ДДВ ќе ги поскапи становите

Становите ќе поскапат за најмалку десет отсто ако досегашната даночна стапка од 5 отсто се зголеми на 18, во согласност со потпишаниот Договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предупредија градежните фирми на состанокот во Стопанската комора. Тие сметаат дека сегашните пет отсто ДДВ воопшто не треба да се зголемат, но ако се случи тоа, во цената на становите за кои е веќе извадена градежна дозвола да не се пресметуваат предвидените 18 отсто.

Светската банка дава 150 милиони долари

Новата стратегија на Светска банка за помош на земјата се очекува да биде готова до почетокот на април месец. За таа цел, како што се дознава од добро информирани извори, консултациите помеѓу претставници на оваа меѓународна финансиска институција и надлежните функционери во македонската Влада веќе почнале, а конкретните предлози ќе треба да се дефинираат во наредните недели. Станува збор за тригодишна програма, која ќе стартува во јули годинава (кога почнува фискалната година во Светска банка) и ќе трае до јули 2005 година. Вредноста на финансиската поддршка за трите години ќе биде вкупно 150 милиони долари, односно по 50 милиони долари годишно.

Ревизија на договорот за "Македонски пошти"

Договорот за преземање на јавното претпријатие "Македонски пошти" од страна на Поштата на Канада е во фаза на ревизија. Министерот за транспорт и врски, Миљаим Ајдини, во изјава за А1 вели дека се спорни одредбите од Договорот што на Канаѓаните им овозможуваат да ја преземат нашата пошта без да платат ништо за тоа.

Тоа е неприфатливо. Треба да се анализираат спорните членови и ако треба, да се ревидираат, изјави министерот Ајдини.

Првиот човек на Канадската пошта, Жил Хебер, незадоволен од бавната реализација на Договорот, минатата недела дојде во Скопје во обид да ги забрза работите и од македонската страна да чуе зошто е запрен Проектот.

Телеком бесплатно ќе вклучува

Од пред неколку дена, па во наредните шест месеци, "Македонски телекомуникации" по исклучување на телефонскиот број на претплатникот поради неплатени сметки, нема да наплаќаат за повторно вклучување. Досега, при секое исклучување, при што имаше и многу грешки, за повторно вклучување на линијата се наплаќаше ист износ колку што изнесува месечната претплата.

Како што објаснува Коте Ланговски, заменик на главниот директор за маркетинг, во овој период ќе се види како ќе реагираат корисниците. Односно, ако се покаже дека тоа влијае негативно на наплатата на долговите, бидејќи ја нема веќе "казната", можеби наплаќањето повторно ќе се воведе, а ако се утврди дека тоа, всушност, нема никаква врска со редовноста на плаќањето, можеби ќе се продолжи со истата практика на бесплатно повторно вклучување.

Казни за железничарите

Владата го повика раководството на "Македонски железници" да обезбеди минимум сообраќај, а ако не го стори тоа, најави санкции за претставниците на Штрајкувачкиот одбор.

Сашо Чолаковски, владиниот портпарол, соопшти дека се очекува да дојдат претставници на Светската банка со кои треба да се усогласи концептот за трансформација на "Македонски железници".

Владата не ги прифаќа барањата на вработените во "Македонски железници", бидејќи смета дека се неосновани. Во изминативе три месеци, вработените добија три плати. Со штрајкот се прават големи штети не само за македонската економија, туку и за самото претпријатие, изјави Чолаковски по владината седница.

И покрај притисоците, железничарите остануваат на својот став дека штрајкот продолжува и натаму.

Протест на вработените во "Типо"

Вработените во "Типо" а.д. на 17 февруари протестираа пред Основниот суд Скопје 1, барајќи промена на судското решение за регистрација на новоизбраните управни органи во фабриката. Работниците, кои поседуваат 76 проценти од акциите во "Типо", го избраа новото раководство на фабриката на акционерското собрание свикано од Надзорниот одбор на 19 декември минатата година. Судот донесе негативно решение на барањето за регистрација на новоизбраните управни органи, по што минатиот петок работниците поднесоа жалба.

Топлана и електрана

Изградба на комбинирана топлана и електрана во погонот енергетика во скопската "Железарница" е идеја која повторно е актуелизирана под покровителство на Министерството за економија.

Во овој Проект, кој според некои проценки вкупно чини околу 120 милиони долари, покрај државата ќе бидат вклучени и речиси сите поголеми чинители во оваа сфера - ЕСМ, "Топлификација", "Макпетрол".

Според информациите на А1, Владата веќе ги праќа сигналите до меѓународните финансиски институции за финансирање на овој Проект, што ќе треба да овозможи производство на топлинска енергија за индустриските капацитети и за граѓаните, како и електрична енергија.

Повторно штрајк во НИП-от

Вработените во Новинско-издавачката куќа "Нова Македонија" во понеделник ќе излезат на протест пред Владата и Агенцијата за приватизација, бидејќи судската постапка за раскинување на купопродажниот договор со словенечката фирма "Југ-сторитве" се одвива многу бавно. Тоа било одлучено на состанокот кој го одржал Штрајкувачкиот одбор со вработените во издавачката куќа. Синдикалните претставници и претставниците на подружниците во земјава треба во следниве денови да го сондираат мислењето на вработените за најавениот штрајк и за начинот на кој понатаму ќе се реагира. На состанокот било предложено да се прекине шестдецениската традиција на излегување на весниците, оти не постоеле основните услови за работа. Вработените го поддржале предлогот, но било одлучено за тоа дополнително да се разговара наредните денови.

Строга селекција на чековите

Од пред околу еден месец многу од трговците и угостителите при продажбата на своите стоки и услуги одбиваат да ги примат граѓанските чекови од неколку банки во државава. Според нивното образложение, причина за овој став е стравот од евентуалното пропаѓање на некоја од овие банки, по што тие не би можеле да ги наплатат чековите. Во Народна банка на Македонија, пак, укажуваат дека во согласност со Законот за чек, чековите се законско платежно средство, иако во истиот законски текст не се предвидени и соодветни санкции за трговците кои го одбиваат неговото примање.

Борба против невработеноста

Развојот на приватниот сектор ќе претставува основна база во македонската економија од кој во иднина треба да се креираат нови работни места. Поточно, Владата во својата нацрт-верзија за борба против невработеноста нагласува дека таа цел ќе се постигне, главно, преку развојот на претприемаштвото и тоа во секторот на малите и на средните претпријатија. Прва работа која треба да се направи за да се поттикне приватниот сектор и инвестициите, како домашните така и странските, е да се создаде поволна клима за инвестирање. Тоа, пак, не би било можно доколку не се создаде ефикасна и некорумпирана јавна администрација. Факт е дека со преструктуирањето на државните фирми и со досегашниот развој на приватниот сектор во државава, не се постигнаа видни резултати во намалувањето на процентот на невработеноста.

Неизвесен пласманот на јагнето

Извозниците на јагнешко месо ќе ја добијат својата стимулација за минатата година по завршувањето на контролата на извозните документи кога ќе биде решено и прашањето за висината и основата по која ќе се врши исплата на средствата. Со оглед на немањето пари во државната каса, Владата се обиде да најде средно решение на прашањето за исплата на средства за финансиска поддршка за ослободување на вишоци од земјоделски производи за минатата година и во моментов се работи на обезбедување средства за стимулациите за извозено јагнешко месо. Најверојатно, како што објаснува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Славко Петров, тоа ќе оди преку прелевање на дел од приходите на Бирото за стоковни резерви, а ќе треба да се најдат и дополнителни извори на финансирање.

Затворени 20 дуќани

По извршената рација во Градскиот трговски центар и во трговскиот центар "Бисер" во скопската населба "Јане Сандански", Државната инспекција за труд затвори 20 дуќани. Како што соопштуваат од инспекцијата, била извршена контрола врз документацијата која сопствениците мора да ја поседуваат за работни односи и за заштита при работа. Од контролираните 204 дуќани, констатирано е дека 20 од нив не ги исполнуваат мерките и нормативите од областа на заштита при работа, односно биле затекнати лица кои не биле пријавени во Заводот за вработување, поточно работеле на "црно". Поради тоа, инспекторите им врачиле решенија за забрана на користење на работните простории.

Традиционално закројување на лозите

По повод 14 февруари, Денот што се одбележува како празник на лозарите Св. Трифун, во кругот на винарската визба "Сковин" беше извршено традиционалното закројување на лозите. Закројувањето го направи Полошко-кумановскиот Митрополит, г. Кирил, кој во оваа пригода ги благослови лозарите и винарите, изразувајќи ја својата желба дека оваа година тие ќе бидат обдарени со побогат и поквалитетен род. Со закројување на лозите официјално се означува стартот на новата производствена сезона на грозјето кое се собира од лозовите насади на површина од 28.000 хектари.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"