Нема грчки пари за Македонија
Според дипломатски извори во Скопје, Македонија нема да добие ниту евро
од грчкиот план за реконструкција на Балканот. Поради спорот со името,
грчкиот Парламент од пактот - спогодби со други пет балкански земји го
издвоил билатералниот договор со Македонија потпишан минатата година и
одбива да го ратификува.
Уништен македонско-грчки наркоканал
Со координирана акција на македонската и грчката полиција успешно беше
пресечен нарко-канал преку кој се одвивале размена и трговија со дроги меѓу
македонски и грчки наркобосови. Во акцијата се уапсени шестмина меѓу кои
петмина се македонски државјани, еден е албански државјанин, а за четворица
инволвирани во овој бизнис е распишана меѓународна потерница. Запленети се
30 килограми марихуана.
Нимиц да го слушне македонскиот став
Метју Нимиц, главен преговарач на ОН во грчко-македонскиот спор за името
се очекува денеска да пристигне во Скопје. Целта на неговата посета е да го
слушне ставот на Владата и на претседателот Борис Трајковски за надминување
на проблемот со Грција за името на нашата држава. Тој нема да дојде со
предлог за името.
Косовски Албанци во Хаг
КФОР и УНМИК уапсиле тројца поранешни команданти на ОВК. Тоа се првите
косовски Албанци што се уапсени по барање на Хашкиот трибунал за воени
злосторства.
На Косово царува криминалот
Српскиот вицепремиер Небојша Човиќ, оценил дека шефот на УНМИК, Михаел
Штајнер не направил ништо на Косово. Тој нагласил дека Штајнер "многу ветува,
но ништо не сработува".
На Косово ништо не работи, нема економија, а царува криминалот, вели
Човиќ. Тоа ли се "земјоделски гранки" на кои Европа ќе направи
мултиетничко Косово?!
Помош на Амбасадата на Србија и Црна Гора
Министерството за надворешни работи објави дека македонските граѓани кои
ќе се затечат во регионот на Блискиот Исток при евентуални воени дејства во
Ирак за помош можат да се обратат во Амбасадата на Србија и Црна Гора во
Кувајт. Нивната помош ќе се однесува на евакуација, издавање документи,
медицинска помош итн.
Безбедноста е кршлива
Минатата недела во Скопје се сретнаа министрите за одбрана на Македонија
и на Србија и Црна Гора, Владо Бучковски и Велимир Радиевиќ. На средбата се
разговарало за билатералната соработка на двете министерства, формите на
продлабочување на воено-економската соработка на земјите, а посебно се
осврнале на размената на информации и процени за актуелната регионална
безбедносна состојба. По овие разговори министерот Бучковски оценил дека
стабилноста во регионот е кршлива.
Повлекување на грчката опрема
Канцеларијата за врски на Грција во Скопје соопштила дека добила ветување
од страна на македонската Влада дека опремата која ја користи д-р Жан Митрев
во Воената болница ќе се инсталира во државна здравствена установа во Скопје.
Адвокатот на д-р Митрев, Гоце Цоневски, изјавил дека докторот ќе ги врати
двата грчки апарата - за ултразвук и ангиограф, но тоа мора да се направи со
нов договор или со анекс на постојниот договор.
Во Македонија шверцуван грчки аспирин
Приватните аптеки во Македонија се преплавени со шверцуван грчки аспирин
на чии кутии се излепени државни заштитни бандероли. Никој не знае со чија
дозвола бандеролите се ставени на нерегистрираните лекови и како ја поминале
царинската контрола.
Дојранското Езеро порасна за еден метар
Иако лошото време, честите врнежи и ниските температури ги забавуваат
работите околу отстранувањето на техничките пропусти на системот за спас на
Дојранското Езеро, тоа сепак природно се "лечи". Токму обилните врнежи и
поволната хидролошка состојба овозможува езерскиот водостој на Дојранското
Езеро постојано да расте. Езерското ниво веќе е поголемо за еден метар.
Грчка претстава во Штип
Во Штипскиот театар се подготвува претставата "Тромбонот" по текст на
грчкиот автор Маркос Пандикас, а ќе го режира гостин од Грција, Петрос
Панамас. Текстот е напишан во далечните 70-ти години, но темата е актуелна и
денес.
|