КУЛТУРА
Сеќавања преточени во суптилен лиризам
ТАЈНИТЕ НА ЦРНАТА ШУМА
Пишува: Стојан КОЧОВ
(Маркос Мескос, "Далечната земја", издание: "Струшките вечери на
поезијата", Струга 1999. - Избор и препев од грчки на македонски Паскал
Гилевски и Васко Караџа).
- Поетот Мескос не талка по зборовите што во мигот заслепуваат и ги
палат нашите емоции, туку заумно, кротко и стамено, без плеонизам,
насликува миг од товарот на историјата.
- Оваа благогласна поезија, само го пронаоѓа читателот, оти е судено да
се препознаваат, но овие песни не се напишани за исповедување и проштевање,
туку тие одекнуваат во душата, така, како славословие, како мелодија со
која со Бога разговараме и со важноста на молитвите го молиме да ни го
врати нашето Божјо потекло.
П оетот Маркос Мескос со своите
општи особености напиша песни со силината што извира од чистотата на
неговиот лиризам и обликува една поетска магија, што создаваат еден свет со
особен мисловен живот. Тој со својата самородна и автохтона мисла низ
домашното милје од човечкиот исконски живот на градот Воден, ги поставува
најдлабоките прашања за сите нас, за се што е околу нас и подалеку се
обгледува: постоењето, суштествувањето, опстанокот, животот - човекувањето.
Песните на Мескос носат клучен белег во кои метафората (силна, потресна)
и поентата доминираат и се одликуваат со благост, трогателност и со особена
восприемчивост, но и со големо чувство на поетска есенцијална анализа на
човековите особини. Тој длабоко понира во себеси, во своето "Јас", во
својата свест и зборот што го вградува со умилност и како светост и надалеку
зрачи во релјефот на песната.
Мескос е поет кому овој циклус песни му претставува основа, односно
тематски темел и тој со исклучително умеење му приоѓа со најсуптилна анализа
го вкрстува стравот од исчезнувањето и укрупот за саканите луѓе кои со
принудна миграција на војната се губат од родниот крај.
ДАЛЕЧНИ СПОМЕНИ
Во неговите спомени за родното детство се задржало сеќавањето за
изболиство и настани, небаре има и такви додека тој лежел во лулката му ги
шепотела песнопојната птица и му раскажувала за сите негови предци и за
немоќта да ја натпее гајдата. Поетовата реминисценција е дадена многу
пластично:
"Те молам гајдо, испушти го
твојот тежок и остар звук".
Поетот, увилен, со укруп што го носи уште од лулката во својата детска
психа, се запрашува: зарем за ова човекуваме по толку поминат животен пат?
Зарем и во светот така се човекува?
НЕМОТИЈА
Мајка ми не знае грчки, ниеден
јазик на светот не знае таа - кога јас
грмам од мојата каменарка
таа се радува, а кога имам
тажен изглед таа плаче реди кубејќи
влакно по влакно од својата бела коса...
На некои песни преовладува инстинктивно поимање, а таквото претчувство е
дарба за проникливост и остроумност во идеалистичката филозофија за
непосредно доаѓање до вистината. Но, има и такви песни со спокојна агонија и
низ нив ја бара хармонијата меѓу внатрешниот мисловен свет и надворешниот
свет на предметите, но треба да се истакне дека поетот со својот пластичен
јазик многу верно ги одразува вистинските човечки димензии на драматиката и
трагиката што им ја донесе на луѓето Граѓанската војна (1945-1950 година и
потоа). Поетот вели:
Не можам да ја издржам осаменоста
вода или леб во деноќијата да ми дели.
Тој жестокоста на војната и на нетрпеливоста ја спротивстави со својата
хумана и етичка позиција. Со љубов наспроти омразата.
Неговите песни упатуваат на повеќе ситуации; на човекољубие, на будност
од опасноста што демне од мрачните сили на злото. Да ја проследиме песната:
Бункерот е црн, небото сиво
како натажена грлица,
ми треба белина - снег до грло штом зимата
траеше осум слепи месеци-
ама за оваа рана на војникот немам боја
ми треба црвена, многу црвена, црвена крв...
***
ЦРНА ШАМИЈА
Да излезам до гробот да прозборам
да запеам трендафили наутро... -
Дива зелена смрт не очекува.
***
Тој ден никогаш не се заборава
на едно место закачена главата.
на друго место голото тело, кучињата да го гризат,
и луѓето да го клоцат..
Поетот познавајќи ги многу добро политичките состојби од едно смраморено
време, време без вера - верогубно, без надеж, без моќ да се сака и да се
брани родот, време кое се менувало од година во година, поетот за да заштити
една богата внатрешна ризница од појави, направи тајно скривалиште (во
црната шума, под црниот камен, под црната шамија...) и ги кодира сите
човечки стравови и патила токму во овие песни; со автентичен стил и естетика.
Тој не талка по зборовите што во мигот заслепуваат и ги палат нашите
емоции, туку заумно, кротко и стамено, без плеонизам, насликува миг од
товарот на историјата и со исклучително внимание, а тоа навистина може да го
направи само поет со големо умеење, со големо срце и широка душа. Поетот ќе
рече:
Зарем само
Кога сме тажни
пишуваме песни.
***
Во состанико на Историјата се изгуби следниот ден
и никој не праша за тебе
СУПТИЛНОСТ
Оваа благогласна поезија, само го пронаоѓа читателот, оти е судено да се
препознаваат, но овие песни не се напишани за исповедување и проштевање,
туку тие одекнуваат во душата, така, како славословие, како мелодија со која
со Бога разговараме и со важноста на молитвите го молиме да ни го врати
нашето Божјо потекло. И токму во овие песни е напишана песната со моќта на
Божјата реч.
Во некои песни, со неверојатна суптилност е опишана тајната на
беззаконието како се развило по малку, прво крадешкум и тивко, а кога се
засилува власта над човечките умови, се поотворено го покажувала својот
смртоносен компромис.
Ваквата пресуда за овој иманентен автор: прегледен, изразит, јасен и
разбирлив, но и својствен, или пак поетски авторитет со објавени наслови: "Пред
смртта", "Црна шума", "Анонимните", "Прифатени гробишта", "Доживотни песни",
"Црна шамија", "Пресечениот јазик" и други. Ние современиците (поетови
врсници), слободно можеме да го наречеме "Волшебник". Тој, со овие песни на
темата човекување, се јавува како предводник во нашата епоха со своите
фатални и судбоносни настани кои на човекот му нанеле неизлечливи рани, дури
и по пола век со иста силина го камшикува и надвор од својот роден крај.
По исчитувањето на овие песни, поетот во песната БИОГРАФИЈА - безутешно
ни "вели":
Ја мразам поезијата затоа што дваесет и три години
стрелаше во моето срце. Немав ни Бог
ниту ангели и никогаш насмевка на усните...
Но, од песните разбрав дека на цел свет му вели:
Јас сум оваа парче земја и живеам помеѓу болот на водопадите и големото
Сонце над Воден.
Јас останувам да му верувам искрено и да му се восхитувам на неговата
поезија.
Песните на Мескос, носат клучен белег во кои метафората (силна, потресна)
и поентата доминираат и се одликуваат со благост, трогателност и со особена
восприемчивост, но и со големо чувство на поетска есенцијална анализа на
човековите особини. Тој длабоко понира во себеси, во своето "Јас", во
својата свест и зборот што го вградува со умилност и како светост и надалеку
зрачи во релјефот на песната.
Мескос е поет кому овој циклус песни му претставува основа, односно
тематски темел и тој со исклучително умеење му приоѓа со најсуптилна анализа
го вкрстува стравот од исчезнувањето и укрупот за саканите луѓе кои со
принудна миграција на војната се губат од родниот крај.
|