|
КУЛТУРА
Уште едно издание на "Лицеум" од Скопје
СКРШЕНОТО КОПЈЕ НА ПСЕВДОНИМОТ
Пишува: Ангелина МАРКУС
- Да ја согледаме реалноста како избор меѓу живеење и умирање. Ни се
проектира Хамлетовата дилема "Да се биде или не...". Македонија ја снајде
поголемо зло од Данска.
- Шекспир кажува се и потсетува на се што било и што треба да биде.
Навраќањето кон неговите текстови ја дава нашата разврска, на нашето
минато и нашата иднина
.
М и се падна чест и оваа петта
книга на Тихомир Стојановски, од едицијата "Лицеум" да ја промовирам.
Претходно беа книгите "Друм за Македонија", "Времето на скрбизмот", "Силата
на сценската гласност" и "Драми - Деноносии". Така, можам да го гледам
растот и моќта на раскажувањето на еден вљубеник во Александар и во
Аристотел, во театарот, во ритамот на зборот и во стапката на македонското
оро и нивната сличност со древните песни во чест на македонските богови и
македонските кралеви.
Овој пат во оваа книга кај овој автор со толкава асоцијативна дарба се
среќаваме со неговото сопствено надминување да го допре В. Шекспир со
корените на театарот и современието на Македонија.
МИСТИЧНОСТ И ЕНИГМА
Дали е Шекспир псевдоним, дали е компилација од древно-драмски збиднувања,
дали се крие некое друго име зад тоа лице? Се кршеле многу копја по тоа
прашање. Копјето што го искрши Тихомир со оваа книга извира со многу битни
согледувања за осовременувањето на Шекспир.
Има нешто гнило во државата Данска. Тоа смрдено дувло, таа Данска како
Македонија денеска. Данска за Шекспир е затвор на душата каде што нема
разлика помеѓу животот и смртта. Данска е послана со трупови на кралеви и
војски. Во драмите "Хамлет", "Ричард III",
"Магбет" и во сите други 36 драми од крајот на 16 век Шекспир го создавал
англискиот јазик и ја претставувал Англија со драми што повеќе од 400 години
ништо не изгубиле од својата актуелност. Како секој народ да ја доживува
данската драма како затвор низ цел свет. И Јан Кот ќе рече дека Полска
наликува на Данска. Такви корелации нашиот автор изобилно користи и ќе рече
дека Македонија го допре смрдливото дувло на Данска. Се пука, се убива,
горат македонските куќи, се постила земјата со невини жртви, ни се брише
Уставот и народот, не ограничува и ни се наметнува туѓа сила. Нагрнале
Хамлети, Ричарди, Магбети со крвави мечеви, талкаат низ Македонија, сејат
драми. Зарем треба да чекориме како во Шекспиров театар? Да ја согледаме
реалноста како избор меѓу живеење и умирање. Ни се проектира Хамлетовата
дилема "Да се биде или не...". Македонија ја снајде поголемо зло од Данска.
ЕМОТИВНА АНАЛИЗА
Драмите легнале во душата на луѓето. Се чека само кој ќе го надмине
Шекспир во нивното опишување.
Кршењето на копјата со емотивна анализа во оваа книга Тихомир ја прави
како состојба на болка, неправда, загуба. Тој и како глумец има искуство со
монолозите од Шекспировите драми. Тоа му дава и поголема вредност, како на
пример, во улогата на Хамлет да се искажат сите несреќи што го притискаат
човекот, да се изговара монологот, а да се опфатат сите дилеми што ги
зафаќаат сите луѓе, а не само во Данска.
Нели инспирацијата е тоа "гнило дувло"? Нели Данска е затвор како и цел
свет!? Од Шекспир, од Македонија, од Аристотел и Александар за подобро да ја
разбере Данска. Така сега треба да се тргне - од Шекспир за подобро да се
разбере Македонија, како што тоа го прави оваа книга. Тоа не го потврдува
временското и просторното поистоветување на реален и уметнички план. Хамлет
е дилема. Цела Македонија живее во дилеми. Ричард го јавнал апокалиптичниот
коњ и бодиња преку поле од трупови. Го менува кралството за коњ. Ја менуваат
нашата земја за ништо и за бордели.
Магбет зборува со сенките на смртта на оние што ги убил. Излудува. Ќе има
ли казна за македонските џелати? Колку цркви, манастири и свети места
осквернавија? Треба да се осветат. Ги слушам наречниците и Патија од Делфи,
Додона, Дион. Праќаат Ангели и Светци да ја спасат Македонија. На сон на
Апостол Павле му се јави Македонецот и му кажа како да ја просветли
Македонија за вечност.
Шекспир кажува се и потсетува на се што било и што треба да биде.
Навраќањето на неговите текстови ја дава нашата разврска, на нашето минато и
на нашата иднина. Размислувањата и ваквите книги се добредојдени. Очекуваме
да прочитаме една нова драма во стихови од Тихомир Стојановски како што
пишувал псевдонимот Шекспир.
|