|
ЕКОНОМИЈА
Се почести изливи на незадоволство и револт кај работниците
ВЛАДАТА ЌЕ СЕ ТРЕСЕ ОД ПРОТЕСТИ!
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Загубарците условуваат да се закаже средба со Премиерот во текот на
овој месец поради нерешените проблеми за активирање и рестартирање на
фирмите - загубари.
- Ретко може да се слушне за успешно функционирање на некоја фирма, а се
почести се случаите стечај, загуби, нерентабилност.
- Нека му се лутат на Бранко, оти тој мене ме лаже, вели првиот
синдикалец, Ванчо Муратовски на искажаното незадолство на загубарите
.
В о оваа држава, според се, во
економијата, подобро речено во секојдневниот живот, ништо не функционира.
Штрајкови, протести, социјално незадоволство, сиромаштија и губење на
идентитетот на работникот. Полека, но сигурно, работникот исчезнува од
средниот сталеж тонејќи длабоко во дното на сиромаштијата оптоварена со
тешки услови за преживување. Уште малку ќе се постави ред како пред "грчка
Амбасада" за добивање топол оброк во народните кујни, а не е ништо чудно ако
такво нешто се случи и пред контејнерите. Народот е гладен, го губи и
досегашното парче леб од фирмата која тоне.
Се наводно се приватизира, се рестартира, се ревитализира, а реално ништо
не функционира. Постои и разидувања на релацијата Синдикат - работници, а и
самиот Муратовски почна да зборува дека е прелажан за ветениот социјален
договор. Што им преостанува на работниците освен да го кренат својот глас и
да бараат правдина. Потрошивме повеќе од една деценија од самостојноста на
Република Македонија, а никако Македонецот да куртули од социјалната беда
која е метастазирана во сите сфери од нашето општество.
ЗАГУБАРИ
Нека му се лутат на Бранко, оти тој мене ме лаже. Постојано зборува дека
ќе се решат проблемите на работниците од фирмите загубари, но ништо не се
остварува - изјави Муратовски, кој призна дека не е задоволен од начинот
на кој Владата најави дека ќе ги решава проблемите со загубарите.
Револтирани поради нерешените проблеми за рестартирање на фирмите,
претставниците на загубарите се закануваат дека нема да го поддржат
најавениот генерален штрајк за зголемените даноци кој го најавува Синдикатот.
Загубарите му префрлаат на Муратовски дека не се ангажирал доволно кај
премиерот Црвенковски за решавање на нивните проблеми и статусот на фирмите.
Претставниците на повеќе фирми загубари со писмен допис до Сојузот на
синдикатите на Македонија (ССМ) побараа да се сретнат со Муратовски. Тие
инсистираат да се подготви заедничка стратегија во преговорите со Владата
што поскоро да се закаже средба со Премиерот поради нерешените проблеми за
активирање и рестартирање на фирмите - загубари.
Не повика да гласаме за оваа Влада со ветувања дека ќе се реши статусот
на фирмите загубари. Не сме задоволни од лидерот Муратовски, ниту пак од
неговата политика. На преговори во Владата секогаш оди сам и никој не знае
за што преговара со министрите и со Премиерот. Тој не лажеше дека по секоја
цена ќе се донесе законот за загубари. Но, под притисок на Владата потклекна
и потпиша социјален договор без тој закон. Муратовски само ги искористи
вработените во фирмите загубари за ланските протести пред Владата. Сега
најавува нов генерален штрајк, но не знам кои работници ќе го поддржат. По
се изгледа сам ќе штрајкува - револтирано изјави Здравко Зафировски,
претставник на поранешните вработени на гостиварска "Силика-алумосиликати",
која од април лани е ликвидирана. И претставниците на скопскиот кожарски
комбинат "Годел", како и од ФАС "11 октомври" не се задоволни од
иницијативата на синдикалниот лидер. Во случај ако Муратовски не организира
средба, незадоволните работници најавуваат поригорозни мерки за решавање на
состојбата. Не се исклучени ниту штрајковите. Веќе истече периодот во кој
беше утврдено работниците да земаат отпремнини. Тоа значи дека сега
поранешните вработени остануваат на улица, без ништо, коментира Зоран
Петковски, претседател на Синдикатот на кожарскиот комбинат "Годел". Тоа
не се синдикални претставници и не можат да ми диктираат кога ќе има средба,
коментира синдикалниот лидер Муратовски додавајќи дека негово е да каже
кога ќе има средба. За најавите на работниците дека нема да го поддржат
најавениот генерален штрајк, Муратовски констатира дека станува збор за
малку луѓе, додека сепак во земјава има уште работници кои ќе ги поддржат.
Според портпаролот на Министерството за економија, Гоце Пачемски, до крајот
на годинава треба да се решат сите 24 фирми - загубари. За тоа се потребни
повеќе од 80 милиони евра, од кои околу 60 милиони се за покривање на
заостанатите придонеси за пензиско осигурување. Со решавање на загубарите,
според економските аналитичарите ќе се елиминира најголемата "економска
дупка" во земјава. Со тоа ќе се добијат и две транши од аранжманот ФЕСАЛ 2
со Светската банка, со што ќе се добијат 40 милиони долари.
РУДАРИ
Рударите нема да се вратат во окната, ама и нема да престанат со протести
пред Владата доколку не им се исплатат платите и отпремнините. Стотина
рудари од пробиштипскиот Рудник за олово и цинк "Злетово" протестираа пред
Владата барајќи итно да се реши статусот на Рудникот и социјално да се
обезбедат сите 1.450 работници. Протестот почна пред Собранието и продолжи
пред Владата, каде што синдикалците се сретнаа со Илија Филиповски,
министерот за економија.
Сојузот на синдикатите на Македонија не е задоволен од средбата со
министерот Филиповски, затоа што од шесте барања е договорено само да се
завери работниот стаж на вработените до почетокот на стечајната постапка и
да се исплатат помали отпремнини - изјави Ванчо Муратовски, синдикалниот
лидер.
Владата, на повторната средба со рударите, сепак ветила дека на рударите
ќе им даде по една плата, а во март ќе им ја даде и отпремнината. Муратовски
се закани дека ако не се исполнат сите барања на рударите, Синдикатот своето
незадоволство ќе го изрази преку граѓанска непослушност и масовни протести и
блокади.
Рударите кои не земале плата пет месеци, бараат стечајната постапка за "Злетово"
да трае што е можно пократко.
На сите вработени стажот треба да им биде заверен до денот во кој
Рудникот беше ставен во стечај. Си ги бараме петте заостанати плати и
ветената отпремнина, која треба да изнесува колку просечната плата во
земјава. Владата треба да направи и измена на Законот за вработување и
осигурување во случај на невработеност. Тоа ќе овозможи да се згрижат
работниците со 25 години стаж до нивното пензионирање или до повторно
вработување, вели Слободан Петров, претседател на Синдикатот на Рудникот
"Злетово".
Од вкупно 4.400 лица што се водат како официјално вработени во Општината
Пробиштип, 1.450 се вработени во Рудникот "Злетово".
Владата не смее да дозволи статусот на Рудникот "Злетово" да се решава
дури на есен. Немаме земено плата пет месеци и немаме никакви услови да го
поминеме месецот. Агонијата на Рудникот мора се реши сега или Владата ќе се
тресе од протести - најавуваат рударите.
Пеце Ристевски, претседателот на Синдикатот на рударите и енергетичарите,
го пренесе ставот на Филиповски дека Владата не може да донесе закон за
загубарите, бидејќи не дозволувал Меѓународниот монетарен фонд. Се очекуваше
претставниците на рударите да се сретнат и со премиерот Бранко Црвенковски.
НЕЗАДОВОЛСТВО
Освен рударите и загубарите, незадоволни се и земјоделците кои исто така
најавуваат протести пред Владата на Македонија. Ваквиот начин на изразување
на незадоволството според членовите на Сојузот на земјоделците претставува
единствена опција тие да добијат одговор за начинот на разрешување на
тешкотиите на овој слој население. Тековните проблеми според претседателот
на Сојузот, Вељо Тантаров, се рефлектираат преку отежнатиот откуп на
млекото, затрупаните резерви на млечни производи и увозот на млеко од друга
страна, увози на пченица во услови кога домашната не е исплатена, како и
ниската откупна цена на тутунот.
Со протестот сакаме да го изразиме незадоволство од негрижата на Владата
за примарното производство и земјоделците како најсиромашен слој на
населението. Кој е начинот да се намали сиромаштијата кога се укинати
минатогодишните премии за сончоглед, млеко, шеќерна репа, за тутун? Не ни е
кажано ниту дали ќе се почитува договореното одлагање на исплата на
кредитите до 2005 година, бидејќи во вакви услови на работење едвај можеме
да преживееме, констатира лидерот на земјоделците, Вељо Тантаров.
Овој месец, според досегашните најави, е преплавен со најави за протести,
а како што стојат работите, подобро не ни се пишува ни за наредните месеци.
Кога цревата кркорат, мора да бараме чаре, вели армијата од
незадоволни граѓани протестирајќи пред институциите на власта.
|