Членови на оваа Организација се икусни македонски бизнисмени, правници,
банкари, адвокати, граѓани кои се докажале со своите активности во
американското општество и претставуваат значајни луѓе коишто ќе можат да ја
водат оваа Организација. "Офицерскиот" кадар на Организацијата, како што
објаснува, основачот и претседател на МАНО, господинот Никола Лазаров, е
составен од млади луѓе, претежно втора и трета генерација Македонци кои се
американски граѓани и кои со својот млад ентузијазам, интелект и потенцијал
сакаат да придонесат и да направат нешто повеќе на овој план. Она што треба
да се потенцира е дека преку формирањето на оваа македонска Организација,
младите генерации Македонци - американски граѓани, кои живеат претежно во
државата Илиноис, Индијана и околните држави, ја сфатија потребата од
организирање на Македонска заедница во Америка и она на што се работи се,
како што вели господинот Лазаров, активности со коишто нашата Македонска
заедница ќе се претстави кај американската јавност.
ПРОЕКТИ
Со организирање на свои проекти, иницијативи, активности се обидуваме да
ја промовираме македонската култура, македонската традиција, вредности,
обичаи и на некој начин да докажеме дека и македонската заедница, како и
преостанатите, треба да си го најде своето место во американското општество
и мислам дека имаме што да покажеме и докажеме. Нашите активности се
продолжување на она што го работеле нашите предци. Ние сакаме тоа да го
продолжиме и уште повеќе да го истакнеме, вели господинот Лазаров.
Досега организирале неколку семинари, односно краткорочни проекти, каде
што ја презентирале македонската култура и македонските вредности,
македонскиот глас и македонското сфаќање. Своите проекти ги организираат во
соработка со Македонското радио, македонските друштва во САД, црковните
организации, универзитетите, јавните институции итн. Тие организирале и
семинари на неколку чикашки и правни факултети. Една од активностите на МАНО
била и промовирање на македонската Резолуција во локалните државни сенати на
САД, со која тие сакаат да се спротивстават на новодонесената грчка
Резолуција во неколку локални сенати, која е непријатна за Македонија.
Станува збор за грчка иницијатива која е поддржана од страна на грчката
заедница. Прва држава на удар беше Илиноис, бидејќи тука е најголемата
концентрација на грчките Американци и по организациска структура и по
финансиска моќ. Во соработка со доста истакнати членови македонски
Американци како и со доста угледни професори ја напишавме Резолуцијата,
односно го подготвивме правниот документ кој претставува контра-одговор на
грчката Резолуција. Со преостанатите наши македонски заедници и цркви ширум
САД упорно работиме на превентивност и заштита на македонската култура. Во
локалните сенати ја доставивме нашата Резолуција со која сенаторите би имале
можност повеќе да се запознаат со македонската заедница и се трудиме колку
што е можно повеќе во координација со сите македонски заедници и центри да
го промовираме и истакнеме македонскиот поглед, односно македонската култура,
вредности, традиции на сите оние места каде што сметаме дека е пожелно и
добро целокупната американска јавност што подобро да се запознае со
Македонија, да се слушне и гласот и вистината за Македонија. Американската
јавност се уште не е доволно запозната со македонските вредности и затоа
сметаме дека тука секој од нас може многу да придонесе на овој план. Младите
американски интелектуалци, по потекло Македонци, поседуваат доволен
капацитет да променат нешто на тој план и тоа треба да се искористи за
доброто на сите, објаснува господинот Лазаров.
РЕЗОЛУЦИЈА
Документот, како што објаснува првиот човек на МАНО, господинот Лазаров,
е направен во формат и издржаност онаков каков што доликува да се поднесе до
еден Сенат за тој понатаму да одлучува по истиот. При тоа биле задоволени
сите критериуми и стандарди за да има својство и значење како Резолуција.
Најбитното што го содржи и што е напишано во неа е тоа што пред се е
даден одговор на грчката Резолуција, односно да го спречиме она што е веќе
почнато и е контра нашите интереси. Вториот дел се однесува на промовирање
на македонската заедница во САД, додава Лазаров.
За содржината на грчката Резолуција која е на штета на Македонците,
Лазаров вели: Постојат неколку става со коишто се објаснува дека
традиционалните вредности, културата, религијата и сите оние вредности кои
се негувале од страна на македонските кралски семејства, Александар Големиот
и неговиот татко Филип 2, вклучувајќи го и македонскиот симбол, тие ќе ги
сметаат за хелинистички, за грчки, и тие екслкузивно требало да & припаднат
на грчката заедница со свое право на користење и истакнување како грчки
симбол, а не македонски. Тие сметаат дека Македонија 3.000 години припаѓала
на Грција, така било во минатото и така требало и во иднина да се смета. Ние
остро се спротивставуваме на ваквите тези и со наши аргументи тврдиме дека
македонските симболи, македонските вредноси и традиции припаѓаат на
македонскиот народ и македонската заедница и никој нема право да ни го
скрати тоа што нам природно ни припаѓа. Ние тоа во Резолуцијата го имаме
напишано на начин и структура каде што воедно даваме и свое видување како
истото би требало да се резреши.
Господинот Лазаров вели дека се точни информациите објавени во медиумите
дека државите Илиноис, Мисури и Калифорнија усвоиле резолуции во кои се
тврди дека Античките Македонци биле Хелени, а денешните жители на Северна
Грција, Македонија, се наследници на Хелените. Овие резолуции, според
информациите во медиумите, се донесени под влијание на моќното грчко лоби во
Америка, пред се на активностите на ултранационалистичката панмакедонска
организација, а најчести спонзори се Американци од грчко потекло.
Станува збор за една иницијатива која од поодамна е финансиски поддржана
за да може грчкото лоби нормално да дејствува и акција на која ние не можеме
да се спротивставиме за неколку недели, туку треба една координирана и добро
смислена акција за да можеме успешно контра да одговориме и да успееме во
нашата иницијатива. Во координација со преостанатите наши македонски
организации каде што Македонците се организирани во поголем број, на пример
во Охајо, каде што постои Македонско-американската пријателска организација,
се обидуваме во оние сенати каде што се нема донесено таква Резолуција, но и
онаму каде што таа е донесена, да доставиме наша Резолуција со цел да ги
запознаме сенаторите со нашето видување за да можат да видат дека е
направена голема грешка со усвојувањето на таа Резолуција. Нашата
идеја е во што повеќе локални сенати да се донесе таква македонска
Резолуција, која иако нема обврзувачки карактер, кога ќе дојде време да се
бараат иницијативи во Сенатот на САД, како и од други личности од
американскиот јавен и политички живот, во формирањето на ставот на САД околу
овој спор, да ги имаат предвид овие резолуции. Станува збор за иницијативи
на граѓани, а не за држави во САД, затоа што тоа ќе се смета за мешање во
внатрешните работи во една држава, потенцира господинот Лазаров.
Од МАНО очекуваат во иницијалната фаза сите сенатори кои одлучуваат за
истите активности да се запознаат со вистината за македонските вредности, а
во втор план тие ќе организираат состаноци и презентации со повеќе сенатори,
каде ќе настојуваат на конкретен план да ја промовираат македонска
резолуција.
Во Америка постојат повеќе македонски здруженија. А прашањето зошто тие
не се обединат во една организација, бидејќи само на тој начин би биле
посилни во она што го бараат, е проблем кој долго време ја мачи македонската
јавност. Ставот на првиот човек на МАНО, во однос на ова прашање е дека е
дојдено времето во коешто младите генерации, предводени од желбите на своите
родители и потомци, ќе го направат својот чекор да се обединат и во своите
идеи и иницијативи.
Од гледна точка на МАНО ние застанавме на ставот на отворена политика кон
сите наши цркви, институции и како еден од своите приоритети го ставивме
работењето на МАНО како на обединувањето на сите македонси организаци и
друштва, така и на она што значи организирано претставување на Македонската
заедница во САД. Нашата Македонска заедница на некој начин е веќе обединета
со единствената Канадско-американска црковна епархија каде што имаме околу
30 наши црковни заедници, Македонска Конвенција, која се организира секој
четврти Септември со цел традицијата и понатаму да продолжи. Доколку првиот
степен е религиозното обединување, ние продолжуваме да го градиме вториот
степен - обединување на повисоко институционално ниво.
Македонците во Чикаго и Македонците во Индијана и околината се добро
организирани во социјалните и културните активности. Во јавниот и
политичкиот живот се раѓаат луѓе на наши иселеници, кои со своето успешно
образование се во позиција активно да учествуваат во социјалниот и
културниот живот. Едно светилиште од каде што извира целокупната
организираност на Македонците се македонските цркви во Илиноис и во Индијана.
Во Илиноис постојат две црковни заедници: црквата "Свети Кирил и Методиј" и
црквата "Света Петка", а во Индијана црквата "Свети Петар и Павле" кои се
водечки во организирањето на културниот и социјалниот живот на Македонците
преку свои програми и активности. Како и сите Македонци и Македонците од
Америка се загрижени за состојбите во Македонија и се трудат да помогнат на
свој начин.