите што
загинаа, загинаа од вашата игра нечиста. Со што господине Бошковски ќе
докажете дека Вашата игра беше токму таа нечистата што сега ја пеете? Дали
со тоа што не пуштивте ниту една кривична пријава во врска со загинатите на
Карпалак, Љуботенски Бачила, Вејце, Требош, на Брест, во Арачиново итн. Вие,
господине Бошковски, наместо истраги, ги наградувате и унапредувате
помагачите на овие злосторства. Да, господине Бошковски, тоа е факт од кој
треба да се засрамите, а не да пеете! Вие сте тој што сторивте толку лоши
работи за оваа земја и за овој народ што немате право да пеете за нив.
Засрамете се и место да пеете, побарајте прошка од мајките на загинатите (ако
воопшто Ви дадат) за да не патат вашите потомци од божјата казна. Ако имате
барем малку чувство и човечност во себе, би Ви препорачале да ја наведнете
главата до земја и јавно да си ги признаете Вашите гревови и злодела и сам
да се пријавите во Хаг.
Лилјана Бошковска, Скопје
Муратовски премногу ги "замаглува" работите!
Удирањето во гради на Муратовски е со цел што повеќе да ја задржи
фотелјата која пред извесно време ја извојува.
Многумина од постарите добро се сеќаваат на минатото, кога повеќе од
педесет години со ништо не беше заштитен работникот во Синдикатот.
Ако истиот Синдикат беше повеќе загрижен за работникот и ако знаеше да го
цени и заштити неговиот труд, вакво дереџе немаше да го снајде. Која е
замислата на Муратовски и со што планира да ги заштити работниците кои
придонесуваат за опстанокот на самиот Синидикат?
И при самата пригода, кога го потпишуваат договорот со Бранко Црвенковски,
Муратовски лично подвлече дека многумина ќе речат: "Од штрајк на улица, сега
помирување и потпишување на некаков си договор!".
Не е решение само луѓето да ги изнесеш на улица, туку на паметен и мирен
начин да им се помогне истите да не бидат исфрлени на "зеленило", или да
бидат под Бирото за вработување или со една никаква и мизерна плата.
Денес, како што се луѓето огорчени и напуштени без никаква помош, самите
се "наелектризирани" што и при малечка искра, истите ќе пламнат.
Ќе се послужам со народната: "Ќе удирам по самарот, за да се сети
магарето!". На иста свирка свиреше и Толевски и "одлежа" десетина години во
фотелја, без да го заболи глава за немаштија или имаштија.
А, со какви "убави" зборови треба јас да се заблагодарам на мојот
Синдикат во работната организација каде што повеќе од триесет и пет години
сум работел, а не сум добил ништо. Знам само тоа дека секој месец се одлеваа
пари за Синдикатот. А, тој ист Синдикат во сите работни организации со него
бил и сега е, под директива на генералниот директор, што самиот раскрстува и
раководи со него.
Така, многумина претседатели што биле под негова "капа" во Синдикатот, се
офајдиле од него и добиле социјални станови и поголеми примања. Малкумина
што не играа на "свирката" од директорот, засекогаш завршија на буниште! А,
каков Синдикат имаат западните земји, многумина знаеме и тој истиот за
работникот секогаш се грижи и сите негови права му се заштитени.
И за крај, која е формулата на Муратовски, што толку упорно се удира во
гради и се промовира како "ослободител", или како бранител на работниците,
само тој си знае! Најверојатно и тој ќе тргне по стапките на Толевски, за на
крај да заврши со една убава и дебела "заслужена" пензија.
Димитар Илиевски
Владата ги обесправи Македонците во Австралија
(Отворено до: Борис Трајковски, претседател на Република Македонија,
Бранко Црвенковски, премиер на Република Македонија, Илинка Митрева,
министер за надоворешни работи на Република Македонија)
Почитувани господа,
Македонска алијанса од Мелбурн, Австралија, го укорува новиот визен режим
на Владата на Република Македонија кој почна да се применува од 15 јануари
за австралиските државјани кои патуваат во и низ Македонија. Спротивно на
многубројните досегашни најави, во Австралија се уште не е отворена
македонска Амбасада која би се грижела за патните и другите потреби на
австралиските државјани со македонско потекло, како и другите австралиски
државјани кој би сакале да ја посетат Република Македонија.
Македонска алијанса од Мелбурн, Австралија, бара од Владата на Република
Македонија да ја преиспита и да ја повлече оваа одлука се додека не се
создадат услови за издавање на визи на територијата на Австралија.
Македонска алијанса ве уверува дека последиците на овој визен режим ќе
бидат погубни за туризмот и економијата на Република Македонија, како и за
странските и потенцијалните странски инвестиции во државата.
Македонска алијанса од Мелбурн, Австралија, е загрижена за зачувувањето
на културата, јазикот и религијата која многу Македонци родени во Австралија
нема да можат да ја почуствуваат во родната грутка на нивните предци поради
проблемите создадени со промената на визниот режим.
Ја повикуваме Владата на Република Македонија да ја преиспита одлуката за
воведување визи на австралиските државјани. Одлуката е многу сериозна и
штетна, бидејќи им ги затвора вратите на многу Македонци кои би сакале да ја
посетат татковината.
Зоран Миленковски, координатор, Македонска алијанса, Мелбурн, Австралија
|