Потписи за спас на Велес
Друштвото на родители за грижа и за здраво поколение во Велес ги
обвинуваат локалните власти во Велес, надлежните во здравствените домови во
Велес и во Министерството за животна средина дека затајувале податоци и
информации за загаденоста на градот и за здравствената состојба на децата.
Тие најавуваат дека со Проектот "Еколошка демократија за Велес" од Владата
ќе побараат измени на Законот за здравствена заштита на граѓаните на
Македонија и најавуваат дека ќе изготват Предлог-закон кој ќе треба да го
поддржат локалните власти. Ако велешките власти не ја поддржат иницијативата
Предлог-законот да влезе во собраниска процедура, информираат дека ќе
соберат 10 илјади потписи.
Илинка кај Македонците во Канада
Министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, престојуваше во
петдневна посета на Канада каде се сретна со канадскиот министер за
надворешни работи, Бил Греем. Покрај средбата со својот домаќин и со своите
канадски колеги, таа се сретна и со претставници на организациите на
македонските иселеници и македонските црковни општини во Канада.
Бистата во Шемшево е преместена во дворот
Албанците од Шемшево по состанокот со министерот за образование, Азис
Положани, ја отстраниле бистата на Јумни Јонузи од пред влезот на училиштето
и ја поставиле до спортската сала што се гради во дворот. Поправена е и
грешката со двојазичната табла.
Родителите на учениците Македонци реагираат дека компромисот не е
спроведен, бистата на Јонузи не е отстранета од дворот на училиштето и
поради тоа бојкотот на наставата ќе продолжи.
ДПА ќе го повлече потписот од Охрид
Лидерот на ДПА, Арбен Џафери, објаснувајќи ја одлуката да апстинира на
минатонеделната средба на потисниците на Рамковниот договор кај
претседателот Трајковски, потенцира дека "таму не се случува ништо друго,
освен обид да се изигра договореното". Тој се закани дека ќе го повлече
потписот од Рамковниот договор, предлагајќи него да го потпише и Ахмети.
Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, го предупредил лидерот на ДПА
да не го бојкотира мировниот процес во земјава, туку да продолжи да го
поддржува.
Власта не знае ништо за киднапираните
Роднините на киднапираните и исчезнати Македонци ниту во последната
средба со претседателот Борис Трајковски не добиле нови информации за
судбината на нивните блиски, туку само им пренел дека врши притисок врз
странците за расветлување на случајот. Роднините на киднапираните Македонци
исто така оствариле средба со првиот полицаец, Хари Костов, кој им ветил
дека наскоро ќе формира комисија која ќе го испитува киднапирањето и на
Македонците и на Албанците чијашто судбина е неизвесна повеќе од една ипол
година. Костов оваа идеја ќе ја предложи и на следната седница на Владата,
на која очекува истата да биде прифатена.
Демонстрации на Албанците во Дебар
Неколку стотици граѓани на Дебар се собраа викендот во центарот на градот
за да протестираат против, како што велат, се почестите убиства на Албанци
што се случува во пограничниот дел до Албанија. Тие за убиствата ги
обвинуваат македонските безбедносни погранични сили.
Тетовскиот затвор нема доволно чувари
Тетовскиот затвор, во кој останале само двајца чувари откако петмина
заминаа на боледување, за да може да функционира "позајмува" службеници за
обезбедување од затворот "Идризово" и од Воспитно-поправниот дом Тетово.
Инаку, затворот е пребукиран со затвореници, меѓу кои се наоѓаат и десетина
осудени на повеќегодишни затворски казни за тешки кривични дела.
Протест на пензионерите!
Ако поскапат лековите, пензионерите ќе организираат масовни протести во
земјава. Ваквите закани од Сојузот на пензионерите на Македонија доаѓаат по
најавите за зголемување на ДДВ на лековите од 5 на 18 отсто.
Повеќе од 5.000 вирозни во земјава
Повеќе од 5.000 заболени од грип во земјава биле регистрирани во
Републичкиот завод за здравствена заштита. Најмногу грипозни има во Битола -
2.684, Тетово - 584, Струмица - 555, Радовиш - 158, Штип - 76, Кавадарци -
52, Делчево - 34. Во Скопје биле пријавени околу 30 заболени.
Ноеви во Македонија
Петар Јованов од Демир Капија е сопственик на единствената фарма за ноеви
во земјава. На неговиот имот во близина на Демир Капија од ноември минатата
година се одгледуваат 19 ноја кои Јованов ги донел од фарма во Бугарија.
Според сопственикот, ноевите се за 30-40 пати поевтини за одгледување и
исто толку покорисни од другите животни.
|