о Културно-информативниот центар,
салон "19,19", на 27 и 28 февруари и на 1 и 2 март по повод 15 години театар
"Скрб и утеха", ќе се одржат 10 Божји години Дионисови чествувања "Мину
Угриновска".
Чествувањето е во организација на Културниот центар "Скрб и утеха" и
Театарот "Скрб и утеха", а како дел од оваа манфестација ќе бидат гости
Македонци од Албанија: Тирана, Голо Брдо, Гора, Пустец; од Бугарија:
Сандански, Мосомиште, Софија, Родопите; од Турција: Мениса, Измир, Истамбул;
од Егејска Македонија: Лерин, Солун, Врбјани со своите културни творби.
ТЕАТАРСКИ МАРАТОН
Ова е една традиционална манифестација којашто е спојување на две
чествувања. Едното е во чест на богот Дионис чии прослави се претпоставува
дека се зачетокот на театарот и на уметноста.
Луѓето во антиката се собирале, пееле, играле и од таму лека-полека од
орото почнува да произлегува театарот како уметност, вели Игор
Стојановски, директор на театарот "Скрб и утеха". Од друга страна, овој
театарски Фестивал - маратон го посветивме на нашата почината актерка Мину
Угриновска којашто е практично член на онаа прва театарска група.
Всушност, сакавме на некој начин да продолжиме онаму каде што во 1988 година
се тргна, а тоа е да се продолжи по патот на Војдан Поп Ѓеорѓиев
Чернодрински. Затоа и велиме дека 88-та не го формиравме, туку го
возобновивме театарот "Скрб и утеха".
"Да се ослободиме од самопотценување на сопствените
вредности", Игор Стојановски
Овогодишната манифестација е десетта по ред којашто на почетокот беше
сконцентрирана на театарот. Меѓутоа, уште во самите почетоци членовите на "Скрб
и утеха" дојдоа до заклучок дека театарот сам по себе не може да се одвои од
другите уметности - од литературата, од културата и затоа од самиот почеток
се наметна потребата самиот театарски Фестивал да биде нешто пошироко,
односно да се даде можност за презентација на други вид на култура -
литература, фолклор...
Затоа изминатите манифестации во себе содржеа и претставување на книги
коишто и не мора да бидат поврзани со театарот, додава Стојановски.
Како дел од манифестациите беа и трибините кои носеа наслов "Македонците од
древнина, па до денес" и се уште тече тој процес на себеосознавање. Се
обидувавме да "чепкаме" не само околу театарските корени, туку и за
сопствениот народ и држава, се обидувавме да зачнеме една дискусија за тоа
кои сме ние, што сме, од каде сме, како нашата култура, нашиот јазик, нашата
нација, нашата држава се создавале. Се обидовме на некој начин да излеземе
од оној шаблон дека треба работите да се прифаќаат здраво за готово, туку се
обидовме да наметнеме една поширока дискусија каде што ќе се дадат мислења,
видувања, поразлични од оние официјалните.
ТРИБИНИ
Можеби ќе ве изненади, но и ние на почетокот бевме изненадени од фактот
дека доста книги коишто се поврзани со нашата историја, со нашето потекло се
наоѓаат во пиринскиот дел на Македонија, што значи дека тие луѓе таму знаат
многу, вели Стојановски. Недвојбено е дека не можеме и не смееме да
си го земеме приматот дека ете тука во нашава држава единствено се знаат и
се поседуваат материјалите за сето тоа. Дури напротив, според оние
сознанија коишто сега ги имаме можам слободно да кажам без никаков страв
дека понекогаш се случува да дојдеме до заклучок оти многу повеќе се знае за
Македонија надвор од неа, кај нашите.
Според сознанијата на Стојановски во Пирин поседуваат еден огромен фонд
на книги кои укажуваат на оние нерасветлени темни моменти од нашата историја
коишто за жал се уште до ден денес не доживеале да бидат систематизирани,
организирани, да & бидат претставени на пошироката јавност и таму, па се
разбира и тука.
За жал, тие ќе чекаат некои подобри времиња за тој целокупен материјал
комплетно да се прегледа, да се систематизира и на некој начин да се
пополнат празнините, вели Стојановски. Од друга страна, она што
можеби е интересно е дека одредени сознанија коишто се официјализирани да се
пронајдат затоа што постојат податоци дека она што сме го научиле не е токму
онака како што се кажува.
ДРУЖЕЊЕ
Секоја година овој театарски маратон се одржува во Скопје затоа што оној
објект којшто го третираат како нивна матична сцена тоа е
Културно-информативниот центар кој им овозможува на едно место да ги соберат
сите тие луѓе.
Од друга страна можам да кажам дека не чувствуваме дека тие чествувања
траат само тогаш, објаснува Стојановски. Тие на некој начин се една
точка од која се поаѓа за да се остваруваат оние културни врски помеѓу
Македонците од Македонија и надвор од неа, во поблиските и подалечните
држави и сметавме дека овој маратон треба да претставува само еден вид
почеток на едно пообемно дружење, размена на информации, размена на културни
идеи. Сметавме дека дури би требало да поттикне конечно да ги срушиме
македонските ѕидови. Ако зборуваме за некои процеси на обединување на Европа,
на светот, тогаш во тој случај не гледам зошто да не размислуваме и
за културно и духовно обединување на Македонците коишто живеат во целиот
свет. Културата не е нешто што може да се подели, изолира, да се
ограничи и да се каже дека таа само за себе ќе си постои и ќе си функционира
без да има потреба да се меша со преостанатите. Не радува фактот што од
година во година се зголемуваше како бројот на учесниците така и бројот на
интересентите коишто беа љубопитни да видат што се случува на овој Фестивал.
Причината поради која го кажувам ова е тоа што ние се уште не сме
задоволни со медиумското претставување на оваа манифестација затоа што
сметам дека на една ваква манифестација требаше и мораше да & се даде повеќе
можност. Не радува тоа што успеавме во една напорна работа да го
зголемиме бројот на гости и со самото тоа да & дадеме повеќе нијанси на
манифестацијата.
ГОСТИ
Оваа година има најголем број гости досега. Се очекува да пристигнат
некаде околу 45 учесници коишто ќе дојдат од Пиринска Македонија, од каде за
првпат доаѓаат Македонците со исламска вероисповед - Помаци со нивното КУД "Сонце".
Доаѓаат луѓе кои ни дадоа голем број информации за книги коишто се
релативно непознати кај нас, а кои говорат за македонската историја и
култура, додава Стојановски. Исто така тие луѓе, без оглед на сите
оние работи кои се познати за односот кон нив од земјата од каде што доаѓаат,
успеваат и да творат. Потоа од Република Албанија од областа Мала Преспа ќе
се претстават луѓе кои исто така се вични на пишаниот збор, очекуваме гости
од Гора кои ќе бидат пријатно изненадување за Македонија, потоа успеавме да
воспоставиме контакт и да донесеме луѓе - Македонци од Измир, Турција. Се
надеваме дека оваа година интересот ќе биде задоволен и со учеството
на гостите од Лерин, Егејска Македонија. На тој начин се обидуваме да го
прошириме дијапазонот на учесници и да обезбедиме поврзување со сите овие
региони каде што живеат Македонци.
Постои и идеја да се вклучат и Македонци кои живеат во други земји и во
"Скрб и утеха" искрено се надеваат дека во што поскоро време оваа
манифестација ќе се прошири и ќе опфати што повеќе земји од светот.
Причината зошто досега не сме успеале во тоа е позната. Тоа се пред се
материјалните можности, вели Стојановски. Се надевам дека во скоро
време ќе ги разрешиме тие проблеми и дека лека-полека ќе успееме да го
промениме мислењето во државата, бидејќи сметам дека сега на некој начин
сакале или не ќе мора да се ослободуваме од она самопотценување на
сопствената култура, јазик, народ и држава. Да почнеме повеќе да го
вреднуваме тоа, бидејќи на крајот на краиштата нашите потомци ќе судат
според тоа колку ние сме успеале во тој процес. Тоа е и основната цел на
оваа манифестација.
За да се реализира една ваква манифестација треба да се контактира со
луѓето преку цела година затоа што постојано има нешто ново што се случува
таму и тука и таа размена на информации е многу важна за да видиме до каде
сме и што би можело да се направи за сето тоа да & се презентира на
јавноста.
ПУБЛИКА
Интересот на македонската публика во изминативе години, морам да бидам
искрен, во почетните години реално беше мал. Меѓутоа, со текот на времето
почнавме, за жал морам да признам со лични познанства и врски, да ги
разбиваме тие медиумски канали и да привлечеме побројна публика, вели
Стојановски. Така, последниве неколку години веќе можам да кажам дека го
постигнавме она за што се залагавме. Она што не радува е дека
контаките на гостите и публиката и понатаму продолжуваат и по
манифестацијата.
Финансиските средства се секогаш проблем и незгодно прашање. Сепак, и
покрај тие проблеми, во "Скрб и утеха" успеваат да стигнат до некое ниво,
меѓутоа прашањето во поглед на финансирањето на вакви манифестации е тешко
во однос на финансирањето на некои т.н. интернационални манифестации.
Тоа го сметам повторно како производ на она што се уште постои кај нас, а
тоа е типот на себепотценување, додава Стојановски. Една ваква
манифестација на која ќе дојдат наши луѓе се смета од втор-трет ранг во
однос на она каде што се странски гости. Покрај државните институции,
делумно се виновни и медиумите. Поради тоа ние се повикавме на приватни
спонзори кои ни ветија соработка, а ние се надеваме и веруваме дека тоа
навистина ќе се реализира.