ФОРУМ

КСАНТИКА - ПРАЗНИК НА ПРОЛЕТТА

Паскал Камбуровски, автор на книгата "Гробот на Александар Македонски"

(Основањето на Здружението за негување на древните обичаи и традиции "Ксантика ", како и првиот пролетен месец - март, како повод)

Ксантика е една од најсветлите обележја на старомакедонските народни обичаи, која со својата волшебна моќ ги обединувала душите на Македонците во заедничките стремежи за опстанок и подобар живот.

Ксантика Македонците ја празнувале како празник на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината. Но, за жал, во сегашно време не се знае скоро ништо за овој духовен празник, кој во старо време беше синоним за македонскиот идентитет. Се чини дека Ксантика е оставена на заборавот на времето, да изгасне со природна смрт. Може и затоа што таа е чист македонски феномен, никој од нашите соседи не се осмелил да ја присвои и прикаже како дел од своето културно наследство.

Првите податоци за Ксантика потекнуваат од VI век пред Христа и нив ни ги пренесува старогрчкиот писател Хесихиос, од кои дознаваме дека Ксантика ја празнувале луѓето кои живееле на север од Олимп и дека при празнувањето доаѓало до излив на силни емотивни чувства, тешко разбирливи за елинскиот свет. Многу подоцна, во I век од новата ера дознаваме за Ксантика од античките писатели: Диодор, Јустин и Куртиј Руф.

Тие во своите дела посветени на походите и подвизите на Александар III Македонски, ја споменуваат Ксантика како празник на пролетта, во кој македонските војници ја манифестирале длабоката почит кон обичаите на своите предци. Од нив дознаваме дека Ксантика се славела секоја година, со спонтани манифестации, културни приредби и спортски игри, без разлика што престојувале меѓу други со различни култури. Празнувањето на Ксантика преставувало голема атракција за тамошните жители. Македонските војници ја славеле Ксантика облечени во свечена македонска облека, пееле и играле македонски песни и ора со што ја истакнувале својата посебност во однос на војниците припадници на други народи, а посебно од војниците на елинските државички-градови.

Современите истражувачи на македонската историја, американскиот професор Јуџин Борза и британскиот научник Николас Хејмонд, ја споменуваат Ксантика како посебен празник на кој Македонците им оддавале особена чест и на починатите македонски цареви. Тоа го правеле во завршните свечености на празникот, кога во свечената поворка во македонската престолнина Пела се изнесувале златната дијадема, воената опрема, оружјето, царскиот дневник и други воени трофеи на секој починат цар во посебни возила.

Вреди да се нагласи дека и Александар III Македонски својот историски подход, го започнал во пролетниот празник - Ксантика.

Што значи "Ксантика" и зошто Македонците го празнувале овој празник спонтано со невиден занес, гордост и љубов?

Неуморниот истражувач на изворната македонска митологија, проф. Ташко Белчев, во своето дело: "Орфеј - Горпеј", ја оживува легендата за Божицата на цвеќињата Ксантија и богот Македон, синот на семоќниот Бог на Пантеонот Ѕевс (Диј).

Според преданијата, Ксантија била Божица на сите цвеќиња што цветаат во градините, полињата и горите. Во неа бил вљубен до последниот здив Богот Македон. Но, откако злите сили на некои од боговите на Пантеонот ја замениле Ксантија во цвеќе, кутриот бог Македон, секоја пролет ја барал својата прва и незаборавна љубов низ сите ливади и полиња, кај сите бистри потоци и реки, кај сите цветни градини во својата омилена земја - Македонија.

Во чест на оваа необична и несреќна љубов на Богот Македон и на Божицата на цвеќињата Ксантија, Македонците првиот пролетен месец го нарекоа Ксант, а пролетниот празник Ксантика.

Празникот на пролетта Ксантика е многу битен за сфаќањето на светогледот на Македонците, за нивното обединување и формирањето на нивната држава од страна на легендарните аргеадски цареви со потекло од Орештија (Орестија).

Ксантика е празник во кој Македонците верувале дека се случува "измивање на душите", простување на гревовите, доминација на разбудената пролетна светлина врз зимската темнина, што ги притиска нивните души. Симбол на празникот беше црвено-белата врвка исплетена од бел и црвен конец. Од тука, нешто што е и до денес зачувано и кај нас, тоа е онаа "мартинка", онаа просто волшебна црвено-бела плетенка која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе за време на празникот. Белата боја во таа плетенка најверојатно потекнува како симбол на белиот делфин кој се сметал за божји дар и кој живеел само во Егејско Море, па и оттука и називот" Беломорска Македонија".

Белата боја се сметала за симбол на чистота и искреност, а црвената боја за симбол на светлоста и љубовта.

Ксантика беше длабоко впиена во душите на Македонците со вчудоневидена сила. Славањето на Ксантика беше проследено со невиден ентузијазам и занес. Црвено-белите симболи се ставаа на вратите и прозорците и оградите. Жените и девојките од нив правеа ѓердани, си ги украсуваа косите. Мажите ги врзуваа на ремените или на појасите. Децата ги носеа како белегзии на рацете. На коњите и на јагнињата им се правеа буфки од црвено-бело предено.

Црвено-белите симболи се ставаа и на оралата, на јаремите, ги обелжуваа со нив кравите и овците, се ставаа на крблата за молзење млеко.

Жените ја истакнуваа облеката, исткаена и извезена во зимскиот период, збогатена со изворна инспирација, монументална хармонија и раскошен колорит.

Најзабележителни беа долгите и широки фустани за на оро, наречени ајти, како и кошулите, прегачите и муфеските со разновидни украси, прекрасен вез, збогатен со живописен колорит, што претставуваше вистински израз на творечката надареност.

Главни обележја на машката облека беа: шеритот (појас), што се сметаше за симбол на машкоста, хламидата (наметка) и богато извезената и накитена кошула. Мажите на главата носеа бели ленти или каусии (капи со широк круг).

Вистинска убавина претставуваа нивните мелодични песни и развиорените ора, особено карпеа (карпестото) и телесија (телесното).

Низ сите населени места, низ сите долини и планини ечеа со застрашувачка моќ волшебните звуци на тапаните, гајдите, грнетите, буриите, зурлите и кавалите.

Ксантиката се славаше цел месец, со зачудувачки ентузијазам и вознес кон боговите и вечното Сонце - симболот на животот.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"